„Кула крај море“ – Влада Урошевиќ има нова поетска збирка
„Кула крај море“ е една од најзрелите и најмистично градени поетски збирки на академик Влада Урошевиќ. Синтеза на речиси сите негови опсесии: митот, сонот, симболот, метафизиката, морето и огледалото на зборот. Збирката е подредена како серија визии, секоја песна како камен во мозаикот на едно големо алегориско градење – кулата како место на созерцание, чекање и создавање.
Песните се поделени во пет тематски циклуси и досега не биле објавувани во книга на Влада Урошевиќ. Ликовните прилози се на Марко Трпески.
Збирката е најавена како саемски новитет, ќе се промовира на штандот на „Антолог“, за време на Саемот на книгата кој ќе се одржи од 23-29 април во Арена „Борис Трајковски“.
Влада Урошевиќ е роден на 17 октомври 1934 година, во Скопје. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“.

Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 година и член на Македонскиот ПЕН- центар. Исто така, тој е член на МАНУ (од 1997 година), како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург.
Академик Урошевиќ важи за еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, фокусиран врз истражување на чудесното, фантастичното и надреалното. Освен со пишување, Урошевиќ се занимава и со преведување. Тој ги има препеано најзначајните руски и француски поети на македонски јазик. Има објавено над 50 книги: поезија, раскази, студии, критики и есеи, антологии и романи. Добитник е на најпрестижните книжевни награди: „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, „Младост“, „Нолит“, наградата на Турскиот ПЕН „Халид Един Адивар“ (2007), „Стале Попов“ (2006), орденот на московската организација на Сојузот на руските писатели „Сергеј Есенин“, како и „Роман на годината“.
Во 2023 година, покрај наградата „Роман на годината“, академик Урошевиќ го доби и врвното поетско признание „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и беше прогласен за автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.