СДСМ: Зад рудникoт за антимон во Крива Паланка стојат донатори на ВМРО-ОКГ

Рудникот со антимон е бизнис дил и класична партиска концесија, тврди портпаролката Богданка Кузеска


Опозициската СДСМ денес на прес конференција обвини дека зад проектот за изградба на рудник за антимон кај Крива Паланка стојат донатори на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и се кријат бизнис интереси.

„Она што Христијан Мицкоски се обиде да му го продаде на народот како наводен ‘државен интерес’ и стратешки дијалог со САД, всушност е само уште еден бизнис план. Профит, пред здравје, бизнис пред народ“, изјави на прес конференција Богданка Кузеска  – портпаролка и членка на ИО на СДСМ.

Таа се повика на официјални податоци од Министерството за енергетика кои, како што посочи, откриваат дека моментален концесионер на локалитетот Луке е компанијата „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“. 

Според СДСМ, сопственик на оваа компанија е Ѓорѓе Качурков, донатор на ВМРО-ДПМНЕ.

„Официјалните документи и финансиски извештаи недвосмислено потврдуваат ова“, рече Кузеска, додавајчи дека ова е крунски доказ дека „рудникот со антимон е бизнис дил, класична партиска концесија“.

Кузевска додаде и дека договорот во Вашингтон го потпиша Ник Јовановски од австралиската „Пела глобал лимитед“.

„Истиот тој Николче Јовановски кој уште во 2015 година, како застапник на фирмата на донаторот на ВМРО-ДПМНЕ, го потпишал договорот за концесија за локалитетот Луке. Со ова мрежата е целосно разоткриена, а центарот на контролата е јасен“, нагласи Кузеска, додавајќи дека „ВМРО-ОКГ е подготвена да го жртвува здравјето на граѓаните за профитот на своите спонзори“.

Ова, како што посочи Кузеска, е уште една причина зошто мора да има референдум во Крива Паланка и да се прашаат граѓаните, при што му порача на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски (кој доаѓа од редовите на СДСМ, заб.) дека „мора да ги слушне граѓаните, а не Мицкоски“.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ работи против интересите на нивниот градоначалник. Со соопштение тие порачаа дека СДС; не ги прифаќа аргументите на градоначалникот, кој, според ВМРО-ДПМНЕ, се залага за проект со почитување на еколошките стандарди и кој би придонел за економски развој и нови работни места.Се наведува дека, според партијата, ваквиот став на СДС е мотивиран од внатрепартиски несогласувања и политички интереси, а не од државен интерес.

Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ оценува дека СДСМ делува против економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард, обвинувајќи ја партијата за претходното владеење и економските состојби во тој период.

Партијата во своето соопштение додава дека СДСМ треба да делува како конструктивна опозиција и да поддржува проекти од државен интерес, наместо, како што наведуваат, да се спротивставува на развојни иницијативи. 

Отворањето на рудник за антимон го осуди и Зелем Хуман Град.