Ковачевски: Државата нема да дозволи ценовен шок


Триесет години не е инвестирано во македонскиот енергетски сектор. Нашите капацитети се стари, од поранешна Југославија. Но, државата има механизми да спречи ценовен шок, како и финансиски средства во Буџетот со кои ќе ја менаџира кризата, вели заменик-министерот за финансии и кандидат за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Во гостување на ТВ Сител, Ковачевски повтори дека веќе им се прфлрени четири милијарди денари на енергетските комапнии за снабдување  и производство на електрична енергија.

– Дадени се и задолженија сите енергетски капацитети, во Битола, Осломеј и Неготино, да бидат пуштени во употреба, рече Ковачевски, потенцирајќи дека државата нема да дозволи ценовен шок.

Во однос на корона пандемијата, Ковачесвки истакна дека вакцинацијата е приоритет, додека за актуелните реформи во образованието што ги спроведува министерката Мила Царовска е дециден, дека носењето на сите законски измени треба да биде низ инклузивен процес.

– Кога се воведува нешто ново, секогаш постои отпор, особено кога се работи за дигитализација сите страни имаат страв. Затоа мислам дека секоја ваква реформа мора да се направи врз основа на инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, сите треба да се согласат и да ја разберат реформата, да ја сфатат импликацијата од неа и да се влезе во нејзина финална имплементација, рече Ковачевски. 

Околу своите планови доколку би бил прогласен за нов претседател на СДСМ тој истакна дека има високо мислење за сите луѓе во партијата, а би повикал и стручни лица од надвор, кои би работеле за доброто на државата.

„СДСМ го има најдобриот човечки потенцијал во државата. Врз основа на моето искуство во мојата кариера, ќе се потрудам да ги идентификувам најдобрите кадри и ќе привлечам стручни лица од надвор кои ќе можат да преземат одговорност. Тоа е во насока на зголемување на ефикасноста во партијата и во справување со институциите, зголемување на ефикасноста и давање на фер шанса на најдобрите во партијата“, рече Ковачевски.

Дали би ги вратил некои членови чие членство е „замрзнато“, алудирајќи на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Ковачевски само кратко рече:

„Ќе се седне со луѓето со различни мислења, да се извади најдоброто од нив. Ако бидам избран, јас ќе бидам отворен за разговор“, истакна тој.

Околу забелешките дека е недоволно познат во јавноста Ковачески рече дека има 30 години партиски стаж.

-Сум поминал голем број победи и порази со СДСМ. Сум бил дел речиси од сите партиски сектори и луѓето ме знаат. Затоа сметам дека воопшто не треба да ме бараат на Гугл, изјави Ковачевски.

Тој потенцира дека воопшто не е хендикеп што е син на поранешен градоначалник.

„Имам поминато 15 години во корпоративниот и економскиот сектор. Што се однесува за Заев, имам голема почит кон него од причини што ги донесе најтешките одлуки за државата. За неговото останување како премиер, тој кажа дека ќе остане се додека не се оформи парламентарно мнозинство и не се стаблизира. Не би го ограничил временски неговото заминување од „Илинденска бб“, потенцира Ковачевски.

За тоа како се движат преговорите со Алтернатива за влез во Владата, кандидатот за лидер на СДСМ информира дека тема на разговор се уште не била распределбата на ресори и поделбата на директори.

„Не сме дојдени до тоа ниво. Се надевам дека ќе постигнеме договор“, вели Ковачевски.