Ќе пошумуваат затвореници од затворот во Струмица
Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и Казнено-поправната установа „Затвор“ – Струмица потпишаа меморандум за меѓусебна соработка, со кој ќе се зајакне координацијата меѓу двете институции преку ангажман на осудени лица во општокорисна работа.
Договорот го потпишаа директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, и директорот на КПУ „Затвор“ – Струмица, Зоран Ристов. На потпишувањето присуствуваше и директорот на Подружницата за шумарство „Беласица“ – Струмица, Никола Тренчовски.
Со меморандумот е предвидено осудените лица да бидат вклучени во пошумување, расчистување, како и во други активности од областа на шумарството, со цел да се придонесе за јавниот интерес и заштитата на природата.
Од ЈП „Македонски шуми“ оценуваат дека оваа соработка ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните и ќе придонесе за поефикасно спроведување на активностите во шумарскиот сектор.