Кога ни се лоши од државни празници


НАУМ КОТЕВСКИ

Тажно, но вистинито. Прославата на кој било државен празник полека се претвора во национална траума. Репетитивните изблици на примитивизам и веќе здодевното продавање некакви моралистичко-јуристички финеси создава крајно непријатно чувство и желба следниот државен празник да се помести колку што е можно подалеку. Арно ама, календарот е неумолив. Иста слика – исти тон ќе гледаме и слушаме веќе на 11 октомври – Денот на македонското востание.

Не дека не знаевме, ама на празник најубаво се гледа, дека државата која е раскината по национални, верски, идеолошки шевови и 28 години по својата независноста не успева да ги залечи длабоките поделби и расправии кои ја следеа тридецениската кампања на двата политички блока за изолирана Македонија и за Македонија како дел од Европа и светот.

Во еден таков амбиент во кој двајца браќа кои ги родила една мајка не говорат ист јазик, не одат во иста црква, не се иста нација(!) го слушнавме и најступидното прашање поставено од „хероите и мачениците“ наспроти кои стојат „предавниците“: На која држава се слави независноста? Тоа е бездруго уште еден невешт обид да се протне наводната дилема како непобитна вистина дека географската одредница Северна, која ништо суштински не менува во идентитетска смисла, од Македонија која низ годините имала разни атрибути (Федеративна, Народна, Социјалистичка…) создава некаков нов лабораториски измислен субјект кој никогаш не може да биде при срцето. Неверојатна е упорноста на политичките структури, кои до неодамна од позиција на власт, а сега од позиција на опозиција за ширење на виктимизацијата како испробан метод на која лесно се лепат граѓаните кои во денешниот свет гледаат само неправди спрема сопствениот народ, теорија на заговори и злокобни сценарија за алчноста и за суровоста на големите држави во однос на помалите, а им се допаѓаат и приказните за „продадените загубени души“ во сопствените редови.

Таа опасна политичка вредносна матрица за креирање расположенија лесно се шири. Затоа и не чуди што група иселеници во Австралија, меѓу кои имаше и замаскирани лица како поштенски сандачиња, решија со пироманска акција да им ги отворат очите на овдешните заслепени граѓани. Храбро ги запалија знамињата на Грција и Бугарија, а потоа и подготвените макети од Заев и Шекеринска. И да, го вееја и знамето со сонцето од Кутлеш кое особено деновиве станува стожерен елемент во очигледната митологизација на историјата. Пред десетина дена со тоа знаме лидерот на опозицијата водеше оро во Радовиш. На него почиваше и завчерашната мелодрама направена од еден фудбалскиот натпревар од Третата лига во Волино, преку која требаше да ѝ се каже на целокупната јавност дека таму живеат посебен прототип Македонци со неверојатно количество патриотизам во нив.

Паралелно со бурлеските околу знамето со 16 краци, стигнаа и критики дека на централната прослава немало доволно од официјалните знамиња. Требало паркот да биде преплавен, децата да мавтаат бидејќи така се градело чувството на лојалност кон државата. Не така одамна на пренагласените манифестации по плоштади и стадиони имаше знамиња колку ни душа сака, но лојалноста изостана. Голем број и од присутните на тие масовни прослави фатија џенем.

Но што, всушност, значи да се биде лојален? Дали е доволно да се почитуваат законите и демократскиот поредок на земјата, или можеби се бара што е можно почесто да се шетаме по улици нагрнати со знамиња со сонцето од Кутлеш и да го скандираме името до бесвест?

За граѓаните да ја чувствуваат како своја земјата во која живеат, веројатно најважно е таа да биде социјална, модерна држава, во која не смее да се толерира постоење привилегии и дискриминација на кое било ниво. За да се уважува и слави, таа треба да биде фокусирана на поединецот, групите, народите кои живеат во неа, создавајќи услови за еднаков напредок. Механичкиот однос на државата водена од конфликтна и недемократска власт создава непријатно чувство и желба за билет во еден правец. Само на тој начин очигледно се станува лојален на земјата, а не на актуелната или која било друга власт.

Македонија е на праг да стане 30. земја членка на НАТО, а на дофат е и датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Политичките водачи не се раководеа само од емоции и наметнаа прагматично и рационално начело во актуелниот европски и светски политички контекст. Потврда за тоа е пријатната вест од Париз дека вечниот оган под Триумфалната порта, кој првпат е запален 1923 година, гореше во чест на годишнината од македонската независност. Македонската амбасадорка во Франција, Јадранка Чаушевска-Димов, ја имаше честа да биде првата Македонка која го запалила огнот во чест на својата држава. Секако, тој успех на меѓународен план мора да има своја потврда и на домашен терен, каде што факт е дека засега работите не одат во посакуваната насока. Менталитетот на грабање пари и привилегии кои доаѓаа од суверенитетот што граѓаните им го даваат на политичарите тешко се менува, а по 28 години остануваат да ги параат ушите пискотниците од највисоките политички ешалони дека се води бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата.