„Буџовани“ со хациенди ја опструираат изградбата на автопатот Прилеп- Битола, тврди Николоски


Фото: Б. Грданоски

 

Има проблем во изградбата на автопатот Прилеп-Битола и тој проблем наводно бил во вилите што биле изградени од богати луѓе во близината на Прилеп. Тоа го тврдше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во разговор за „Курир“.

„Имаме само една опструкција. Се работи за десетина сопственици на диво изградени вили и хациенди со базени во околината на Прилеп. Имајќи предвид дека на целата траса помеѓу Битола и Прилеп затоа што е рамничарска положбата, поминува низ Пелагонија, не може да се најде материјал со којшто може да се гради овој автопат. Локацијата е во близина на месноста Ореовец. Таму има десетина буџовани кои ги штитат своите хациенди и вили и не му дозволуваат на изведувачот да пристапи кон наоѓалиштето, иако тоа му го дозволуваат на приватниот изведувач којшто има наоѓалиште во соседството“, рече Николоски.

Според него, штетата за буџетот може да достигне до 100 милиони евра, бидејќи морало да се купува материјал од приватни каменоломи и да се плаќа за транспорт. Тие пари, според него може да се вложат во регионот за трансформација. „Јасно е таму дека има агенди, само се прашувам дали се агендите бизнис и политички или се само бизнис“, вели Николоски.