Киев ги повика цивилите да ги напуштат окупираните подрачја поради засилените украински напади
Воениот гувернер на украинскиот југоисточен регион Запорожје, Иван Федоров, денеска ги повика цивилите да ги напуштат териториите под руска окупација, во услови кога Киев ги интензивира нападите врз тие делови на земјата.
Федоров преку „Телеграм“ соопшти дека украинските сили ја гаѓаат руската воена инфраструктура и линиите за снабдување во регионите Запорожје и Херсон. Истовремено, според него, руската армија распоредува дополнителни сили за заштита на своите објекти, што дополнително ја зголемува опасноста за цивилното население.
„Затоа ги повикувам сите да не ја одложуваат одлуката за заминување“, порача Федоров.
Тој објави и контакти од хуманитарни организации и државни институции што можат да им помогнат на украинските граѓани да ги напуштат окупираните територии.
Во последниот период Украина изврши неколку значајни напади врз руските сили. Руските власти поставени во окупираните подрачја признаа дека биле погодени клучни мостови што водат кон Крим, а во некои региони е пријавен и недостиг на гориво на бензинските станици.