Ќе беше магично да го дочекавме оскаровецот Камински: Интервју со Гена Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки“


ЛЕЈЛА САБИТ

Фото: Борис Грданоски

 „Не смееме да дозволиме кино салите да останат тивки и празни. Тоа би било апокалиптично, депресивно… Филмските фестивали се формирани, основани, организирани да ја промовираат филмската култура на соодветен начин, на големо платно, било во кино сала или на отворен простор. Возбудата пред и после филмот е неприкосновено, незаменливо чувство меѓу публиката. Еве во Данска, нашите пријатели од Данскиот филмски институт со голема помош на државата го отворија уште во мај новото кино на отворено ‘drive in’, а сите граѓани од Копенхаген и околината помогнаа да ги донесат своите стари автомобили и да ги даруваат за ова кино… Модели има, треба само да ги најдеме најдобрите, најсоодветните за нас, бидејќи ние сме многу специјални, нели… за сѐ не бива и за ништо во истовреме“, вели за „Независен“  м-р Гена Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки“ во  пресрет на еминентниот културен настан во Битола по кој нѐ препознава целиот културен свет.

За предизвиците на фестивалот во корона криза, за средбата со претседателот Пендаровски, за иднината на филмската индустрија во услови на пандемија, дали културата во Македонија ќе ја здогледа светлината на крајот од тунелот, во продолжение на интервјуто.

Локација: Музеј на современа уметност, Скопје

Годинава ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата традиционална форма, туку онлајн и ќе биде одбележан еден ден, на 19 септември, во Битола. Кои планови, програми и гости ви ги поремети коронавирусот?

 Нема да се одржи онака како што му прилега, за жал и им се извинувам на сите љубители на филмот, а особено на сите битолчани што нема да можеме и оваа година да го организираме и заеднички да го прославиме празникот на филмската уметност. Одлуката на ДФРМ за одржување на фестивалот во оваа форма ја затекнав кога ми беше потврден вториот мандат како директор на фестивалот.

Секако дека имав идеи за збогатување на програмата, ако сѐ беше нормално, поинаку од сега, нон-корона време, особено во однос на воспоставување на партнерски релации со други европски филмски фестивали и институции и секако дека ќе беше магично да го дочекавме најмладиот добитник на највисокото фестивалско признание „Златна камера 300“ за животен опус, скромниот и мил Јануш Камински и секако дека ми е жал што нема да можеме да им се израдуваме на неколку најнови филмски продукции, кои меѓународната филмска критика ги има оценето како исклучителни и значајни во филмската уметност… Имав намера да го продолжам циклусот Talk to.. на овој настан минатата година специјални гости ни беа харизматичниот режисер Фатих Акин и извонредниот кинематографер Рајнер Клаусман и предизвикаа голем интерес како кај гостите, а особено кај битолската и македонската публика. За да одговориме на интересот на бројните посетители за овој настан, ја отворивме големата сала во Центарот за култура во Битола, сала која ја користиме само за проекции… Од минатогодишниот Кан, во план ми беше да ги продолжам веќе започнатите преговори за да ни гостуваат токму во оваа фестивалска програма славниот тандем Алкаине- Алмодовар и тоа како фестивалска содржина останува високо на мојата листа… И да, верувајте колку и да звучи патетично, жал ми е што нема да протрчувам низ секогаш веселиот Широк сокак и да најдам време да го испијам најслаткото кафе во „Пајтон“ со моите пријатели од Битола со Нате, Микеле, Данило, Еви, Мери… многу ќе ми недостасуваат тие осум дена филмска левитација.

„Манаки“ е изграден по урнек на фестивалите од А-категорија и оттаму главно ја црпи и својата програма. Кан оптимистично најавуваше дека ќе се случи фестивалот, но тоа на крај не се случи. Карлови Вари и Локарно целосно ги откажаа своите фестивалски изданија. Во Венеција во тек е Мостра, со помалку гламур и ѕвезди, како испит за идните фестивали. Колку новите услови ќе наметнат нови правила? Кој потешко ќе се привикне, публиката или организаторот?

-Треба уште многу работа за овој фестивал да го добие статусот на Б-категорија фестивал. Критериумите најмногу се однесуваат на инфраструктурата на Битола, но верувајте тоа не е пречка за овој фестивал да се зборува најпофално, бидејќи е специфичен и оригинален по својата суштина, посветен на кинематограферите и така треба да се гради. Квалитетните селекциите и програмите се приоритетни. Едукацијата на помладата генерација, исто така приоритетна. Не би го игнорирала и критериумот гостопримство, колку и излитено да звучи тоа. Од начинот на однесување на организаторите сите гости биле задоволни, од добитниците на највисоките признанија до младите филмофили од Битола и околината. Но, велам има уште многу критериуми кои со години се запоставувани за да се стокми овој фестивал, како што е начинот на инклузивноста на публиката и фестивалот, тука најмногу треба да се работи. Минатата година ги вклучивме синдикатите, Хелсиншкиот комитет, НВО кои се посветени на правата на Ромите и нивна едукација на правата на децата и мајките, ЛГБТ правата, воопшто човековите права и павата на најранливите категории. Сите овие дискусии следеа по проследување на филм, во кој се третираат овие права.

Кан се обидуваше да најде начин да опстане во својата реална форма, во тоа е и привлечноста на Кан, но состојбата со корона вирусот и протоколите донесени во Франција им ги испреметкаа плановите, а имајќи предвид какви сѐ спозори се вклучени во буџетот на овој гламурозен фестивал, Тиери Фремон мораше да најде начин да промовира дел од канските премиери online. Карлови Вари и Локарно не ги откажаа целосно своите фестивалски програми, ги сменија начините на презентација, очекуваме програмата на Карлови Вари да ја проследиме во ноември, така е најавено, можеби поголем дел на интернет платформи, Локарно се имплементира во меѓународната фестивалска платформа со неколку светски фестивали… Венеција изненади со својата смелост и ни одржува лекција како најстариот фестивал се справува со овие предизвици, ставајќи го акцентот на програмата која веќе ја следам и сум воодушевена. Барбера на крајот на својата кариера како прв човек на најстариот меѓународен филмски фестивал во светот ја „воздигна“ високо искрата на победата на уметничката филмска креација над состојбата. Но, да се вратам на вашето прашање, мислам дека фестивалите потешко ќе се привикнат на оваа ситуација од публиката. Големите мрежи наметнаа шанса, најновите филмски продукции да бидат видени два дена по фестивалските премиери на нивните платформи, а публиката е лесно да се „намами“ со сериозни филмски авторски имиња и на компјутер да ги изгледа новите филмски остварувања. Јас не го преферирам овој начин на следење на филмска креација, наречете ме старомодна, но последниве години на компјутер проследувам филмски остварувања само за да се информирам, што би рекле од прва рака, а моите дефинитивни ставови за филмот ги добивам и изнесувам по проследувањето на филмот на големото платно. Не смееме да дозволиме кино салите да останат тивки и празни. Тоа би било апокалиптично, депресивно. Филмските фестивали се формирани, основани, организирани да ја промовираат филмската култура на соодветен начин, на големо платно, било во кино сала или на отворен простор. Возбудата пред и после филмот е неприкосновено, незаменливо чувство меѓу публиката.  Еве во Данска, нашите пријатели од Данскиот филмски институт со голема помош на државата го отворија уште во мај новото кино на отворено „drive in“, а сите граѓани од Копенхаген и околината помогнаа да ги донесат своите стари автормобили и да ги даруваат за ова кино. Модели има, треба само да ги најдеме најдобрите, најсоодветните за нас, бидејќи ние сме многу специјални, нели… за сѐ не бива и за ништо во истовреме.

Кој од фестивалите од А-категорија најмногу ви оставил впечаток?

-Не сум имала шанса да ги посетам сите и покрај поканите, но секој има свој шарм и предности. Ќе зборувам за оние кои сум ги посетила. Венеција фасцинацира со местоположбата на главниот фестивалски центар покрај водата на гламурозното Лидо и кино на отворено, Кан со познатиот Црвен килим и секогаш добро подготвената селекција мами стотици илјади посетители, Берлин со германската точност, директност, но и топла отвореноста на организаторите, лесната комуникација со филмските автори и ѕвезди, алтернативата и експериментото во филмот го потврдува моето тежнение за формирање филмски вкус. Карлови Вари е чудесно близок до нашиот сентимент и секогаш грижливо избира филмови од Југоисточна Европа, а особено ги препознава квалитетите од нашиот регион. Но, за мене се исто така многу корисни искуствата на организаторите на Солунскиот и Сараевскиот филмски фестивал. Тие имаат свои простории, вработени во текот на целата година, заедно тимски се договараат за сѐ. Нашиот фестивал не го има достигнато тоа ниво, треба да се работи на тоа.

За да се оцени визуелната структура на филмските уметници на кои им е посветен овој фестивал потребно е големо платно и еден пријатен киномрак, изјавивте на прес-конференцијата во Скопје. Каде ја гледате иднината на филмската индустрија во услови на пандемија?

-Очекувам да се одредат протоколи за во кино салите. Во регионот тоа е веќе направено, кај нас не е. Ги разбирам сите стравови на оние кои ги донесуваат одлуките за тоа, разбирам дека клима уредитете и затворени простори може да предизвикаат ширење на  заразата. Не сакам да се правам паметна за нешто што не го познавам, само нагаѓам што ги мачи и зошто се во дилема. Но, човештвото мора да победи со својот ум,  нели знаењето ќе го спаси светот. Го повикувам ЗНАЕЊЕТО да се произнесе, да се стави во служба на сите и да ни ја врати громогласно културата и културните манифестации.

Како помина средбата со претседателот Пендаровски како покровител на фестивалот?

-Како и минатата година, од лесно, во многу пријатна атмосфера. Претседателот како покровител на фестивалот е подготвен за соработка и е многу љубопитен. Го интересираат и најмалите детали, дури и тривијалните кога е во прашање организацијата на фестивалот. Минатата година тој се дружеше со Ед Лакман како да се стари пријатели. Лакман беше одушевен од него. Опкружен е со добро подготвени соработници. Тој ја познава многу добро меѓународната филмската сцена и е одлично информиран за нашите филмски подвизи и проблеми. Тоа за мене е особено важно, кога еден политичар, претседател на една држава ги познава релациите и проблемите и во културата, во филмот.

Терате втор мандат на оваа функција, а од 2008 сте дел од фестивалот. Што ви беше најтешко, а што е полесно за да се организира еминентен фестивал со славни гости и црвен килим?

-Најтешко ми беше и сѐ уште ми е распределувањето на буџетот по ставки, а тие ставки се луѓе, личности кои ги познавам со години, соработници кои си ја знаат својата работа и професионално си ја завршуваат, а не можат да го добијат заслужениот хонорар. Голем дел од нив не се вработени, работат на проекти. Тешка ми е неизвесноста во преговорите со гостите, оние кои мислам дека заслужуваат да бидат дел од нашата програма. Јас пред да бидам директор бев уметнички директор на фестивалот и комуникацијата со главните гости ја имав како обврска која ми беше доверена од тогашниот директор Благоја Куновски – Доре. Ние бевме и сме тандем што добро функционира. Контактите со добронамерните и прфесионалците ме облагородуваат, тие се мојата екцелерација во новите идеи за промоција на фестивалот „Браќа Манаки“, со такви јас одбирам да соработувам. Ги има и оние другите, но тие не се вредни за споменување, ама ги има, како и секаде.

Најлесна ми е селекцијата на програмите, тоа е нешто што се учи, потоа само се случува… природно, како дел од вашиот секојдневен говор. А дали ќе можат да се добијат токму тие селектирани филмови е тоа е друга приказна. И тука има преговори, убедувања. Но, секогаш знам каква филмска програма заслужува да ѝ презентирам нашата верна и филмски високо едуцирана битолска публика.

Културата, односно сценските дејности се најпогодени од короната. Вие бевте членка на Советот за култура, како стручно и советодавно тело на министерот за култура, во мандатот на Роберт Алаѓозовски. Почнаа тензиите измеѓу културните работници и Министерството, пополека се отвораат културните институции под строги здраствени мерки, уметниците се резервирани, а и публиката се плаши да ужива во затворен простор. Има ли светлина на крајот од тунелот?

-Засега не ја гледам, ја сметам ситуацијата со оваа чума за многу сериозна. Да, јас бев член во тој Совет, бев почестена, но простете не би сакала да говорам за тоа, тоа беше време на искрена надеж, кое кратко траеше. И покрај тоа што мислам дека мојот ум, знаење и искуство во одредената област било што нема смени, за жал, јас сепак нема никогаш да се откажам обидувајќи се. Јас сум многу трпелива личност и знам да простам на глупоста, толку некому му е дадено, но на злонамерноста и незнаењето нема да простам. Во културата премногу има: овој или оваа ми се допаѓа а овој или оваа не! Многу банално и непростиво согледување на нечии одлики. Сметам дека културните работници треба да бидат свесни дека не треба да бидат тивки, туку громогласни.

Вие сте и новинар, филмски критичар, фестивалски селектор, а вработена како раководител на Одделението за меѓународна соработка на МРТ. Која професија или проект најмногу ве исполнува?

-Сите проекти во кои се вклучував ги работев со голема љубов и одговорност. Ако пред тоа беше видео уметноста, „Аквариум“, ТВ портретите и преносите во Струга, Охрид и Битола, во последниве 12 години тоа е фестивалот „Браќа Манаки“ и селекцијата на документарната филмска програма, но проектот со кој особено сум горда е филмот „Судијата“ на режисерката и сценаристка Жанета Вангели. Јас бев извршен продуцент на овој филм. Филмот се работеше 5 години. Мојот сопруг се смееше и ме прашуваше: Вие, Бен Хур да не го снимате?

Тоа беше неповторливо искуство со тогаш многу драги луѓе. Малкумина знаат дека овој филм се прикажа во официјалната програма на Венецискиот филмски фестивал во 2001 година. Тогашната министерка (ќе се сети која е) не сметаше за потребно да ни додели средства да го поставиме на 35мм и токму затоа не бевме земени предвид за наградата за млад автор „Дино де Лаурентис“. Тој филм беше единствениот што се прикажа на аналогна бета формат (на електронска лента) а не на филмска лента на фестивалот. Но, сепак македонски филм беше прикажан на Венециската филмска Мостра во 2001. Потоа се прикажа на Скопје филм фестивал и на други 35 меѓународни филски фестивали. Треба да се повторува и тоа почесто дека, тогаш, а и сега сѐ уште, филмските работници произлегоа/ваат од Македонската радиотелевизија, а потоа и од другите приватни ТВ канали. Денес како да не се зема предвид креативната работа на тв-авторите. Морам да бидам до крај искрена, дека ако нема средства од Агенцијата за филм, тие нема да можат да „спакуваат“ пристојно и професионално еден документарен или игран филм, а сѐ уште веруваат дека следниот проект ќе го работат поинаку. Но, да се вратам и би завршила со филмот.

Филмот е една слика и еден доказ повеќе до вистината и решението на проблемот, а тој филм ни припаѓа на сите.