Љутков најави за утре средба со синдикатите пред најавениот протест пред Министерството за култура


Фото: Б. Грданоски

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во врска со колективниот договор за култура, информираше дека постапката е во фаза на преиспитување и дека ќе следат разговори со синдикатите.

– Прво, не е укинат колективниот договор за култура туку Уставниот суд донесе одлука за преиспитување. Уште денеска испративме порака до синдикатите и веќе утре работната група која што веќе постои од претходно ќе ја реактивираме и утре ќе имаме заеднички состанок. Не би давал одвоени мислења се додека не се сретнеме со синдикатите и да донесеме речение како ќе одиме понатаму. Средбата е планирана за утре попладне – изјави Љутков денес при посетата по повод почетокот на реконструкцијата на улицата „Самарџии“ и уште пет помали краци во Старата скопска чаршија.

Колективниот договор за култура повторно стана точка на судир меѓу државата и вработените во овој сектор, откако Синдикатот на културата на Македонија најави протест за 16 април (четврток) напладне пред Министерството за култура. Поводот е непочитување на колективните договори и институционално игнорирање на културните работници, но во суштина протестот доаѓа во момент кога Уставниот суд веќе отвори постапка за оценување на уставноста и законитоста на договорот, а синдикатот тврди дека уметниците и вработените се дополнително оштетени и со годинашната пресметка на платите.

Која е највисоката плата во Културата? Уставниот суд вели 128.000, а синдикатот тврди 88.900 денари

Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, за Телма рече дека со зголемувањето на минималната плата процентот на оштетување на платите годинава пораснал на околу 6 отсто, по минатогодишните околу 3 отсто, а синдикатот тоа го чита како продолжување на истиот проблем во нова форма.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков за Телма изјави дека министерството и по трет пат дало позитивна оценка за Колективниот договор за култура, но истовремено порача дека договорот е со изминат рок и не соодветствува на реалните потреби, па ги повика синдикатите да седнат на маса за нов текст. Тој исто така тврди дека со сегашната пресметка платите во културата се зголемени за 12 отсто. Но токму тука се разминуваат двете страни: таму каде што министерството гледа основа за нов почеток, синдикатот гледа ризик старите права да бидат релативизирани, а таму каде што Владата гледа процент на покачување, културните работници гледаат намалување на она што реално им следува.