Ковачевски и Петков се сретнаа за да заклучат дека работите се заглавени

Софија сака да има канцеларија кај Народниот правобранител која ќе го следи говорот на омраза и ако е можно, членовите на оваа комисија да се од бугарската заедница


Малку насмеани лица на средбата во Рим

 

Нема ништо што би можело да се каже дека односите меѓу Бугарија и Македонија се помрднаа од замрзнатата точка во која повторно западнаа последните месеци и по денешната средба на двајцата премиери Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Рим. Тие се сретнаа за време на чествувањето на браќата Кирил и Методиј и заклучија дека во овој момент нема напредок во односите меѓу двете земји што би можело да значи дека Софија ќе го крене ветотот во ЕУ. Ковачевски и Петков ги слушнаа излагањата на двајцата министри за надворешни работи, Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои информираа, секој од своја гледна точка, до каде се преговорите на експертските тимови меѓу двете министерства.

„Во овој момент не можам да кажам за тоа дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри“, изјави Ковачевски по средбата.

Според македонскиот премиер, тие воопшто не разговарале за тоа дали има нови услови од Бугарија. „Се работи на оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои португалскиот предлог, којшто е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ. Со оглед на тоа додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок“, рече Ковачевски. Тој нагласи дека средбата била исклучително конструктивна и дека разговарале на повеќе теми.

Ковачевски не сакаше да зборува за очекувања од јунскиот самит на ЕУ и не сака да се врзува за датуми, затоа што Македонија долго време била заложник на датуми, а одлуката, сепак, зависи од 27-те земји членки на ЕУ.

„Без разлика на исходот во јуни, Владата и државата имаат многу јасен план на што ќе се работи во идниот период, а без разлика на исходот ние сме соседна држава со Бугарија, имаме отворени прашања кои ќе треба да бидат адресирани“, рече Ковачевски. 

Петков во изјавата за бугарските новинари, сепак, спомна и некаков нов услов. Тој рече дека Бугарија сака „Северна Македонија да има канцеларија кај Народниот правобранител или друга институција која ќе го следи говорот на омраза и ако е можно, членовите на оваа комисија да се од бугарската заедница“. Тоа барање би ги ставило македонските Бугари пред сите други етнички заедници во државава и би предизвикало општествено триење, па дури и големо незадоволство.

Бугарскиот премиер повеќе зборуваше како очекува претседателот Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за да може да се разговара за напредокот во преговорите меѓу Софија и Скопје што би резулирало со кревање на бугарското вето. Радев сѐ уште не одговара потврдно за на таквата „замолница“ од премиерот.

Според Петков, многу од министерствата веќе направиле многу нешта заедно, иако фокусот вообичаено е врз ветото. Тој најави дека, без оглед на одлуката на Радев за Советот, ќе се сретне со коалициските партнери за да разговара за Македонија.

„Не се обврзавме на никакви рокови, единственото нешто на што се обврзавме е да го задржиме добриот тон, а министерствата за надворешни работи да продолжат да работат. Ветивме дека ќе го задржиме конструктивниот тон. Очекуваме во наредните недели и месеци различни групи ,кои не сакаат добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, да се обидат да предизвикаат провокации“, рече Петков околу деталите од средбата.

Инаку, премиерот Ковачевски, заедно со членовите на македонската делегација, положи цвеќе пред спомен плочата посветена на делото на светите браќа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

„Во оваа базилика на Санта Марија Маџоре папата Адријан Втори во 868 година ги освети донесените словенски книги во Рим од светите браќа Константин Кирил и Методиј, создавачите на словенската писменост. Од благодарниот македонски народ“, гласи текстот во чест на Свети Кирил и Методиј, што на македонски јазик, заедно со италијанскиот, е испишан на спомен плочата поставена во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.

Во деветтиот век базиликата Санта Марија Маџоре била времено седиште на римскиот папа сѐ додека папската резиденција не била преместена во палатата во Ватикан, каде се наоѓа и денес. (Н.В.)