Кој е Вадим Красиков, човекот за кого требаше да биде разменет Алексеј Навални

Вадим Касиков е осуден на доживотен затвор во Германија заради убиството на чеченски камндант. Путин го нарече патриот кој елиминирал „бандит“


Васим Красиков, убиецот кој доаѓа со велосипед

 

На 26 февруари, претседателката на меѓународната антикорупциска фондација и соработничка на Алексеј Навални, Марија Певчих, рече дека било планирано рускиот опозиционер да биде разменет за Вадим Красиков, наводен офицер на тајната служба ФСБ, осуден во Германија за убиство. Во 2019 година, тој застрела и уби поранешен чеченски теренски командант во Берлин. Малку е познато за биографијата на Красиков. Новинарите го поврзаа со специјалната единица на ФСБ, „Вимпел“, како и со две други убиства. Независниот руски медиум „Медуза“ раскажува што се знае за овој човек.

Убиство во Берлин

На 23 август 2019 година, поранешниот чеченски теренски командант, грузискиот државјанин Зелимхан Кангошвили беше убиен во парк во центарот на Берлин. Криминалецот со велосипед стигнал до Кангошвили и го застрелал. Осомничениот бил приведен од полицијата набргу по убиството во близина на местото на злосторството. Кај него нашле документи на име Вадим Соколов. Како што подоцна дознаа „Белингкет“, „Инсајдер“ и „Шпигел“ во заедничка истрага, ова е фиктивно име, а всушност името на осомничениот е Вадим Красиков.

Во декември 2021 година, судот во Берлин го осуди Красиков на доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен за убиството на Кангошвили. Судот, исто така, утврди дека Красиков добил наредба за убиство на Кангошвили од руски владини агенции.

Германската истрага го нарече Красиков висок офицер на специјалните сили на ФСБ „Вимпел“. И истражувањето на трите медиуми зборуваше за поврзаноста на Красиков со ФСБ.

Од февруари до август 2019 година, Красиков им се јавил на осум членови на добротворната фондација „Вимпел“, од кои тројца имаат високи позиции во неа. Еден од оние со кои комуницирал е поранешниот шеф на фондот и поранешен вработен во единицата за специјални сили на ФСБ „Вимпел“, Едуард Бендерски. Покрај тоа, Красиков постојано ги посетувал базите за обука на Центарот за специјални намени на ФСБ.

Вадим Красиков е роден во 1965 година во регионот Туркестан во Казахстан. Во 1980-тите, неговото семејство се преселило во регионот Бурјатија. Потоа Красиков се преселил во Иркутск со сопругата и двете деца. Од 2009 година, тој живее во регионот на Москва.

Убиство во Москва

Како што напишаа „Инсајдер“ и „Белингкет“ Красиков бил главниот осомничен за убиството на бизнисменот Алберт Назаров, кој беше застрелан во Москва ноќта на 19 јануари 2013 година. Криминалецот со велосипед му пришол на Назаров, бизнисменот давал отпор, а убиецот го застрелал неколку пати. Ова убиство е слично на обидот за атентат врз Кангошвили во Берлин: во двата случаи, убиецот пристигнал на велосипед и ја застрелал жртвата од непосредна близина.

Во јануари 2014 година, руските агенции за спроведување на законот го ставија Красиков на федералната и меѓународната листа за потрага за убиство на бизнисмен. Русија, исто така, доставила информации за потрагата на Красиков до Интерпол, вклучувајќи ја и неговата фотографија. Во јуни 2015 година, потрагата по Красиков беше прекината. Истражувачите на „Белингкет“ и „Инсајдер“ забележаа дека фотографијата на Красиков, пренесена во Интерпол, е повеќе од 80% идентична со фотографијата на „Вадим Соколов“, која беше дистрибуирана по убиството на Зелимхан Кангошвили. 

Убиство во Карелија

Во декември 2019 година, „Нова газета“ напиша дека Красиков можеби е вмешан во убиството на карелискиот бизнисмен Јуриј Козлов. Доцна вечерта на 4 април 2007 година, претприемачот со автомобил дошол до неговата куќа во селото Контоки. Кога излегол од автомобилот бил застрелан три пати во градите и еднаш во главата. Телото на Козлов било натоварено во автомобил и возено 15 километри до финската граница, по што било фрлено во шумата. Осомничени во случајот беа Владимир Ф., Олег И. и Вадим Красиков – како што тврдеше „Нова газета“, истиот Красиков кој 12 години подоцна ќе пука во Кангошвили во Берлин.

Владимир Ф. и Олег И. (презимињата не се откриваат) ќе бидат приведени дури во ноември 2014 година. Според судските документи, во 2007 година тие биле активни службеници на ФСБ и служеле во одделот „Б“ на Центарот за специјални намени на ФСБ на Русија – тоа е, во „Вимпел“. Красиков не бил приведен. Во 2014 година, случајот за убиството на бизнисменот беше префрлен од Карелија во централната канцеларија на Истражниот комитет. Наскоро од истражниот затвор беа ослободени ветераните на ФСБ Владимир Ф. и Олег И.

Размена

Убиството на Кангошвили и последователното приведување на Красиков го коментираа највисоките функционери на руската држава. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Кангошвили бил еден од организаторите на експлозиите во московското метро. „Ова е акциски филм, и многу тежок и крвав. Во само една од акциите во кои учествуваше, уби 98 луѓе“, рече рускиот претседател во 2019 година.

Кремљ, исто така, соопшти дека руската страна неколкупати испратила барања до Германија за екстрадиција на Кангошвили, бидејќи „утврдено е учество на овој граѓанин во екстремно крвави терористички акти и масовни убиства“.

Руското министерство за надворешни работи ги нарече шпекулации пишувањата за поврзаноста на Красиков со руските разузнавачки служби.

Во февруари 2024 година, американскиот новинар Такер Карлсон го праша Путин за време на интервјуто дали рускиот претседател е подготвен да го ослободи дописникот на „Волстрит џорнал“ Еван Гершкович. Во одреден момент, одговарајќи на прашањето на Карлсон, Путин почна да вели дека во земја сојузничка со Соединетите Држави, „постои човек кој од патриотски причини елиминираше бандит во една од европските престолнини“. Овој „бандит“, според Путин, за време на „настаните на Кавказот, ги легнал нашите заробени војници на патот, а потоа возел автомобил над нивните глави“. „Но, имаше патриот кој го елиминираше во една од европските престолнини. Дали тоа го направил самоиницијативно или не, е друго прашање“, рече Путин, без да именува никакви имиња.

Си-Ен-Ен објави во јули 2022 година дека руските власти му понудиле на Вашингтон да ги разменат Американците затворени во Русија за Красиков. Соединетите Држави се обратија до германските власти со барања за подготвеност да го вклучат Красиков во размената. Според „Волстрит џорнал“, Москва им понудила на САД да го разменат Красиков за Гершкович.

Западните медиуми, повикувајќи се на извори, пишуваат дека биле одржани преговори за размена на затвореници во која требало да биде вклучен и Навални. Според Певчих, на 15 февруари добила информација дека „преговорите се во завршна фаза“. На 16 февруари руската Федерална казнена служба објави дека Навални починал во затвор. Певчих тврди дека Путин решил да го убие Навални бидејќи не сакал да го види на слобода.