Кошта: Тоа што е договорено треба да се испорача, ништо повеќе!
За разлика од минатата година Кошта сега избегна да зборува за темата „гаранции“
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по денешниот состанок со премиерот Христијан Мицкоски jа зацементира политиката на ЕУ за нашата држава порачувајќи дека – усвојувањето на договорените уставни измени останува „единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори“ со Европската Унија.
„Како што кажав и пред една година: Она што е договорено, е договорено. И, треба да се испорача она што е договорено во 2022 година и ништо повеќе од она што е договорено. Сето тоа е нормален процес на проширување. Тоа е процес на заслуги, и тоа истото го прават и другите земји-кандидати“, дополни Кошта, избегнувајќи овојпат да зборува за гаранции.
Тој нагласи дека Европската Унија останува најважен партнер на Македонија и на Западен Балкан, но дека нашиот следен чекор кон членството зависи од исполнувањето на веќе преземените обврски.
„Усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците.Единствен начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи“, истакна Кошта.

Според него, Европската Унија обезбедила мир, стабилност и економски развој за своите земји-членки, а проширувањето нуди исти можности и за земјите кандидати.
„Европската Унија е најсигурниот партнер на Западен Балкан и на Северна Македонија. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговски партнер. Остануваме посветени да ве поддржуваме и понатаму, и политички и финансиски“, рече претседателот на Европскиот совет.
Генерално Кошта порача дека „моќта да ја обликувате вашата европската иднина останува сепак во ваши раце“.
Во своето обраќање, Кошта го поздрави и напредокот во спроведувањето на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото и реформата на јавната администрација, како и целосното усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда, кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето“, порача Кошта, алудирајќи на двата документа што Македонија беше обврзана да ги подготви во рамките на подготовките за почнување на преговорите. Тој притоа уверуваше дека проширувањето е заедничка цел, а „иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија“.
Во однос на предлогот на германскиот канцелар Мерц за „придружно членство“ за Украина во ЕУ, Кошта рече дека за предлогот ќе се разговара во Советот на ЕУ, но тој самиот не е сигурен дека е потребен специјален статус за Украина, затоа што Украина многу добро испорачува во делот на реформите.
Кошта објасни дека Мерц верува оти процесот на пристапување со шесте земји од Западниот Балкан е полесен одошто со Украина, и за тоа предлага специјален статус за Украина.
Мицкоски истакна дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат, но нагласи дека земјата очекува принципиелен, кредибилен и предвидлив процес на пристапување.

„Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила и не бараме нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес, во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“, рече премиерот.
Тој посочи дека Владата работи на спроведување на реформската агенда, зајакнување на институциите, стабилизирање на економијата, привлекување инвестиции и подобрување на јавните услуги.
Мицкоски нагласи дека по долгогодишниот евроинтеграциски процес, кај граѓаните постои чувство на неизвесност и потреба од поголема јасност за идните чекори.
„После години чекање, компромиси, очекувања и исполнети барања, природно е граѓаните да чувствуваат неизвесност. Токму затоа денес се потребни лидерство, јасност и доверба“, изјави тој.
Премиерот порача дека европската интеграција не е само политичка тема, туку процес што треба да донесе подобро образование, поквалитетно здравство, поефикасни институции и повисок животен стандард за граѓаните.
„Верувам во партнерски дијалог, во искрен разговор и заемна почит. Но верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да бидат пречка за европската перспектива, туку нејзин составен дел“, нагласи Мицкоски.
Тој се заблагодари за посетата на Кошта и порача дека Македонија ќе продолжи да спроведува реформи и да се позиционира како сериозен и конструктивен партнер на Европската Унија.
Фото:Б.Грданоски