Културните работници вчера седнаа на маса со Љутков. Денес протестираа пред Министерството


Културните работници денеска излегоа на протест пред Министерството за култура, барајќи да се почитува колективниот договор и достоинството на професијата, информира Синдикатот на културата на Македонија. На собирот беа истакнати транспаренти со пораки за зачувување на колективниот договор и за подобрување на условите во секторот.Протестот следуваше откако вчера во Министерството за култура и туризам седнаа на заедничка маса со министерот Зоран Љутков.
„Остварив средба со претставници на Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ) и на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), на која ги направивме првичните чекори за откочување на преговорите околу Колективниот договор во културата.На средбата ја истакнавме заедничката подготвеност за продолжување на дијалогот и за изнаоѓање прифатливи решенија во интерес на вработените во културниот сектор. Очекувам разговорите да продолжат и во наредниот период со поинтензивна динамика, изјави вчера по средбата, ресорниот министер.

Колективниот договор за култура повторно стана точка на судир меѓу државата и вработените во овој сектор, откако Синдикатот на културата на Македонија го најави протестот за денеспред Министерството за култура. Поводот е непочитување на колективните договори и институционално игнорирање на културните работници, но во суштина протестот доаѓа во момент кога Уставниот суд веќе отвори постапка за оценување на уставноста и законитоста на договорот, а синдикатот тврди дека уметниците и вработените се дополнително оштетени и со годинашната пресметка на платите.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков претходно изјави дека министерството и по трет пат дало позитивна оценка за Колективниот договор за култура, но истовремено порача дека договорот е со изминат рок и не соодветствува на реалните потреби, па ги повика синдикатите да седнат на маса за нов текст. Тој исто така тврди дека со сегашната пресметка платите во културата се зголемени за 12 отсто. Но токму тука се разминуваат двете страни: таму каде што министерството гледа основа за нов почеток, синдикатот гледа ризик старите права да бидат релативизирани, а таму каде што Владата гледа процент на покачување, културните работници гледаат намалување на она што реално им следува.

СДСМ и ЛДП им дадоа целосна поддршка  на културните работници кои денес излегоа на протест, повикувајќи ги надлежните институции да влезат во дијалог со засегнатите страни и да понудат конкретни решенија.