Латинскиот патријархат во Ерусалим: Споредувањето на Трамп со Христос е богохулно и неприфатливо


Генералниот викар на Латинскиот патријархат во Ерусалим, бискупот Вилијам Шомали, изјави за агенцијата Анадолија дека чинот на американскиот претседател Доналд Трамп со кој се споредува себеси со Исус Христос е „неприфатлив“.

Трамп, на неговиот налог на социјалната мрежа Трут Соушл објави фотографија генерирана со вештачка интелигенција и во која е прикажан Трамп облечен во бела тога со светло црвена наметка во центарот на настанот, допирајќи го челото на болен човек во болнички кревет со својата „лекувачка“ рака, од која зрачи светлина.

„Претставници на народот“ се собрани околу него: млада жена која се моли, постар маж кој носи капа, медицинска сестра која восхитено го гледа Трамп и млад војник во униформа.

Позадината на фотографијата е полна со национални и воени симболи. Над главата на Трамп, од златните облаци осветлени од светлина, се појавуваат фигури на војници со кренати раце во знак на победа, додека над нив летаат три борбени авиони. Статуата на слободата и огнометот може да се видат од десно, додека американското знаме и два белоглави орли во лет доминираат од лево.

– Ако го сметаме Исус Христос за идол, тогаш треба да го имитираме преку неговата понизност, духот на служење и саможртва, а не преку желбата за доминација, авторитет и маргинализација на другите – истакна Шомали. Тој додаде дека проблемот е во тоа што Трамп се обидува да се претстави како „надчовечка и голема фигура“, што Црквата го отфрла.

Бискупот нагласи дека однесувањето на претседателот за време на војната со Иран ги прекршува основните христијански принципи, особено заповедта за љубов кон ближниот.

Шомали ја потврди позицијата на Ватикан и на повеќето американски бискупи против војната, поддржувајќи го папата Лав XIV по острите напади од Белата куќа. Реакцијата доаѓа откако Трамп го нарече папата „слаб“ и сподели фотографија генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан како Исус, што предизвика силен револт кај христијанските водачи во Светата Земја, наведува Анадолија.