Кога инспектори избираат професори


АНА ПАВЛОВСКА ДАНЕВА

Изминатите две седмици имавме можност да слушнеме (или прочитаме) неколку дебати, ставови и критички размислувања во врска со состојбите во високото образование. Не се сеќавам дека медиумите некогаш олку внимание им посветиле на универзитетите, на нивната работа, на проблемите со кои тие се соочуваат, на успесите што повремено ги постигнуваат. Се разбира, ова не е „вина“ само на медиумите. Општеството ни стана незаинтересирано за вакви „лајт“ проблеми. Граѓанството наше, каде и да се наоѓа (канцеларија, плажа, кафеана) се занимава со решавање само на „сериозните“ државнички работи: судство, корупција и повремено со (не)работата на администрацијата (на која најголем дел од тоа граѓанство и припаѓа). Се разбира, кадровските решенија на најголемите политички прашања се секогаш топ-тема за сите „аналитичари“ на состојбите во државава.

Наставните планови по кои студираат нашите синови и ќерки ниту било ниту ќе бидат тема на разговор на споменативе експерти. Најверојатно и не треба да биде. Со таа тема треба да се позанимаваме ние, универзитетските професори. Финансирањето на нашите универзитети што ги опфаќа и поправките на амфитеатрите и училниците, и набавката на опремата за научни истражувања, но и платите на наставно-научниот кадар не може да е тема од поширок интерес, тоа треба да е преокупација наша, на универзитетскиот кадар, а ние (првенствено нашето раководство) треба да знаеме и умееме овие проблеми да ги актуелизираме и крајно, да ги решиме.

Така што, добро е што изминативе неколку денови темата високо образование стана актуелна кај повеќе медиуми. Се обидувам да се присетам што е тоа што го сврте вниманието на јавноста кон универзитетите и случувањата во и околу нив. Оставката ли беше на заменикот министер кој по раководењето со собраниската Комисија за образование и заменичкото раководење со Министерството за образование и наука реши гласно да проговори за проблемите во овој сектор? Или, сепак, тоа беше постапувањето на еден просветен инспектор кој започна спектакуларни постапки на прогон на неколку високи носители на државни функции од ДУИ кои се истовремено и универзитетски професори?

Кога добро ќе размислам, истиов инспектор со богато работно искуство зад себе (на прагот е на остварување на услови за старосна пензија) заедно со неколкумина негови колеги (а, можеби беше само еден колега), во периодот 2013 и 2014 година правеа ист ваков прогон на професори постапувајќи по „анонимни“ пријави. Интересно, во тој период кога се прославија дотичниот просветен инспектор и неговиот колега немаше ниту една постапка против професор чиј работен однос е во мирување, а е носител на државна функција од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. А, пробаа да поништуваат звања на професори кои не се членови на ниту една политичка партија (но, не се согласуваат со власта) или, пак, се носители на државни функции, но од редовите на тогашната опозиција. Се сеќаваме сите на многубројните незаконитости во постапките на овие просветни инспектори и нивните одлуки кои како крушки паѓаа во жалбените постапки, па дури и во судските постапки поведени против нив. Судовите им ги поништуваа незаконитите одлуки, професорите против кои се водеше прогонот го губеа здравјето, деканите беа под постојан стрес, а мнозинството колеги бе вознемирени и буквално уплашени дека во секој момент и нив може да ги стигне долгата рака на инспекторите управувана од центрите на пишување „анонимни“ пријави. Се разбира, двајцата инспектори никогаш не понесоа никаква одговорност.

Напротив, едниот од нив напредуваше во Државниот просветен инспекторат, а другиот продолжи со својата дејност наречена прогон на оние со кои не остварил близок однос. Продолжи да води постапки против избрани наставници и професори барајќи да ги препрочитува и проучува докторските дисертации на членовите на рецензентските комисии кои го извршиле изборот на наставник за кој била нарачана анонимна пријава!?

Сето тоа заврши (се надевам заврши) со голема акција на славниот инспектор против тројца високи државни функционери кои се истовремено и универзитетски професори. Им го оспорува изборот во професорски звања. Излезе со такви изјави и констатации во сите медиуми. И Антикорупциска комисија поведе постапки по неговите наводи и укажувања. Но никој, ама никој, не го спомнува фактот дека изборот или реизборот во наставно-научни звања на овие државни функционери бил извршен одамна, во 2015 и 2016 година. Во владеење на една друга власт, на еден друг режим на управување со државава. И дека, и тогаш истиов инспектор вршеше надзор, но чудно, тогаш не констатирал дека изборите биле наводно незаконити. Тогаш сè било во ред. Тогаш постапките завршувале со констатација дека изборите биле законити. Или постапки воопшто не биле поведувани. И, никој не спомнува дека и денес, исто како и тогаш, се вршат избори во повисоки звања (и треба да се вршат ако се исполнети законските услови) на носители на државни функции од владејачката партија, но постапка за нивниот избор овој инспектор не сметал дека треба да води. И, повторно неговите одлуки ќе ги поништуваат судовите, и повторно ќе доживува потреси универзитетската заедница, и повторно одговорност никој нема да понесе.

Универзитетот мора да се избори за својата автономија. Автономијата значи и финансиска независност од извршната власт, но и научна независност при оцената на научните трудови и творби на своите кадри. Независност од бирократските апаратчици чија работа е да следат дали изборот во академско звање или доделувањето на академска титула е извршено во законски утврдениот рок, дали бројот на членови на рецензентските комисии и нивниот состав е определен согласно законот и дали универзитетскиот кадар редовно ги завршува своите образовни и научни обврски. Толку. Квалитетот на докторската дисертација, на магистерската теза или пак политичкиот активизам на универзитетскиот кадар ниту била ниту смее да биде надлежност на државен службеник во звање просветен инспектор. Секоја ваква активност на инспектор кој има амбиција да биде повеќе од тоа што законот утврдил дека треба да биде претставува злоупотреба на службената положба. А тоа, пак, претставува кривично дело. Ако на оваа состојба не и се стави крај, ќе се доведеме во ситуација инспектори, директори и министри, со други зборови, политичките партии, да го спроведуваат изборот на универзитетските професори.

Ова не е проблем само на Државниот просветен инспекторат, ова е првенствено проблем на универзитетите кои со својата активна улога треба сами да се изборат за сопствената независност, не чекајќи тие од кои треба да се независни да им подарат автономија.