Падна одлука: Асанж има право на жалба


Британскиот суд донесе конечна одлука – основачот на Викиликс, Џулијан Асаж, има право на жалба против екстрадицијата во САД поради протекувањето на голем број тајни американски документи.

Двајца судии од Високиот суд во Лондон одлучуваа дали да веруваат во гаранциите на САД дека Асанж нема да се соочи со смртна казна и дека може да се потпре на правото на слобода на говор од првиот амандман доколку биде обвинет за шпионажа во САД.

Инаку, Викиликс објави стотици илјади доверливи воени документи на САД за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, како и серија дипломатски телеграми, што е најголемото безбедносно нарушување од ваков вид во историјата на американската војска.

Во април 2010 година, тој објави доверливо видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во 2007 година во кој загинаа десетина луѓе во ирачкиот главен град Багдад, вклучувајќи и двајца новинари на Ројтерс.

Американските власти сакаат да го изведат на суд Асанж роден во Австралија по 18 точки од обвинението, од кои речиси сите се шпионажа, тврдејќи дека неговите постапки со Викиликс биле непромислени, ѝ наштетиле на националната безбедност и ги загрозиле животите на агентите.

Асанж денеска не се појави на суд поради неговата здравствена состојба, но неговите адвокати рекоа дека тој не треба да биде екстрадиран во САД, кои го сомничат за масовно протекување на тајни документи, што потенцијално би го загрозило неговото право на слобода на говор.

Адвокатот на Асанж, Едвард Фицџералд, рече дека судиите не треба да ги прифатат гаранциите на американските обвинители дека Асанж може да се обиде да се повика на неговите права и заштита од Првиот амандман, бидејќи американскиот суд не е обврзан да го стори тоа. „Ние велиме дека ова е јасно несоодветна гаранција“, рече Фицџералд пред судот.

Сопругата на Асанж Стела се појави на судењето со неговиот брат и таткото, но Асанж не се појави поради здравствени причини, рече Фицџералд.

Демонстрантите рано утринава се собраа пред судот во Лондон, држејќи транспаренти и извикувајќи „Слобода за Џулијан Асанж“.

На еден транспарент упатен до американскиот претседател Џозеф Бајден пишува „Пушти го, Џо“.

Асанж беше уапсен во 2010 година во Велика Британија, но беше ослободен со кауција во февруари 2011 година. Вестминстерскиот суд во Лондон нареди екстрадиција на Асанж во Шведска поради обвинение за силување, но тој ја обжали одлуката.

Британскиот Врховен суд ја одби жалбата на Асанж, а пет дена подоцна тој најде засолниште во амбасадата на Еквадор во Лондон и побара политички азил.

Асанж беше уапсен на 11 април 2019 година, откако Еквадор му го укина политичкиот азил, а на 1 мај беше осуден на 50 недели затвор од британскиот суд поради прекршување на кауцијата.