Каква е одговорноста за наивноста?


Слободанка Јовановска

Македонија, или по ново Северна Македонија, е дојдена до граница да биде прогласена за пропадната држава. Епизодата со руските комичари го покажа тоа најдобро деновиве. И причината не е толку што премиерот Зоран Заев испадна наивен, што перцепцијата за неговата способност да владее е сериозно нарушена, што секој од надвор и од внатре може да не дестабилизира за едно деноноќие и што партизацијата направи таква пустош во институциите, што не постои кадар во нив што знае како да заштити премиер од вакво подвалување. Македонија е на работ бидејќи барем половина од неа не сака таа да успее, бидејќи сака да го види својот премиер понижен, сака да ја види својата држава насамарена, сака да ја види владата изиграна околу датумот за преговори, не сака да влезе земјата во НАТО или бар не сака тоа да се случи за време на актуелната власт, при што се радува на секоја критика на наша сметка, па бара и уште.
Ова што му се случува деновиве на премиерот во голема мерка потсетува на односот кон претседателот Борис Трајковски, кој беше масовно исмејуван на домашната сцена за отвореноста и наивноста со која влезе во политиката, а дури откако замина сите беа едногласни дека донел историски одлуки, какви што не донесоа многу поискусни и поитри политичари, кои не беа добри за земјата, но знаеја многу добро како да си ја заштитат фотелјата. Големата слика за Заев е дека, како ретко кој политичар денес во Македонија, речиси не знае да каже лош збор. Дека е непоправлив оптимист, иако имаше три многу тешки години на функцијата и многу потешки пред тоа. Она што го видовме на последната прес конференција, додека признаваше дека бил наивен и измамен, беше првата потврда дека напукнува неговата самодоверба и дека му станува се потешко да ја води државата со толку потребната позитивна енергија, кога сите ние, и злонамерно и добронамерно, го влечеме надолу со својата секојдневна фрустрација и негативноста. Позитивната вест едноставно не преживува во Македонија веќе ни минута, а јавноста се храни се повеќе и се подолго со поразите.
Прашањето е – дали и Французите се самопонижувале на ваков начин кога откриле дека руски божемни комичари имале лажен телефонски разговор со нивниот премиер? Нема шанси, Франција нема да оди напред ако државата им игра по нечии туѓи ноти. Прашањето е исто така – како ќе оди Македонија вака, како сакаме да успее, ако целата енергија, време и труд ги трошиме за внатрешно пресметување, и тогаш кога е јасно дека не се работи за автентичен национален интерес, туку напротив. Како ќе одиме напред, ако цело време влечеме назад кон дестабилизирање, место да ги рационализираме работите и да отвориме дилема – како дошло до тоа системот да ни е толку ерозивен, кој е одговорен за тоа и, што е многу поважно, како да спречиме тоа да ни се повтори и некој друг да ни ја понижува државата од надвор?
Нашите институции денес се како минско поле, а вработените внатре како келии на Ал Каеда, кои се на готовс да одработат за партијата ако треба. Никој не е таму бидејќи е експерт за, на пример, безбедносна заштита на комуникациите, туку зошто е партиски заслужен. Еден ден кај Рашковски некој влегол со мобилен телефон, а друг ден може да се случи некој да влезе со експлозив, бидејќи безбедноста функционира според лична проценка и врз неформална процедура. Дури и од американските филмови сме научиле дека службите за безбедност надвор од Македонија си ја работат работата според протокол, и тогаш кога претседателите на државите сакаат тоа да го избегнат, бидејќи и ним гласот не им е посилен од системот. Премиерот Заев треба да прифати дека политиката е расипана, дека отвореноста во неа не секогаш е доблест и дека секогаш треба да зборува – како Сашо Мијалков уште да прислушкува. Дека треба да има неколку рампи пред да прифати со некого да разговара, како што прават сите на негова позиција,а бидејќи е политички таргет, да си обучи персонал кој специјално ќе се грижи за безбедноста на комуникациите, место да ги троши функциите на бројните бескорисни советници. Тоа на крајот му е и обврска, бидејќи ова што му се случува не е само негов проблем туку и на цела Македонија. Потфрли тој, но потфрлија и институциите на кои три години им подготвуваат реформа, а никако да ја почнат.