Кој се плаши од ревизија?


Речиси две години Собранието не може да избере главен државен ревизор, иако на конкурсот што беше распишан кон крајот на 2017 година се пријавија 12 кандидати. Процесот е заглавен во собраниската Комисија за избори и именувања, каде што распоредот на сили меѓу мнозинството и опозицијата практично е „пата-пата“, односно шест спрема шест, а одлучувачкиот 13. глас го има пратеникот на опозициската Беса, Фадил Зендели, кој во последниот период е понаклонет кон ВМРО-ДПМНЕ.

Ако до 4 октомври не се најде решение за нов главен државен ревизор, оваа институција ќе се соочи со блокада во работењето, затоа што тогаш истекува и мандатот на заменикот на државниот ревизор Насер Адеми, така што веќе ќе нема кој да ги потпишува ревизорските извештаи, годишните програми за работа и платите за вработените. Мандатот на последната главна државна ревизорка Тања Таневска, пак, истече во декември 2017 година. Таа беше на функцијата десет години, односно беше избрана во 2007 година, кога тогашната парламентарна опозиција негодуваше дека не била соодветна за функцијата. Меѓу 12 пријавени на конкурсот за ДЗР нема попознати имиња, освен Ване Цветанов, кој пред неколку месеци Владата го именува за претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата.

Последните објавени ревизии за регуларност во работењето на државните институции објавени на интернет-страницата на ДЗР се од крајот на август годинава и се однесуваат на Собранието, односно на кампањата за референдумот за името, кој се одржа минатата година ова време. Во тој период е објавен и извештај за финансиското работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во 2018 година, а во јуни завршила ревизијата на државниот буџет за минатата година.

ДЗР е регулаторно тело кое ги контролира и мониторира буџетските трошење и работата на државните и јавни институции, како и финансиското работење на партиите и на единиците на локална самоуправа. Од тој аспект на сегашната опозиција би требало да ѝ одговара оваа институција да продолжи да работи непречено во наредниот период. Но, и покрај тоа, веќе две години партиите од власта и од опозицијата не можат да усогласат име за нов главен државен ревизор.

Во собраниската Комисија за избори и именувања, која ја предводи Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, подолго време е заглавено кадровското екипирање и на други институции и регулаторни тела, за кои изборот оди преку парламентот. Таков е случајот и со изборот на новите совети на МРТ и на АВМУ, за што конкурси беа објавени уште пред распишувањето на претседателските избори во февруари годинава. Всушност, и оваа Комисија уште од 2017 година константно се соочува со блокади во работењето, поради распоредот на сили во неа.

Димовски за вчера закажа продолженија на дури пет седници, на чиј дневен ред беа триесетина кадровски решенија, за кои сè уште нема усогласеност меѓу партиите. Тој ни изјави дека ги закажал седниците затоа што од владејачкото мнозинство, во неколку наврати, бил обвинуван дека е кочничар на изборот на кадри во институциите, пред сè за изборот на нови раководства на АВМУ и на МРТ. Тој потврди дека точките што се на дневен ред не се усогласени меѓу власта и опозицијата, поради што сето ова време се пролонгирало гласањето за нив. Но, поради тоа што го обвинувале дека ги кочи процесите, решил да закаже продолжение на седниците.

Димовски вчера, сепак, ги одложи седниците и им даде рок од уште два дена на координаторите на пратеничките групи за да усогласат прифатливи решенија. Причина за одложувањето на седниците беше и барањето на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ за нејзино вклучување во распределбата на местата во собраниските комисии. Пратеникот Крсто Мукоски од независната пратеничка група реагираше дека не е одговорено на нивното барање да биде направена правилна распределба на пратениците во комисиите, со оглед на новиот распоред на сили во законодавниот дом, односно заминувањето на десетина пратеници од таборот на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски рече дека не е проблем да ги одложи седниците, ама предупреди дека кон него константно е насочен јавниот притисок за затворање на кадровските прашања во битни институции. В петок ќе се бараат кадровски решенија и за други институции, како Дирекцијата за лични податоци, Второстепената комисија за управна постапка, Агенцијата за информации од јавен карактер, но и Судскиот совет. (А.М.М.)