Конзистентност значи одговорност


АНА ПАВЛОВСКА – ДАНЕВА

Пред повеќе години, со другарка ми, пробавме да си ги објасниме причините за масовното иселување од земјава. Причина за ваков разговор беше сè почестото заминување не само на младите туку и на луѓе од нашата генерација, луѓе во средни години, луѓе со израснати деца и со солидни примања. Јас за нив имав разбирање, другарка ми немаше, па некако презирно ме праша што е тоа што кај нас им недостига, а надвор можат да го добијат со истата заработувачка. Ѝ реков – „квалитетот на живеењето“, кој не се добива (само) со пари, излегувања во кафеани и одење на одмори (што се кај нас единствени мерила за квалитетен живот), туку со правната извесност, со можноста да си ја планираш иднината, да си го планираш семејниот буџет, да не си зависен од политика, партии и вести, да го живееш животот за себе наместо за другите. И, најважно од сè – еднаквото важење на правилата за сите, односно, непостоењето и непримената на двојни аршини.
Помина време, мојот став дека живееме според општествени квазивредности кои стануваат сè почест мотив за напуштање на државата остана ист, колку и да се трудам да ги менувам (се разбира, во рамките на можностите што ми стојат на располагање). За жал, ставот на другарка ми еволуираше, па сега и таа тажно констатира дека „овде не ја бива работата“, независно од професијата, од институцијата во која работиме, од училиштето во кое ни учат децата. И не – не мислам со ова да ја искритикувам (само) Владата и во неа да ја лоцирам сета вина за кошмарот што го живееме, туку само се обидувам да укажам на личниот придонес за состојбите на секој општествено свесен граѓанин.
Што направи секој од нас да не дојде до ова? Колку секој од нас (еве, како родител) придонел од 35 деца во класот на своето дете, 35 да завршат одлични? Или, колку секој од нас спречил или се обидел да спречи ваква состојба? Мислите дека ова е небитно, дека не може да се стави во контекст на денешните случувања, афери, криминал, корупција и слично? Јас мислам дека многу е битно и поврзано. Но тоа е веќе сосема друга тема. Јас само сакам малку да се позанимаваме со општествената, покрај политичката одговорност. Во таа насока е и присетувањето на зборовите на еден голем, навистина голем професор по кривично право, чии предавања беа исполнети до последно столче во амфитеатарот на Правниот факултет – каков народ, таква влада!
Да се вратам на двојните аршини кои обесхрабруваат и демотивираат, а притоа имајќи ги предвид актуелните настани во државава. Покрај многубројните пазарџиски и сеирџиски анализи на случајот „Рекет“, покрај секаквите коментари за стручноста, настапот и иднината на обвинителката што раководи со одделението за организиран криминал, се отвори и дебата за иднината на СЈО. Ме поттикна да пишувам на темава следниов искажан став: „Одговорноста треба да биде индивидуална, не колективна“. Ова звучи многу коректно, правнички издржано, најверојатно во овој момент и политички опортуно. Но, овој став искажан особено од луѓе (правници) кои ја претставуваат власта или од нејзини поддржувачи е став скроен по двоен аршин! Тоа е кроење на вистината по сопствена мерка.
Дали ќе бидеме чесни да се потсетиме како настана СЈО? Идејата за специјално обвинителство беше резултат на неработењето, односно на партизираното работење, а тоа во крајна линија е незаконито работење на претходниот републички јавен обвинител. Тој одби да постапува по „бомбите“ на тогашната опозиција. Уште повеќе, самиот тој беше опфатен во дел од бомбите, поранешната министерка за внатрешни работи му го споменуваше името со невидена леснотија кога ветуваше „средување на предмет“. За другите обвинители јавноста ништо лошо, ништо незаконито и ништо непристојно не слушна и не виде. Сепак, тргнувајќи од хиерархиската поставеност на Јавното обвинителство, тоа целосно беше заобиколено (со право) во гонењето на криминалот од прислушуваните разговори и паралелно беше формирано СЈО со ограничено времетраење. На тој начин, индивидуалната одговорност на шефот на тогашното обвинителството прерасна во колективна одговорност на целата институција, иако таму и тогаш имало и сè уште има одлични кадри.
Денес, пак, еднакво застрашувачки по правдата во државата се отвора случај на сомнеж за незаконито и неетичко постапување на шефицата токму на тоа новоформирано, специјално јавно обвинителство. И како сега, во вториов случај, одговорноста ќе биде индивидуална, само нејзина и лична и ќе ја заобиколи институцијата што таа ја предводи? Како може неетичкото, непрофесионално и без интегритет (да не зборуваме за незаконито) однесување на одговорното и раководно лице во еден случај да ја афектира институцијата со која раководи, а во друг случај да нема никакво влијание? Особено ако станува збор за речиси исти институции, и двете поставени врз принципите на строга хиерархија и субординација. Не само што од формален аспект е ова невозможно бидејќи институцијата нема потписник, туку е и нефер во споредба со одлуките донесени и постапките преземени во минатото. Не станува воопшто збор за квалитетот на останатите обвинители, истражители и стручна служба во СЈО. Најголем дел од нив најверојатно се стручни, обучени, квалитетни и професионални. Како впрочем и обвинителите од редовното обвинителство.
И тогаш и сега, мојот став е дека при постоење на специфични, невообичаени, вонредни околности, индивидуалната одговорност речиси неизбежно води кон колективна. Тоа го мислев кога се формираше СЈО паралелно со постоењето на ОЈО. Тоа го мислев и кога се залагав за колективна одговорност на Судскиот совет со кој се раководеше уште полошо, попартизирано и понезаконито отколку со обвинителството. Ете, колективната одговорност го заобиколи Судскиот совет бидејќи политичките елити (можеби под влијание на меѓународната заедница) не прифатија такво решение, но гледаме каде сме со одговорноста на судиите. Истиот став го имам и за СЈО по актуелниве настани. Рокот на траење на институцијата во оној формат во кој постоеше и работеше измина забрзано под влијание на актуелните случувања. Довербата на граѓаните е истрошена. Потребно е нејзино супституирање со друга институција или организациска единица од таков вид, а за квалитетните кадри секогаш ќе има (или мора да сториме сè за да има) место во институциите. Ова е став за кој може да се дебатира, за кој сигурна сум постојат и контрааргументи, но тој е конзистентен.
Неконзистентната политика е најлоша политика. Таа создава нееднаквост и неправда. Таа создава горчина во грлото, дури и кај оние што работат и заработуваат. Таа иселува, и млади и возрасни.