Како Јоханес Хан се најде на списокот на осомничени за корупција


Еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан, е посечен дека одел на непријавени вечери со лобисти (Фото: АФП)

Париски „Либерасион“ објавува дека еврокомесарот Хан одел на ловечки вечери организирани од лобисти, кои потоа биле плаќани од парите на европските даночни обврзници

 

Љупчо Поповски

Еврокомесарот за буџет, Австриецот Јоханес Хан, се соочува со обвинение дека несоодветно ги пријавил скапите покани од лобистите на европските земјопоседници и обесчестен поранешен член на ревизорската канцеларија на ЕУ. Францускиот весник „Либерасион“ во изданието од четвртокот открива дека Хан и неговата тогашна партнерка учествувале во барем еден ловечки викенд во Шамбор на Лоара во Франција, кој го организирала и платила Европската организација на земјопоседници.

Јоханес Хан е еден од најдолговечните врвни политичари во институциите на Европската унија. Од 2010 до 2014 година беше еврокомесар за регионална политика во комисијата на Жоце Мануел Баросо, од 2014 до 2019 еврокомесар за проширување за време на мандатот на Жан-Клод Јункер, а како незаменлив кадар на австриската конзервативна Народна партија (ОВП) сега е еврокомесар за буџет. Хан стана фамилијарно лице во македонската јавност и политика за време на емитувањето на „бомбите“ на тогашната опозиција, потоа за време на пржинските преговори за излез од длабоката политичка криза и како еден од учесниците во склучувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција.

Хан и порано беше под сомнение дека како европски функционер го користел своето влијание во одредени земји за да извлече привилегирана позиција на познатата австриска компанија за коцкање „Новоматик“, чиј извршен директор беше пред да стане министер за наука и истражување на Австрија.

Кои се сегашните „корупциски гревови“, според тврдењата на париски „Либерасион“?

Документите со кои располага „Либерасион“ покажуваат дека Хан и поранешната градска советничка на ОВП во Виена, Барбара Фелдман, биле присутни во Шамбор (еден од најпознатите замоци на светот) на 13 декември 2015 година во времето кога тој беше еврокомесар за проширување. Ден претходно присуствувале на вечера со вкупно единаесет гости, меѓу кои и шефот на лоби организацијата. Сметката од 2.178 евра ја платил Европскиот суд на ревизори, чиј тогашен белгиски член Карел Пинкстен ја организирал вечерата.

За Пинкстен се појавија негативни наслови во печатот овој септември. Судот на правдата на ЕУ му одзеде две третини од пензијата како поранешен член на Судот на ревизори бидејќи за време на неговиот мандат од 2006 до 2018 година имал фрапантно погрешни и несоодветни фактури, надоместоци за повластици и други трошоци во износ од околу 473.000 евра кои ги зел од буџетот на Судот.

Во овој контекст, „Либерасион“ укажува на можен конфликт на интереси на Хан. Во 2015 година, Пинкстен беше претседател на Комората III на Судот на ревизори, кој мораше да го ревидира буџетот за проширување и соседска политика – во тоа време портфолиото на Хан во Европската комисија. Весникот добил и мејлови меѓу канцелариите на Пинкстен и Хан, во кои е забележано дека сопатничката на Хан, Фелдман, има дозвола за лов, а тој нема.

Од канцеларијата на Хан изјавиле за „Либерасион“ изјави дека комесарот не морал да го наведе учеството во ловот во регистарот за транспарентност на Комисијата, бидејќи бил само придружник на Фелдман, која во тоа време била негова партнерка. И вечерите со членот на Судот на ревизори, Пинкстен, според толкувањето на канцеларијата на Хан, биле „приватни“ и немале „никаква врска со дискусијата и спроведувањето на политиките на ЕУ“, како што рече неговиот портпарол.

На прашањето на новинарите, кабинетот одговорил дека тој ја прифатил „поканата за приватен лов“ „како придружник на неговата тогашна партнерка Барбара Фелдман“. На прашањето зошто Хан сметал дека е соодветно прво да ја прифати ваквата покана, а второ да не се изјасни, одговорот бил: „Приватните настани не мора да се запишуваат во регистарот за транспарентност. Г-ѓа Фелдман беше поканета на настанот поради нејзината дозвола за лов и нејзините редовни ловечки активности“.

Приватна вечера платена од даночниот обврзник

Кабинетот на комесарот уште објаснува: Хан не мораше да го регистрира оброкот кај Пинкстен вечерта пред ловот „бидејќи не е неопходно да се изјаснуваат чисто приватни состаноци“, велат од таму. Но, тука доаѓа главниот проблем, затоа што Пинкстен ја платил вечерата од буџетот на Судот на ревизори. Така што, вечерата не може да биде приватна ако е платена од европскиот даночен обврзник.

„Либерасион“ тврди дека Хан не навел во документите на Комисијата три вечери со актуелната австриска членка на Судот на ревизори на ЕУ, Хелга Бергер, на 11, 14 и 28 јуни годинава. Таа е дел од Комората V, која го испитува тековното портфолио на Хан – буџетот и администрацијата. Извештајот не открива кој ги платил овие вечери. На една од нив учествувала и сегашната партнерка на Хан, Сузане Рис, поранешна вицеканцеларка од редовите на крајнодесничарската Слободарска партија во владата на канцеларот Волфганг Шисел. Нејзин шеф на кабинет во тоа време беше токму Хелга Бергер.

„Либерасион“ пренесува и дека агенцијата на ЕУ за борба против измами, Олаф, отворила прелиминарна истрага против Хан за овие работи. Но оваа истрага била запрена „под притисок на Комисијата и одредени земји-членки“, наведува „Либерасион“. Можеби најважно за запирањето на оваа истрага е тоа што Јоханес Хан е одговорен и за работата на Олаф во Европската комисија.

Овие обвинувања за корупција меѓу политичарите на австриската Народна партиј адоаѓаат во вителот на драмата што се случува во нејзините редови. Поранешниот канцелар и претседател на партијата, Себастијан Курц, беше принуден да поднесе оставка на функцијата. А откако неговата позиција како претседател на партијата продолжи да биде неодржлива, тој вчера објави дека ја напушта политиката. Веднаш по Курц оставка објави и канцеларот Александар Шаленберг, именуван за наследник токму од него. А вечерта оставка поднесе и министерот за финансии, Гернот Блумел, кој исто така беше вклучен во коруптивната шема на Курц за нарачки на лажни анкети платени од државни пари.

Сите овие коруптивни афери ја ничкосаа поддршката на Народната партија (членка на ЕПП) која лани триумфираше на изборите и имаше поддршка во анкетите од над 40 отсто. Сега поддршката е на само 23 проценти, а водството во анкетите го презедоа социјалдемократите.