Црно и се пишува на Европа, 10 големи земји ќе банкротираат, предвидува министерката за финансии Димитриеска-Кочоска


Фото: Б. Грданоски

 

Стариот континент е пред пропаст. Особено големите земји во Европа.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, користејќи некои информации, тврди Македонците што живеат низ Европа гледале дека на континентот црно му се пишува, додека на Македонија бил светлата ѕвезда на небото.

И како нејзиниот шеф, премиерот Христијан Мицкоски, таа вели дека нашинците во Европа сфатиле „колку е саатот“ и се враќаат во татковината. „Јас сега колку што се сеќавам, во изминатиот период во Владата претседателот имаше средби со наши иселеници кои што се враќаат. И на запад состојбите веќе не се такви какви што беа“, рече денеска министерката по состанокот на Комитетот за јавни инвестиции.

Па ги даде предвидувањата за пропаста на големите европски земји: „Се очекува, тоа се некои проекции кои што ги имаат меѓународните финансиски институции, во следните 10 до 15 години големи европски земји, околу десетина, дека ќе банкротираат“.

Кои се тие земји Димитриеска-Кочоска не кажа. Но ако се големи, тоа значи Германија, Франција, Шпанија, Холандија, Италија, можеби Полска. Но имало среѓа за континентот. На Македонија и оди многу добро со оваа влада, така што ќе остане таа како здрава економија во Европа.

„Нашите луѓе кои живеат низ Европа гледаат каква е состојбата, што не можеме да кажеме за нас. Ние сме поздравени и од страна на ММФ и од страна на Светска банка“, рече министерката.

Сега наместо да има фирми што помагаат да се најде работа во странство треба да се формираат такви кои ќе се справуваат со големата навалица на нашинците кои се враќаат дома. Треба да им се најде работа.