Лекот за економијата е ист како и за корона вирусот – интервју со Борче Треновски


Борче Треновски

Во основа неопходен е континуиран надзор од Владата и постојана фискална и структурна поддршка во секторите кои ќе покажуваат особено лоши симптоми, се надеваме дека нема да ни треба апарат за дишење, вели универзитетскиот професор, д-р Борче Треновски

Мирче Јовановски

Професоре Треновски, дали мерките кои ги објави Владата за помош на стопанството се навремени, или пак требаше да се донесат порано?

Како прво, беше време да се излезе со конкретни мерки од страна на Владата, имајќи предвид дека постојано растеше неизвесноста и притисокот од бизнис заедницата. Претходната недела бевме на ТВ дебата со вицепремиерката Царовска и тогаш таа изјави дека ќе чекаме до април. Меѓутоа, јасно беше дека не може да се чека до тогаш, имајќи предвид дека штетите, пред се во директно погодените сектори, почнаа да се чувствуваат и притисокот од бизнис секторот стануваше се посилен. Покрај тоа последиците почнаа да се чувствуваат и во други сектори кои не се директно поврзани со директно засегнатите. Сите услуги, дури и сметководителите, колонијалите, фризерите и помалите дуќани веќе во извесна мера ги чувствуваат последиците. Економијата и трансмисијата на негативните и позитивните шокови низ неа се специфични и зависат од структурата на секоја економија – при економско нарушување е најважна брзата реакција затоа што дел од пазарните сегменти „запираат“ (како Берзите итн.) со самата најава или информација за влошување на економската ситуација. Лекцијата од економските кризи е дека колку порано се делува, толку ефектите од кризата и шокот ќе бидат помали и ќе се излезе побргу од неповолната економска ситуација. При дефинирање на пакетот на мерки, покрај неговата структура од исклучителна важност е истиот да биде: навреме дозиран да ги пресретне проблемите, добро искомунициран со јавноста да ги стабилизира очекувањата, фундиран на колку што е можно пофрекфрентни состаноци и координација со бизнис секторот и во понатамошната фаза да се опфатат речиси сите сектори затоа што почнува да станува се потешко да се утврди кој се е погоден од „вирус“ економијата. Другата важна лекција е дека не треба да се чека негативните ефекти да станат премногу очигледни – тогаш е веќе доцна – треба во рамките на можноста, покрај постојните да се отворат низа условни/отворени начини на економска инфузија во македонската економија – со цел самата да ја определува потребната доза за стабилизација.

Како ги оценувате донесените мерки?

Она што е посебно значајно е дека акцијата е координирана – излегоа и вицепремиерката за економски прашања, и министерката за финансии и гувернерката на Народна банка. Тоа е убава порака. Со мерките се таргетираат најпогодените сектори, тоа е првата одбранбена линија што ја имаме. Се таргетираат две основни работи, кои исто така се многу важни – првата е да се остават отворени фирмите кои се погодени и второ, да се заштитат работниците, односно да се задржат на работа. Секако, различен е интензитетот на секоја од овие мерки. Народната банка исто така ја намали основната каматна стапка – и се разбира тоа ќе има соодветен ефект на расположливата ликвидност. Значаен ефект ќе имаат другите мерки кои ги најави гувернерката, за задолжителната резерва и за резервациите кон определени кредити. Насоката во која се донесени економските мерки е соодветна – меѓутоа нивниот интензитет е се уште недоволен за да ја даде потребната сигурност на бизнис секторот и на економијата. Затоа ми дава надеж изјавата на Владата и Министерството за финансии дека овој прв сет на мерки набрзо ќе се зајакне. Иако секоја економија има своја специфика, сепак еден дел од кажаното можеме да го утврдиме и од генерална споредба со дел од мерките превземени од земјите од регионот. Словенија генерално има две мерки – првата е закон за одложување на кредитите на компаниите до 12 месеци, а втората е субвенционирање на платите на компаниите кои нема да можат да обезбедат плата односно работа за 30 отсто од своите вработени во износ од 40 отсто од просечно исплатената плата во последните три месеци (компаниите се обрзани да исплатуваат 80% од просечната плата за сите вработени). Хрватска менува 13 закони и во постапка се 63 мерки за помош на економијата од директна помош за најпогодените сектори, обезбедување минимална плати за оние кои прекинале со работа, до мораториум за кредитите за бизнисите и граѓаните. Србија веќе донесе мерка за мораториум за сите кредитни обврски на стопанството за 90 дена и во постапка е пакет за задржување на работните места.

Што може тогаш, да се направи повеќе и кај нас за да им се помогне на фирмите и на граѓаните?

Имајќи ја спецификата на кризата и нејзините силни ефекти и на страната на понудата и на страната на побарувачката – лекот за економијата е ист како и за корона вирусот – континуиран надзор од Владата и постојана фискална и структурна поддршка во секторите кои ќе покажуваат особено лоши симптоми, се надеваме дека нема да ни треба апарат за дишење. Дополнителните мерки кои не се исклучуваат едни со други би требало да одат во три кругови – директна борба со епидемијата, помош на директно погодените сектори и поддршка на пошироката економија. Истите тие мерки треба да имаат предвид три критични точки/трошоци кои ги имаат бизнисите – капиталните трошоци кои сега не постојат, трошоците кон банките и останатите доверители и оперативните трошоци каде што се ликвидноста и платите и вработените. Кај населението, пак, критични точки се – здравјето, работните места, платите и понудата на добра и услуги.

Во овој контекст мерките генерално може да се зајакнуваат во неколку насоки: обезбедување дополнителна фискална поддршка во здравствениот сектор за директно запирање на епидемијата (поддршка за здравствените институции, здравствените работници, општините, поедноставување на процедури и барања итн.); разни начини на релаксирање на минатите долгови, кредити и камати на бизнисите, односно населението – на пример дополнителни договори со банките за организирано одложување на кредитните обврски за сите компании за минимум 90 дена итн.; мерки за обезбедување на ликвидност преку директни кредитни линии, посебни фондови за поддршка, даночни олеснувања итн.

Иако плаќањето на придонесите во износ од 50 отсто за почеток е солидна мерка, имајќи предвид дека се уште нема податоци за трошоците кои ги имаат фирмите поради кризата, се повеќе ќе станува јасно дека понатаму и оваа мерка би можела да се зајакнува. Во оваа насока најважниот дел кој ќе биде тешко да го избегнеме и во која насока ќе треба да се движат идните мерки ќе биде потребата од директна поддршка за обезбедување не само на придонесите туку и на платите во секторите, односно претпријатијата (доминатен број на мали и средни бизниси) кои нема да бидат во можност да ги задржат своите вработени – а во периодот кој доаѓа ќе се појават такви. Тука обично земјите применуваат мерки за субвенционирање на процент од просечната плата или исплата на минимална плата од државата. Ова ќе има ефект на зачувување на работните места, релаксирање на бизнис околината и поттикнување на побарувачката со цел одржување на економскиот циклус.

Интересно е да напоменеме дека уште пред да ескалира кризата со корона вирусот и последиците врз економијата, ние случајно направивме една работа која се покажа позитивна. Тоа е предизборниот буџет, односно зголемувањето на минималната плата и платите во одделни сектори. Тоа е еден фискален, односно социјален стимул, пред се на страната на ефективната побарувачка и тоа пред да избие кризата со корона вирусот. Ако занемариме (со обезбедената фискална поддршка) дека во оваа ситуација ваквиот износ на минамална плата е дополнителен товар на кревката економска состојба во моментов во бизнис секторот – ваквите мерки можат да го ублажат ударот на кризата врз широка маса луѓе, врз домаќинствата итн.

Дополнително, затворањето на границите и ограничувањата кај синџирите на снабдување и понатаму ќе влијаат врз ефективната побарувачка, значи врз нашиот извоз, врз странските инвестиции кои влегуваат во нашата земја, но и врз инвестициските одлуки на бизнис секторот. Оттука ќе бидат потребни дополнителни мерки за зајакнување на довербаата и за олабавување на овие проблеми кои дополнително ќе ја комплицираат состојбата.

Стопанствениците реагираат дека во однос на нивните барања, износот од 5,7 милиони кредитна бескаматна линија, како и дополнителните 6 милиони и субвенционирањето на придонесите се симболични мерки. Каков е вашиот коментар?

Вакви бескаматни кредити или кредити со многу ниски камати се применуваат и во многу други земји, иако таму кредитните линии се многу поголеми. Останува дилемата дали е доволна сумата од 5,7 милиони евра. Имајќи предвид дека има голем број бизниси (во угостителството, во транспортот и во други сектори) кои се засегнати и кај кои се потребни многу поголеми средства, бескаматни или со поволна камата, мислам дека во догледна иднина мерката ќе треба да се ревидира, или да се дополнува. Како поддршка на оваа констатација е споредбата на сумата која стои на располагање во споредба со бројот на деловни субјекти во 2018 год. кои се наоѓаат во дејностите за сместување и сервисни дејности со храна (4.597), Транспорт и складирање (5.667), Уметност забава и рекреација (1.404) и Други услужни дејности (4.804) – и имаат доминатно од еден до девет вработени. Покрај ова треба да го имаме предвид и фактот дека со кризата не се зафатени само директно погодените сектори, туку и други дејности кои не треба да бидат дискриминирани. Вчера слушнав сведоштво дека микро бизнис кој снабдувал фризерски салони со препарати има намалување на прометот од 1.200.000 денари на само 300.000 денари во месецот – а тоа понатаму ќе се влошува. Исто така деновиве имаше изјава на сопственикот на еден од најголемите хотелски капацитети кај нас, кој зборуваше за направените инвестиции и за кредитни трошоци кои сега ги има, а поради кризата со корона вирусот уште повеќе ги чувствува и веќе има загуби од околу 2 милиони евра. Покрај тоа истиот вработува околу 200-250 луѓе и во таа смисла, мерките кои ги објави Владата од 15, 20 до 30 илјади евра за фирми до 250 вработени се многу скромни.

Во нашата земја доминатниот дел од деловните субјекти се многу мали и средни бизниси, семејни бизниси, каде што работат по неколку луѓе и во ситуација кога дел од директно погодените фирми имаат нула работа, кај истите не се товар само придонесите, туку и платите. Кај истите ликвидноста пресушува за 3-4 недели и истите се исправени пред предизвикот да прекинат со работа, ги отпуштат работниците и чекаат подобри времиња. И доколку би земале кредит, согласно понудената кредитна линија, би можеле да ја продолжат својата сага за уште еден месец. Затоа фискалниот пакет, како што веќе најавуваат и од Министерствот за фиансии, ќе треба да биде многу поголем и поширок со цел навреме да се задржат работниците и да запре трендот на принудни одмори или привремено отпуштање од работа. Посебно што неизвесноста во секторите како туризам или угостителство нема да биде во траење од само месец – два, туку мислам дека ќе биде целата сезона. Дури и пандемијата да заврши во мај-јуни, поради негативните очекувања и инерцијата од тие очекувања, најверојатно и во наредните пет, шест, или седум месеци иницијалната побарувачка во овие сектори ќе биде слаба.

Едно се барањата и потребите на стопанството, а друго можностите на Буџетот. Колку Буџетот е во состојба да одговори на вакви ситуации?

Во контекст на Буџетот мора да имаме предвид колку ќе трае оваа криза. Затоа креаторите на политиките се особено внимателни во најавата на новите економски мерки и се уште калкулираат и анализираат што носи периодот пред нас. Ако го земеме оптимистичкото сценарио за траење на кризата од неколку месеци, тогаш не е премногу загрижувачко и можеме да излеземе со неколку лузни. Меѓутоа ако кризата потрае шест месеци или една година, тогаш состојбата е поинаква. Веќе ќе биде намалена ефективната побарувачка за голем дел од производите, освен за клучните прехранбени производи и некои други. Во таков случај ќе има силен фискален ефект на страна на јавните приходи – ќе се намали увозот, значи и приходите од акцизи и од царините, а од друга страна ќе се намали побарувачката, ќе има помалку приходи од ДДВ, намалената вработеност ќе ги намали и другите приливи од платии добивки итн. Има веќе најави за глобален пад на економската активност, како и пад кај нашите најголеми трговски партнери што може да има ефекти на нашиот извоз, пад на домашната извозно ориентирана економска активност и намален девизен прилив. Нарушената глобална доверба и неизвесност исто така ќе одложи голем дел од инвестициските одлуки и странските директни инвестиции. Во моментот се уште зборуваме за Македонија како земја со средно ниво на задолженост и стабилен финансиски сектор, меѓутоа кај малите и отворени економии кои зависат од странската ефективна побарувачка, ситуацијата лесно може да се влоши. Ако се влоши ситуацијата кај нашите странски партнери, ќе се влоши и нашата финансиска состојба и фискалниот капацитет. Од една страна е фискалниот капацитет, односно јавните приходи, а од друга се барањата за фискален стимул за поддршка на бизнис секторот и на домаќинствата. Очигледно ќе треба да се балансира мудро. Сепак за економското здравје како и за здравјето на економијата треба навреме да се делува со расположливите мерки. Не треба да заборавиме дека и периодот по кризата ќе биде исто така еден тест и предизвик, имајќи предвид дека ќе дојде време за наплата, односно враќање на одложените кредитни и даночни обврски на компаниите, како и време кога преку даночни обврски или нов „Корона“ данок ќе мора да се пополни дупката во Буџетот.

Во такви околности, дали задолжувањето може да биде една од опциите? Претседателот Пендаровски во ТВ интервју рече дека можеби ќе треба да се задолжиме 500 до 700 милиони евра. Тоа е огромна сума пари.

Во однос на задолжувањето, нивото на јавниот долг е околу 50 отсто од БДП, што е се уште средно ниво на задолженост, но истото имаше драстичен раст во изминатиот период и е двојно поголемо од периодот пред Големата економска криза о 2007 година. Како што споменав, кај малите отворени економии, како што е нашата, фискалната состојба и параметрите кои ги имаме можат да се влошаат релативно брзо во вакви кризи. Така што, и нашиот фискален капацитет да се задолжуваме, со влошување на ситуацијата може да се намали. Добро е што ММФ ги отвори тн. Имерџенси, односно итни линии, каде што може да се задолжиме под поволни услови за да се надмине платно билансна криза или криза во Буџетот. Од Министерството за финансии веќе најавија дека разговараат за дополнителна кредитна подршка и од Светската банка и ЕБРД итн. Во моментот имаме поволен кредитен рејтинг и солиден потенцијал да се задолжиме доколку постои итна потреба, иако цената по која може да се направи тоа ќе зависи и од глобалните финансиски пазари. Но, многу е важно да се направи анализа на конкретниот буџет, да се направат прераспределби или можеби да се размислува за ребаланс. Значи, да се отвори дебата и во таа насока, да видиме што можеме од внатре да реформираме, да пренамениме, па потоа да размислуваме за конкретно задолжување – како што треба дебата и за што ќе го искористиме. Ова задолжување во тековната ситуација ќе биде единствено издржано ако се употреби за да не дозволиме значајно нарушување на еконмската околина во земјава, бидејќи тоа ќе влијае и на Буџетот, на јавните приходи, но ќе влијае и на капацитетот да го враќаме долгот во иднина. Така што, мора да играме многу мудро.