Пратеничката Зајкова бара писмени одговори од премиерот колку пари добил Арбен Фетаи кога не доаѓаше на работа
За да има институционална одговорност за случајот на поранешниот вицепремиер Арбен Фетаи а сегашен „специјален пратеник“ на Владата во Брисел, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, денеска поднесе официјално пратенички прашања упатено директно до премиерот за сите исплатени денари и за одговорноста за селективната правда.
Зајкова од премиерот бара итни писмени одговори и целосна транспарентност до денар за парите што му се исплатени на функционер кој самиот јавно потврди, а Владата верификуваше, дека со месеци самоиницијативно не доаѓал на своето работно место. Со пратеничкото прашање се бара точно да се дефинира бројот на денови на неоправдано отсуство, прецизниот износ на исплатената нето и бруто плата, придонесите, како и сите потрошени средства за репрезентација, службени патувања и дневници за него и за неговиот кабинет.
ЛДП инсистира Владата да достави и официјални архивски документи доколку воопшто постои решение со кое од Фетаи се бара да ги врати парите назад во буџетот.