Која е разликата меѓу португалскиот и францускиот предлог за Македонија?

Тоа што повеќето бугарски лидери јавно го поддржаа предлогот на француското претседателство кај нас создава чувство дека тој, за разлика од португалскиот, е неизбалансиран и е во интерес на Бугарија. Дали тие го поддржуваат од тоа што сакаат или што мораат?


 

Околу расправата на Комисијата за надворешна политика на бугарското Народно собрание, на која требаше да се разгледа пакетот на документи што се услов да се одблокира ветото за Македонија, главната дилема е – што со францускиот доби повеќе од португалскиот предлог Бугарија, за да биде мотивиран владејачкиот естаблишмент да рече „да“ за нашите преговори?

Ако се читаат македонските медиуми испаѓа дека францускиот предлог е пораз на нашата дипломатија и целосно на линија на бугарските барања, а ако се читаат бугарските – испаѓа дека условите што ги барала Софија се вклучени во добар дел, но не сите, и нема гаранции дека сите ќе се остварат. Португалскиот предлог беше дочекан како притисок врз Бугарија со цел билатералното прашање да се држи надвор од преговарачката рамка и евроинтеграцијата, додека францускиот се оценува – како најдобар досега за Софија. Бидејќи во Македонија официјално не е стигнат, можеме само да заклучуваме од овие оценки објавени во Бугарија.

Главната причина за реакциите во Македонија е решението за македонскиот јазик иако, споредено со португалскиот предлог, станува збор за истата формула. Како што беше објавено кога излезе предлогот од Лисабон, документот тогаш предлагаше Бугарија да поднесе декларација во која ќе стои нејзиниот став за ова прашање, односно дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека тој во сите идни документи треба да биде сметан „во согласност со Уставот“ на земјава. Од друга страна Македонија требаше да изјави дека македонскиот јазик, како што се именува во Уставот на земјата, е кодифициран во 1945 година, што според тогашниот премиер Зоран Заев е „фактографија“, а според опозицијата бришење на постоењето на јазикот до 1945 година. БГНЕС тогаш прокоментира дека тој факт е признат од македонските власти и дека спорот е за потеклото на јазикот, а не за датумот за негова кодификација, па ова го сметаа за клучен пропуст на бугарските преговарачи.

Сега, според францускиот предлог, како што го објавија бугарските медиуми, се предвидуваат вакви посебни унилатерални декларации да бидат дадени од Бугарија и Македонија на почетокот на првата меѓувладина конференција. Притоа, предлог-преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија предвидува употреба на „македонски јазик“, а Бугарија да даде унилатерална изјава во однос на нејзината позиција и тоа да биде „земено на знаење“ од ЕК.

Исто така, според реакциите тогаш во Бугарија, португалскиот предлог практично ги трансферираше бугарските предлози во Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА), каде не се носат оперативни одлуки и Софија не може да го контролира, не пак да става вета, како што има намера да прави наредните десетина години. Со францускиот предлог, иако директно не се вклучени во преговарачката рамка, решенијата од дијалогот 4+1 кои ќе бидат вклучени во билатералниот Протокол и т.н. Акциски план ќе бидат оценувани од ЕК, а Емануел Макрон и Урсула Фон дер Лајен лично гарантирале дека тоа што ќе стои во нив, ќе биде остварено. Каде ќе бидат двајцата додека траат преговорите и колку на долг рок ќе тежат тие гаранции е друго прашање, поради што Софија инсистира исполнувањето на сите документи да биде запишано како услов во преговарачката рамка, што по сѐ изгледа засега не ѝ успева.

Од друга страна, со оглед на опциите што ги има Софија натаму да ја блокира Македонија (бугарските медиуми избројаа околу стотина) ваквото инсистирање повеќе е потреба за малтретирање отколку неопходна гаранција за исполнување на барањата. 

Според оценката на европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, нацрт-заклучоците на Советот покажуваат дека „билатералните односи Скопје-Софија“ ќе биде дел од преговарачкиот процес и дека тоа е многу добро за Бугарија. Такво нешто не се споменуваше во предлогот на Португалија, напротив, за билатералниот спорт имаше јасен став дека не треба да биде дел од ЕУ процесот, а бугарските барања беа упатени кон делот „добрососедски односи“.

За Бугарија сепак билатералниот Протокол е најважниот документ, бидејќи ќе бидат наведени конкретните чекори што треба да ги направи Македонија за на крајот да добие амин од Софија да стане земја членка на ЕУ, а претходно и за да се отвораат и затвораат преговарачките поглавја. Португалскиот предлог упатуваше само на т.н. патоказ, што сега стана Акциски план и е исто така споменат во преговарачката рамка.

„Колку што разбрав, веќе има нацрт билатерален протокол подготвен од МНР и испратен во Скопје. Разбирам и дека опфаќа неколку елементи од Рамковната позиција на Бугарија од 2019 година, но недостасува најважниот – објективизацијата на заедничката историја, особено во нејзиниот дел од оние кои експлицитно се спомнуваат во сегашната бугарска позиција – Гоце Делчев, Илинденското востание и ВМРО/ ВМОРО. Овие историски теми се основата на недоразбирањето меѓу двете земји и говорот на омраза кон Бугарите и Бугарија во РСМ. Недостигот на механизам да ја натера Заедничката историска комисија да се занимава со овие и слични теми во разумен рок, како и немањето услов за вистински резултати, го осудуваат секој неуспех однапред да се објективизираат какви било антибугарски историски наративи. Тоа е и гаранција дека најважниот елемент од Договорот за пријателство и добрососедство, оној од нашата заедничка историја, никогаш нема да се реализира!“ – го прокоментира денес овој документ Андреј Ковачев .

Неговата разочараност сепак е резултат на максималистичките очекувања во Бугарија, што се гледа од неговата изјава дека пред свикувањето на првата меѓувладина конференција за постигнување „компромисен историски наратив“ треба да се одлучи за „заедничка прослава и да се подготви примерок од текст за учебници за личноста на Гоце Делчев“.

Контролата на спроведувањето на билатералниот Протокол, што ја немаше како можност во португалскиот предлог, сега е ставена во рацете на ЕК каде што не се одлучува едногласно, туку со мнозинство, поради што Софија инсистира таа улога да му се даде на Европскиот совет, каде што главниот збор го имаат земјите членки, а не избраните функционери на ЕУ.

Клучна разлика меѓу францускиот и португалскиот предлог сепак е тоа што со предлогот на Емануел Макрон Македонија ќе добие условен почеток на преговори, односно формално ќе ги почне, а практично не, додека не ги внесе Бугарите во Уставот. Такво нешто беше незамисливо во португалскиот предлог, но факт е дека тој не го тргна ветото и реално не се покажа како прифатлив за двете страни.

Во билатералниот Протокол се споменати и говорот на омраза, отворањето на архивите на поранешните тајни служби и рехабилитацијата на жртвите на комунистичкиот режим, што претходно во Брисел ги оценија како прашања за 19. век. Според бугарски оценки, иако не се предвидени точни механизми и временски рамки за нивно решавање, самото присуство на тие точки во ваков документ е чекор напред. Инаку, таканаречениот пакет 4+1, кој претходно беше познат како „5+1“ ги вклучуваше:

– Прашањето како ќе се користи краткото име на државата;
– Спречувањето на говор на омраза против Бугарија во Северна Македонија;
-Рехабилитација на жртвите на комунизмот со бугарска самосвест на македонска територија во југословенско време;
-Продолжување и напредок на работата на историската комисија;
-Јасна декларација дека Скопје нема да се меша во внатрешните работи на Софија.
-Влегувањето на Бугарите во уставот рамноправно со другите заедници (неформално познато како „+1“ во пакетот).

Бугарската страна, според бугарски „Дневник“, сѐ уште преговара во ЕУ условите на Бугарија да се напишат во преговарачка рамка, со што тие де факто ќе станат дел од евроинтеграциите на Македонија и ќе се дадат европски гаранции за нивно почитување. За таквото барање, ако има слух во ЕК да се исполни, ќе треба консензус од сите држави членки на ЕУ и секоја од нив може да ја блокира преговарачката рамка на Македонија. Фактот пак дека Македонија преговараше и ги договараше чекорите во Протоколот со Бугарија го прави ветото на другите земји на преговарачката рамка помалку веројатно.

Тоа пак што повеќето бугарски лидери јавно го поддржаа предлогот на француското претседателство кај нас создава чувство дека тој, за разлика од португалскиот, е неизбалансиран и во интерес на Бугарија. Дали пак тие го поддржуваат од тоа што сакаат или што мораат – е друга тема, бидејќи е симптоматично како за 24 часа сите од „против“ станаа „за“.

На крајот треба да се спомене и тоа дека Македонија, и да почне преговори со францускиот предлог и со ваква преговарачка рамка, ако се соочува и натаму со нереални и небулозни бугарски барања, или што би рекол претседателот Стево Пендаровски „тормозења“, и таа може да стави кочница, да не одговара на притисоците, па и да им стави крај на преговорите во која и да е фаза. (С.Ј.)