Борче Марковски не бега, се враќа во Македонија на 1 август, вели неговиот адвокат
Барањето на одбраната за враќање на пасошот на битолскиот бизнисмен било одобрное и од Вишото обвинителство во Битола. Тој морал да отиде во Србија итно да потпише документи поврзани со неговата тамошна фирма
БИТОЛА – Обвинетиот Борче Марковски не побегнал од државата, само заминал за Србија каде имал неодложни обврски за тамошната фирма, вели во изјава за „Независен“ адвокатот Марјан Николоски од Прилеп кој го застапува обвинетиот Марковски во судскиот просец за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“.
„Какво бегање, Борче Марковски в сабота на 1 август ќе биде во Македонија. Тој има сериозна фирма во Србија које не можеше да функционира без него, затоа денеска и утре ќе биде во Србија на состаноци и затоа беше баран пасошот. Сабота околу пладне ќе биде во Македонија“, изјави за „Независен“ правниот застапник на Марковски.
Завчера, како што објави „Независен“, Основниот суд во Струга му го врати пасошот на Марковски, по што тој вчера преку граничниот премин Табановски ја напуштил државата.
Адвокатот Николовски вели дека ако Марковски е обвинет тоа не значи дека треба да пропаднат и неговите фирми.
„Овој судски процес против Марковски не е правно издржан, сѐ што е објавено во јавниот тендер до најмало штрафче е демонтирано од ‘Осломеј’ и монтирано во РЕК ‘Битола’ и на локација предвидена и посочена од вработените во РЕК ‘Битола’. За сѐ има вештачење и ние имаме интерес судската постапка да оди брзо, да не се одолговлекува, сѐ со цел да имаме еден добар исход и имотот на Марковски да биде одмрзнат, да му се исчисти името кое неосновано е извалкано без никаква вина“, вели адвокатот Николоски.
Почетокот на судењето за случајот со Борче Марковски почнува на 2 септември во основниот суд во Струга. Завчера претседателот на Основниот суд Струга, судијата Вулнет Винца, рече дека „пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над 5 милиони евра. Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“.
Со реакција се јави обвинителството. Во реакцијата се вели дека по реферирањето во Вишото обвинителство во Битола тоа дали позитивно мислење околу барањето за враќање на пасошот. „Во конкретниот случај, барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост изречени при определувањето на гаранцијата е поднесено од одбраната на обвинетиот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.06.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој го задолжил понискиот јавен обвинител да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.
Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, се вели во реакцијата на ОЈО
Има и политички реакции.
Денеска Левица реагира дека обвинетиот Марковски ја напуштил државата со амин од правосудството.
„Лицето за кое претходно постоеја мерки за обезбедување на неговото присуство во кривичната постапка, преку ноќ престана да претставува опасност од бегство. Денес, наместо пред судските органи, Марковски е недостапен за државата која самата му ја овозможи можноста да замине. Најголемиот апсурд е што Марковски не избега спротивно на институционалните мерки, туку откако тие беа ублажени. Пасошот не му беше вратен затоа што престанала опасноста од бегство, туку поради прифатена имотна гаранција. Судот сè уште не објасни врз основа на кои конкретни законски одредби оценил дека имотната гаранција е доволна причина да се укине мерката за одземање на патната исправа“, објави Левица.
На Борче Марковски и на осум други лица им се суди за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“, тендер тежок над 1,7 милиони евра. На обвинителна клупа покрај Марковски се и петмина вработени од РЕК „Битола“ и двајца вработени во фирмата на Марковски.
Еден од обвинетите е и поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, на кого веќе му се суди и во Основниот суд Битола за случајот со тендерот за ископ на јаловина со битолската фирма „Рудкоп“ Битола.
Судскиот процес за Марковски почна во Основен суд Битола за потоа да биде целосно префрлен во судот во Струга.
Овој судски случај е познат и по тоа што во април годинава сите 11 судии од Основниот суд во Битола беа изземени од предметот за злоупотреба со јавните набавки во РЕК „Битола“ и „Марковски компани“, по што предметот се пресели во струшкиот Основен суд. Од постапката меѓу изземените беше и претседателката на битолскиот Основен суд, Татјана Петровска.
Битолскиот апелационен суд одлучи во предметот да постапува судот во Струга.
Апелација оценила дека судот во Струга кој има проширена наделжност, истовремено има и доволно судии и капацитет да постапува по предметот.
Според обвинението, пред три години, во 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и тогашниот директор на комбинатот, Пеце Матевски, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка на јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот ‘Осломеј’ во рудниците на РЕК ‘Битола’, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“,соопшти првично ОЈО Битола.
Дополнително, како што наведува обвинителството, обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка. Минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи го „Марковски компани“ да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 1,7 милиони евра.
Борче Марковски како првообвинет, двајца вработени од неговата компанија „Марковски компани“ се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација, во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК „Битола“.
Незавршената обврска, тврди Обвинителството, ја наплаќале врз основа на лажна документација со што „Марковски компани“ незаконски се стекнала со имот од големи размери.
„Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК ‘Битола’, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК ‘Битола’ да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – измама во службата“, појаснува обвинителството.
Со меѓународна правна помош, ОЈО обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград во сопственост на Марковски. Замрзнат е имот на фирмата од 10 нови товарни возила на име на српска компанија на Марковски.