Eкономскиот раст наречен желба

Одговорот на прашањето како понатаму и со која брзина ќе зависи од решавањето на проблемите кои беа внатрешни кочници во минатото


Трите децении независна држава, покрај неспорните придобивки во одделни општествени сегменти, покажаа дека на планот на економијата е направено недоволно, дури и премалку, за поголема позитивна оцена.

Можеби некому ова ќе му изгледа престрого, имајќи предвид дека во изминатите три децении Македонија се соочуваше со енормни предизвици со кои тешко би се справиле и поголеми и посилни држави од нашата. Кога би се набројувале сите тие пречки, списокот би бил многу долг – од одбивањето европските држави да го признаат она што го констатира Бадентеровата комисија, формирана од самите нив, која заклучи дека Словенија и Македонија се двете држави од федерацијата во распаѓање кои ги исполнуваат критериумите за самостојни држави (Македонија беше игнорирана, наместо тоа признание доби Хрватска), преку ембаргото наметнато од страна на Грција, блокадите кон Србија наметнати од меѓународната заедница, од кои огромни штети трпеше нашата земја, ветото од Грција за членство во НАТО…, па сѐ до денешната блокада од Бугарија за почеток на преговорите со Европската унија.

Ваквите блокади, покрај политичките, имаа и конкретни економски последици изразени во милиони долари економски штети или неостварени добивки, ја враќаа земјата назад или пак ја оневозможуваа да оди со она темпо со кое инаку би можела.

Сепак, фактот дека за 30 години македонскиот домашен бруто – производ (БДП) се зголемил само за 1,6 пати, односно за 60 отсто во однос на оној од 1992 година, е поразителен податок, кој не може да најде оправдување само во наведените надворешни фактори, туку причините треба да се бараат и во домашните слабости и пропуштени шанси кои се многубројни.

Ако ги слушаме политичарите изминативе три децении, се разбира додека се на власт, произлегува дека Македонија силно граби напред на економски план, дека речиси утре ќе ги стигнеме развиените земји и дека животниот стандард секојдневно се подобрува. Но, за жал вистината е сосема поинаква. Наспроти виртуелната реалност која што се обидуваат да ја наметнат владејачките партии сите овие три децении, секојдневието е сосема поинакво.

А, тоа е дека многу други држави во изминатите три децении оствариле поголем економски раст од Македонија, што им овозможи да одат понапред од нас. Така, некои држави со кои пред три децении сме биле отприлика на исто рамниште според БДП на жител (мерен според паритетот на куповната моќ) како на пример Полска, Романија, Казахстан или Латвија, сега имаат двојно поголем БДП на жител од нашиот, бидејќи во овој период тие успеале да го зголемат за три пати (наспроти нашите 60 отсто) .

Оваа споредба која преку инфографики деновиве ја презентира економскиот институт Фајнанс тинк, се дополнува со уште една – со земји со кои сега сме на отприлика на исто рамниште (Албанија, Туркменистан, Грузија) а кои пред три децении биле многу зад македонскиот БДП, но кои во меѓувреме го зголемите нивниот домашен бруто производ за дури четири пати.

Тогаш, каде се причините за ваквата состојба? И, што е поважно, како во наредниот период да се остваруваат повисоки стапки на раст, или поедноставно кажано, како да се движиме побрзо од другите.

Одговорот на овие прашања сигурно не е едноставен и лесен. Објаснувањето зошто сме каде што сме, а не понапред, може да се најде во одговорите на Петар Гошев во интервју за Дојче Веле, во кое прецизно прстот го вперува во она што се нарекува „заробена држава“, „хибриден режим“, енормен пораст на корупцијата (како што вели во негов стил – некогаш се крадеше на лажиче, потоа со лопати, а сега со булдожери). Во такви околности, Македонија и не можеше да очекува поголем економски раст.

Очигледно е дека и одговорот на прашањето како понатаму и со која брзина ќе зависи од решавањето на проблемите кои беа внатрешни кочници во минатото.

Јубилејот кој деновиве го одбележа државата – три децении независност, се совпадна со еден охрабрувачки податок – а тоа е дека македонската економија конечно излезе од рецесија во која западна поради последиците од ковид кризата. Сепак, треба да се има предвид дека иако БДП во вториот квартал порасна за значајни 13,1 отсто, односно 5,6 отсто во првото полугодие,  македонската економија уште не е на нивото пред пандемијата, за разлика од некои земји во регионот, кој веќе успеаја да ја надоместат разликата.

За дел од овие прашања и дилеми стана збор и на минатонеделната конференција во Скопје која ја организираше Министерството за финансии, а која се обиде да даде одговор на прашањето како по ковид кризата и од која произлегоа и повеќе заклучоци и препораки – од зелена економија, дигитализација, подобро образование, борба против корупцијата…

Сето тоа е во ред, и сите заклучоци се на место. Но, ако не се преточат во конкретни политики и мерки и ако не се понуди развоен модел кој ќе ѝ овозможи на земјата забрзан и одржлив економски раст, тогаш по 30 години ќе можеме само да констатираме дека многу земји не оставиле уште два чекори зад нив, а растот ќе остане само (неостварена) желба.