Лековитите својства на јаткастите овошја: Извор на енергија и против несоница


Есента е тука да нѐ потести на јаткастите овошја, кои се неизбежен дел од човечката исхрана, со голема здравствена вредност за човечкиот организам. Тука спаѓаат оревите, бадемите, лешниците, костените, кикириките, фстаците и многуте други видови кои што не растат во овие краеви, како индиските или бразилските ореви.

Богати со омега 3 масни киселини, многу протеини и масти, тие се одличен извор на енергија и помагаат кај одржувањето на добрата ментална состојба, во зајакнувањето на косата, ноктите и косата, потоа добрата работа на кардиоваскуларниот систем и делуваат благотворно на сонот. Можете да ги користите сурови, во облик на грицки и да ги намалите штетните последици од ужината која што е процесирана и има голем процент на шеќер и сол. Од друга страна, пак, можете да ги користите и при готвењето, цели или мелени, со што ќе ги збогатите своите рецепти и ќе имате здрав извор на протеини, витамини и минерали.

Орев

Оревот е познато дрво со јаткаст плод, кој што изобилува со многу хранливи материи, витамини и минерали, како магнезиум, фосфор, бакар и манган, а згора на тоа изобилува со омега 3 масни киселини и линолеична киселина. Одличен извор на протеини кои делуваат благотворно во намалување на апетитот. За оревот знаеме дека ја подобрува работата на срцето со намалувањето на таканаречениот лош холестерол, кој што е главен ризик при срцевите заболувања.

Всушност, неговото благотворно дејство се проширува врз целиот организам и тој помага и во белодробните болести, при заболувањата на тироидната жлезда и ја прочистува крвта. Богат со витаминот Ц и Е, тој е одлична храна и за бремените жени. Се користи неговиот плод, јатки и лисја во различни намени, сирупи и тинктури. Младите ореви се користат за тинктури, а лисјата од оревот за чаеви против цревни паразити, лек против анемија и др.

Добро е да се знае дека не е потребна голема количина за да постигнете благодет, туку само неколку оревчиња неколку пати дневно и вие ќе бидете здрави. Редовното јадење на ореви може да го подобри квалитетот на сонот, поради амино киселината наречена триптофан, бидејќи таа помага при создавањето на серотонин, хормон кој што го подобрува расположението и го продлабочува сонот. Дневната количина треба да изнесува околу 35 – 45 гр, без да се зголеми телесната тежина.

Бадеми

Бадемот е дрво кое што дава високо калоричен плод, а постојат два вида на бадем: горчлив и сладок. Слаткиот бадем е за користење и не содржи токсични материи, а ако избегнувате користење на млеко, тогаш бадемовото млеко е одличен извор на калциум, минерал кој што е задолжен за добро здравје на коските. Оние личности кои што се под пролонгиран напор и им е потребен дополнителен извор на протеини, како трудниците, возрасните лица и реконвалесценти, потоа и спортистите би можеле да го користат бадемот и неговите продукти, бидејќи тој ги релаксира крвните садови и така ја олеснува циркулацијата.

Богат извор на селен, магнезиум, целулозни влакна, како и витамин Е, помага и во регулирање на телесната тежина, ја поттикнува работата на црниот дроб и помага при отстранувањето на отпадни материи. Се користи листот, кората и плодот од бадемот, а се изработува и бадемово масло кое што ја подобрува дигестијата, го лекува акутното и хроничното воспалување на дебелото црево, но се користи и надворешно, како мелем против некои видови на рани или егземи.

Горчливиот бадем содржи амигдалин или таканаречен витамин Б 17, кој што е одлична заштита во борбата со малигните заболувања. Секако, за користењето на овој вид на производ, потребно е да се консултирате со својот матичен лекар, кој што ќе ви објасни кој е најдобриот начин да го конзумирате. Богат со магнезиум, тој е одлична поддршка при промоцијата на здрав сон, со што се намалува хроничната инфламација и се намалува стрес хормонот кортизол.

Лешници

И ова е растение кое е широко распространето во овие региони, а кое што има плод за кој што се вели дека содржи повеќе омега 3 дури и од лососот. Користен и од страна на возрасните, но и од децата, тој е одличен додаток во борба против авитаминозата, анемијата и ревматизмот. Богат во калории, протеини, јагленихидрати, витамини и минерали како калциум, манган и железо, лешникот се користи кај повеќе видови на заболувања, бидејќи го забрзува метаболизмот, а со тоа работата на срцевиот мускул и циркулацијата. На тој начин поволно делува врз работата на мозокот и ја освежува меморијата.

Во облик на мед, сиров плод или масло, лешникот има широка примена, па се препорачува и кај белодробните болести односно кашлицата, болестите на жолчката, како и прочистување на уринарните патишта. Маслото е одлична заштита кај заболувањата на тироидната жлезда. Од друга стна пак, маслото се користи и во козметичката индустрија, бидејќи ја подобрува состојбата на кожата, го промовира растот на косата и ноктите, а има антибактериско и антисептичко дејство.

Од листовите на лешникот се приготвува чај кој што се користи при закрепнување на организмот, ублажување на тегобите на астмата, потоа при поткрепување на дигестивниот систем со подобрување на работата на желудникот и црниот дроб, а помага и кај варикозните вени, односно како облоги кај проширените вени. Еден филжџан дневно е одлична количина на лешници со што ќе го коригирате холестеролот.

Ирена Танчева