Канцеларката Меркел, корона-револуцијата и ние

Германија– Канцеларката Ангела Меркел оцени дека пандемијата на коронавирус е најголем предизвик по Втората светска војна. Тоа не е преувеличување, смета Мартин Муно.

    
Deutschland Berlin | Coronavirus | Ansprache Angela Merkel, Bundeskanzlerin (Reuters/F. Bensch)

„Од германското обединување, не, од Втората светска војна за нашата земја немало поголем предизвик, при кој толку многу зависи од наше заедничко солидарно постапување.“ Германската канцеларка Ангела Меркел не е човек склон кон патос. Дури и за најголемите политички предизвици, таа претпочита трезвен, воздржан избор на зборови, соодветно на нејзината титула на доктор на природни науки. И секогаш е оптимистична, како и за време на бегалската криза, со нејзината позната реченица: „Ќе успееме во тоа.“

Кога жената која владее со Германија преку 14 години, првпат, со исклучок на традиционалниот новогодишен говор, директно им се обраќа преку телевизијата на граѓаните, кога патем прави историски споредби со војна во која животот го загубија 55 милиони луѓе и Германија ја остави во урнатини, кога Ангела Меркел зборува на овој начин, значи дека ситуацијата е сериозна.

Експоненцијално ширење на вирусот

Веќе сите гледаме: затворени училишта, детски градинки и продавници, цели претпријатија кои своите вработени ги испраќаат на принуден одмор или на работа од дома, панично купување и трупање залихи, социјални ограничувања почнувајќи од сторнирање летувања па до карантин, сето ова го обележува нашето секојдневие. Во разговорите во семејствата, меѓу пријателите и познаниците речиси нема друга тема освен коронавирусот.

На големината на опасноста укажуваат математичарите кога зборуваат за експоненцијално ширење. На почетокот на март во Германија имаше 130 инфицирани со Ковид-19, денес се преку 11.000. Темпото на распространување значи одговара на прогнозите на научниците. Ако продолжи ваквото темпо, набрзо ќе биде премината границата од 100.000 или дури ќе достигне милиони, при што овде не зборуваме за црни бројки. И уште: пандемијата не е само национална, туку светска закана.

Kommentarbild Muno Martin Мартин Муно

Во оваа ситуација, канцеларката го прави единствено правилното: таа не наредува, таа апелира до нашиот разум. Таа верува дека ние како разумни, просветени граѓани, ќе се однесуваме соодветно на ситуацијата. Мотото гласи „социјална дистанца“, покултурна варијанта отколку хаштагот кој курсира меѓу луѓето “#stayfuckinghome” – по ѓаволите, остани дома. Или, како што рече канцеларката: „Не сме проколнати пасивно да го прифатиме ширењето на вирусот. Имаме контрасредство: поради обѕир, мораме да држиме дистанца еден од друг.“

Повеќе мртви, помалку слободи

Непријатното, а тоа го спомена и канцеларката, е што со неколку недели принудна пауза ова нема да заврши: „Следните недели ќе бидат уште потешки“.

Ќе има уште повеќе мртви, енормни економски штети и можеби дури и социјални раздвижувања.

И, ние ќе мора да се откажеме од некои слободи, но не како цел, туку поради тоа што е нужно. За нас како општество, сеедно каде живееме, тоа е огромен предизвик. Но, може да биде и шанса. Уште сега малиот вирус фрла интензивно светло врз нечуената глупавост на големите популисти, погледнете ги само видеата на Доналд Трамп. Уште сега учиме дека можеме да комуницираме поинаку, видеотелефонијата станува секојдневие. Чувствуваме дека сите ние на некој начин припаѓаме заедно, дека солидарност и меѓу странци е нешто што носи добро чувство, па дури и ако внимателноста кон другиот се состои само во тоа да ја преминеме улицата за да избегнеме директен контакт.

Она што нѐ очекува го сублимираше филозофот Славој Жижек во една реченица: „Животот, дури и ако на крајот се вратиме кон нормалност, ќе биде нормален на поинаков начин од оној на кој бевме навикнати пред епидемијата.” Ќе научиме да водиме живот свесни за неговата кревкост, со постојани закани. Се наоѓаме среде една револуција, а од нас зависи дали таа ќе има добар исход или не.

Ве молам, останете во добро здравје! (Дојче Веле)