Кој е македонскиот државен интерес


НАНО РУЖИН 

Од каде доаѓаме? Кои сме? Каде одиме? Овој генеолошки наслов е името на славната слика на Гоген создадена во 1898 насликана за време на неговиот престој на Тахитите. Асоцијацијата на трите насловени дилеми е метафорична и за состојбите во нашата држава. Од осамостојувањето до денес, споменатите прашања ги делеа политичките елити и граѓани на македонското општество и прераснаа во најсериозни политички влогови на домашните политички ривали.

Во епохата на комунизмот, знаевме „од каде доаѓаме“ и „кои сме“. Во текот на транзицијата постепено се афирмираше една нова идеолошка матрица за потеклото на Македонецот која се одликуваше со сомнителни „историски“ аргументи. Беа печатени томови „научни“ колекции за нашето античко минато, „стручни“ и популистички забегувања во историјата и Библијата, беше продуциран и нов накараден и антички фолклор како „Александровото оро“ наместо нашето автентично „Тешкото“. Насекаде почнаа да се „клесаат“ домашни древни јунаци и споменици, „научни“ трудови кои го маргиналзизираа нашиот словенски и христијански идентитет. Оваа прошетка од страна на оние помудрите се толкуваше како мал романтичен занес, колку да им се ривализира на Атињаните. Во епохата на владеењето на двоецот Груевски/Иванов, нашето античко потекло и антиквизацијата прерасна во основен „државен интерес – Raison d Etat“ за манипулирање на младите генерации, но и на обичниот човек. Од Глигоров и Црвенковски, преку двоецот Груевски и Црвенковски до двоецот Груевски/Иванов, не се најде политичка мудрост и храброст да се изнајдат решенијата со јужниот сосед и да се забрзаат евроатлантските интеграции. Примарна стратегиска вредност на македонскиот државен интерес беше зачувување на името по цена да не се влез ниту во НАТО ниту во ЕУ, ниту да се обезбеди сигурноста на границите, благосостојба на населението, добрососедство.

Денес, по Преспанскиот договор, кога сме пред членството во Алијансата и добивањето на датумот за проширување на преговорите со ЕУ, менталната матрица на мнозинството граѓани е насочена кон иднината: Ќе нè биде ли? Каде одиме? Каква е нашата иднина? Зарем мораше да се изгуби толку време, да се вложи толкав политички аскетизам во македонско-грчката какофонија и со децении да се бие битка гради в гради за време на бавното кружно патување кон решението, кое требаше да се избоксува уште пред најмалку две децении. Конечно се успеа во 2018 година. Истата фабула со еден поинаков епилог ја доживеавме и во 2001 со Охридскиот договор. Со Охридскиот договор од 2001 беше срушен митот за „страшната албанизацијата“ на државата. Со Преспанскиот договор од 2018 беше урнат митот за ФИРОМ во полза на Северна Македонија. Воедно, беше урнат и митот на „затворените врати“ на НАТО и ЕУ за Северна Македонија. Фокусот на овие поместувања беше фокализиран врз рефренот на нашиот државен интерес.

Во колективното паметење дефинитивно ќе остане дека државниот интерес е израз кој е најмногу злоупотребуван од страна на политичарите. Во името на државниот интерес се отпочна погрешната приватизација и битката против октоподот на пирамидалното штедење, се апсеа градоначалниците на Тетово и Гостивар, се продаде ОКТА, се уценуваа новинари, се прислушуваше половина нација, се организираа задолжителни масовни митинзи, протести пред седиштето на опозицијата, се изгради кич-проектот „Скопје 2014“. Претходниот претседател одбиваше да го додели мандатот за состав на владата на мнозинството, прогласи амнестија на криминалците, додека неговиот драг премиер, мајсторот на популизмот и национализмот, не престана да се повикува на националниот интерес. Предлагаше „да го уапсат само да не се удира по државниот интерес и по Македонија“. Тој го повика македонскиот народ да ја одбрани државата, но не кажа од кого? Едноставно, како што Добрица Чосиќ напиша во „Делби“, „лагата се претвори во наш државен интерес“.

И навистина лагата продолжува да биде толкувана како државен интерес кога се пласираат лажните вести. Се добива впечаток дека еден добар дел од опозицијата е малку дезориентиран. Изминува третата година откако ја изгубија власт, но сè уште се негуваат старите наследени алатки. Премрежјата на разни афери и рекети ја полнат фантазијата на опозицијата за повторно заземање на власта. Го тегнат мошне успешно „рекетот“ веќе пет месеци како афера на векот за да ги заборават гревовите од минатото. Да се разбереме, криминалот и самоволието немаат политички бои, разликата е во тоа што во претходниот режим тие беа институционализирани. Инаку, јавна тајна е дека во некои помали општини, локалните функционери и натаму се повикуваат на партискиот, пардон, државниот интерес кога ги уценуваат директорите и им наметнуваат сопствени кадровски решенија. Како во некој квиз, кога не го знаете одговорот, го влечат вечниот џокер – државниот интерес. На тој начин се маскира и незнаењето и корупцијата.

Кога нема јасно и јавно дефиниран поим на државниот интерес, загрозен е и општествениот консензус околу клучните перспективи. Обичниот граѓанин бомбардиран од страна на политиканските марифетлаци е збунет и самиот си го поставува прашањето: што е навистина државниот интерес на Северна Македонија? Или да појасниме, кои се оние општествени вредности што треба да ги градиме како држава? Дали е тоа антиквизацијата, бојкотот, упадот во Собранието или се тоа европските и атлантските вредности, владеење на правото, битката против корупцијата, благосостојбата, безбедноста на граѓаните, територијалниот суверенитет? Дел од политичката и интелектуалната елита која го толкуваше договорот со Грција од „патриотски чувства“ не го прифаќа Преспанскиот договор, но ipso facto и патот кон НАТО и ЕУ. Знаеме дека претходно не го прифаќаше и Охридскиот договор, но емоциите од судирот беа толку силни што консензусот беше пронајден полесно. Секако, и во тој историски процес патриотското „не“ беше присутно меѓу големите македонски синови исто како и за време на процесот на Преспанскиот договор.

Но што е навистина државен интерес? Овој израз, кој често се нарекува и со францускиот израз raison d Etat, се дефинира како „државна цел и амбиција на економски, политички, воен или културен план“. Во времето на Макијавели, а тоа не е реткост и денес, државниот интерес бил принцип во чие име државата си дозволувала насилно да го повредува меѓународното правото заради сопствениот интерес. Првата регистрирана употреба на изразот му се припишува на публицистот од XVI век, Џовани Ботеро. Теориите на државниот интерес ги развиле Макијавели, Жан Боден и Томас Хобс. Макијавели сметал дека власта морала да се потпира врз силата додека владетелот бил должен да изнајде заеднички интереси со кои ќе го обедини општеството. Политичката акција инспирирана од државниот интерес, која не води многу сметка за моралот, станала основа на надворешната политика на кардиналот Ришелје (1624-1642) за време на Луј XIII. Државниот интерес е и филозофски концепт кој се одликува со флуидни одредници и разновидни практики. Тоа не е една обична теорија за државата и се поима како рационализација на политичката пракса. Државниот интерес на Северна Македонија како и на секоја држава е повеќевалентен: безбедност и територијален интегритет и суверенитет, благосостојба на граѓаните, добрососедски односи, владеење на правото, економски просперитет, борба против корупцијата и организираниот криминал… вредности врз кои се потпираат оските на ЕУ и НАТО. Патот кон евроатлантските интеграции го овозможија Охридскиот договор, Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот од Преспа. Тоа е и одговорот на амблематичното прашање на големиот Гоген, „каде одиме?“