Комплексите на Софија


НАУМ КОТЕВСКИ

Тишината на румената понеделничка зора ја нарушија источно соседските пукотници со ќор-фишеците на историјата. На „чуварите на официјалната историја“, во паничен напад им се стори дека малиот комшија нема да престане недозволиво да им ја злоупотребува – и тоа во време кога се интензивираат сигналите за зголемување на шансите на Северна Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, прилично драматично за рано утрото, свика состанок на државниот врв, небаре се работи за воена состојба, кој резултираше со наметнување „црвени линии“ кои треба да гарантираат дека европската интеграција на земјава нема да биде на сметка на бугарската историја, јазик и идентитет. Условувањето е условно. Софија, како што се изјасни тамошниот политички врв, треба да гласа за датум, но таа поддршка може да се промени во текот на преговорите за одделните поглавја, ако нема напредок во работата мешовитата историска комисија, која во суштина требаше да донесе надминување на националната ексклузивност и посесивност кон минатото, со што историските личности би добиле поврзувачка улога.

Опсегот на недоразбирањата и несогласувањата околу минатото не е точно познат. Јавноста засега е сведок на агресивните и навредливи докажувања на идентитетот на Гоце Делчев во кои се вклучија луѓе од речиси сите општествени сфери во двете земји – од историчари, преку актери, до свежи или подзаборавени политичари.

Но впечатливо е дека македонскиот државен врв засега исклучително мудро се држи настрана од вулканот на политичко-историската расправија со националистички примеси, која не е во духот на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој двете земји го потпишаа пред две години. Тој беше оценет не како вест на денот туку на деценијата, со оглед на лабавите односи и недовербата на релација Скопје-Софија таложена со години.

Владејачката гарнитура, која одигра маестрално на надворешен план, а со Преспанскиот договор и промената на името некалкулантски по цена и на свое харикири стана пример за регионално помирување, паметно ги релативизира заканите од Бугарија тврдејќи дека нема простор за загриженост.

Сепак, ваквите ултиматуми, колку и да се наменети за домашна употреба и изборно опкружување, покажуваат дека балканските политички елити тешко ги напуштаат манипулативните обиди за некаква национално-националистичка хомогенизација, па и преку исцрпувачката битка за историски личности, која и натаму во себе содржи многу количества од филозофијата на крв и територија. И таа значително го намалува просторот за рационален дијалог, па наместо него гледаме застарена политичка и национална инструментализирана еуфорија.

Ултимативниот тон, без оглед колку се во право за Делчев, несомнено покажува дека нашите соседи, или можеби поточно, нивните политички елити не се дораснати на така крупен предизвик што го носи влегувањето во ЕУ, како што е градење макар подносливо модерна и толерантна држава. Пристојна држава, впрочем, не се гради со занемарување, игнорирање, потценување, провоцирање, па и преценување на сопствената самодоверба дека со силата на самонаметнатата балканска надмоќ треба да се дојде до „спасот на националните интереси“. Апсолутната вистина ја имам јас, а другиот може само да ја прифати. Во таа насока, што во крајна линија му фали на ставот на професорот Драги Ѓоргиев, историчар и претседател на македонскиот тим во Заедничката комисија, дека не е потребно да се инсистира на идентитетот на Делчев, туку во овој современ контекст да се потенцира значењето што тој го има за двата народа.

Факт е дека и на двете страни, односно и македонскиот и бугарскиот народ, во суштина се големи жртви на митологизацијата на историјата. Фаталистичкиот однос кон минатото, сосе интелектуалната елита со спремна етногенеза и политичките картографи, никако не може да бидат решение за перспективите на двете земји. Трагикомедијата на држење на луѓето во тешка беда и страв со извртена и страшно политички контаминирана свест не е одбрана на националните интереси, туку кукавичлук да се прифати поинаков, далеку поцивилизиран свет. Наместо бесмислените тепачки кој е бранител, а кој киднапер на Делчев, кој е патриот а кој дезертер, како тажна рутина на животот, треба искрено да се завртиме кон иднината и тоа не само декларативно преку пишани договори.

А иднината е практично, како што добро посочи францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан при обраќањето пред Парламентарното собрание на Советот на Европа што се одржува во Стразбур, демократскиот и социјален предизвик. Односно политичката организација како да се спречи одлевањето на младите луѓе на кои мора да им се овозможат услови за пристоен и цивилизиран живот. За бесмисленоста на македонско-бугарската кавга која е заглавена на „историскиот отпад“ доволно говори една неодамнешна вест – Словенија е трета земја по рециклирање, а Љубљана набргу ќе стане првиот европски град без отпад. Се слушаме ли Софија?