Како да се ослободиме од корупцијата?


ЗДРАВКО САВЕСКИ 

Ја злоупотребија власта за лична корист. Мислеа дека ќе скријат од јавноста, ама не успееја. Мислеа дека ќе поминат со празни ветувања и фрлајќи им трошки на граѓаните. Мислеа дека ќе продолжат по старо. Но, сè беше залудно.

Оваа приказна за падот на претходната власт ѝ се случува и на сегашната. И во некоја чудна иронија на судбината, „бомбашот“ Заев може и самиот да падне жртва на „бомби“. Уште повеќе, можеби тој самиот себеси се дотепа преку „бомбата“ со изјавата која содржеше навреди за ЛГБТ-заедницата и новинарите. Индициите дека Боки 13 не дејствувал изолирано, дека не е вмешана само Катица Јанева, туку и самите врвови на СДСМ – секој ден растат. Сè повеќе е јасно дека власта нема да може да се извади од калта преку жртвување само на ситните риби.

Што баксузи ќе бевме ние та толку корумпирани личности да нè водат веќе 30 години! Како еден не се најде асален?

Не ќе да е до немањето среќа. Воспоставен е систем на коруптивно владеење, со висока резистентност на промени. И поради таа резистентност, на власт можат да дојдат само корумпирани лица во склоп на коруптивни партиски структури, тесно испреплетени со олигарсите. До системот е, а не до луѓето. Затоа не можат да дојдат на власт луѓе кои немаат коруптивни афинитети. Системот ги оневозможува да успеат и ги истиснува ако не играат според правилата и ако го загрозуваат неговото „нормално“ функционирање.

Ако го сфатиме тоа, конечно ќе можеме да направиме исчекор. И наместо одново и одново да ја полагаме надежта во насмеаните политичари што стојат на чело на клиентелистички партии, ќе се концентрираме на промени во системот што се темели на корупција и ја репродуцира неа, без разлика на замената на едни лица со други.

Кои се промените што треба да се направат?

Да им дадеме високи плати на функционерите за да не крадат? Тоа е еден од дежурните предлози што се даваат. Како платите на функционерите да се ниски! Како функционерите, покрај платата, да не уживаат низа привилегии преку кои дополнително ги зголемуваат своите примања! А во контекст на овој скандал, кој го вклучува СЈО, шупливоста на овој предлог станува уште поочебијна! Колкава е платата на Катица Јанева? До ден-денес јавноста не е информирана околу тоа. Скандалозно, СЈО ги крие износите на плати и надоместоци на своите вработени! Иако тие за својата работа се платени од парите на граѓаните и тие имаат право да знаат колку изнесуваат примањата на сите функционери. Во секој случај, платата на Катица Јанева е многу висока, сигурно многу повисока од платата што ја примаат 99 проценти од граѓаните. А тоа не ја спречило да ја злоупотребува функцијата за извлекување лична корист.

Можеби решението е богати лица да бидат на власт? Ете, можеби, Јанева земала висока плата, но претходно немала многу пари, па високата плата ја направила уште полакома. Затоа, треба луѓе кои веќе имаат стекнато голем капитал да бидат на власт. Тие веќе имаат пари, па нема да крадат. Трагично е колку наивно се верува во вакви бајки! Еве ви го Заев! Токму човек кој има голем капитал сега е на власт. Тој владее некоруптивно зашто веќе има стекнато капитал? Тој е единствениот политичар во Македонија кој е аболиран, и тоа за корупција за случајот „Глобал“. Ако бил невин, зошто не го докажа тоа на суд? И зошто запре постапката против него во случајот „Поткуп“? Зашто толку очигледно беше невин? За менталниот склоп на капиталистите (и во Македонија и насекаде), многу кажува изјавата што лани ја даде почитуваниот бизнисмен Сашко Станоевски, член на Управниот одбор на Кластерот за текстил: „Вие ништо не знаете за текстилната индустрија. Кога зборуваме за проблемите во текстилната индустрија, обично ни велат дека ние возиме џипови. Па со што да се возиме, ова е 21 век. Бизнисмените во странство имаат авиони!“ Колку и да имаат пари, тие ќе сакаат да имаат уште повеќе! Така што, тврдењето дека богатството на богатите луѓе е гаранција за нивна некоруптивност – е само бајка со која треба под итно да се раскрсти.

Треба да се применуваат законите, треба да има владеење на правото! Е треба, де! Треба, треба. Се изнаслушавме за тоа „треба“. Зошто тоа никако да профункционира, тоа е вистинското прашање. Па корупцијата во Македонија за време на капитализмот стигна да биде поголема од онаа што беше во социјализмот! Иако наводно денес сме посветени на „владеењето на правото“, а тогаш не сме биле. Многу поразителен податок за поборниците на капитализмот во Македонија, особено бидејќи со нивото на животниот стандард на обичниот народ исто така не можат да се пофалат.

Се разбира, нема магично решение кое ќе ни овозможи од денес за утре да се ослободиме од корупцијата. Но тоа не значи дека ништо не треба да се презема. Или дека треба да продолжиме да тапкаме во место барајќи личности кои ќе се однесуваат некоруптивно во системот што се темели врз корупција.

Типичниот либерален дискурс за корупцијата целосно ја игнорира нееднаквоста во општеството, крупните класни разлики во општеството, како поволна клима за развој на корупцијата. Либералите го игнорираат овој аспект, зашто не сакаат да преземат ништо против тоа. Но, ако луѓето што се на некоја јавна позиција немаат доволно приходи за достоен живот, не ги прави ли тоа повеќе склони да примат поткуп? Уште повеќе, ако кај олигарсите е сконцентрирана огромна финансиска моќ, тие нема да го искористат тоа да издејствуваат од политичарите потези кои им одат во корист, а не се во согласност со законите и јавниот интерес? Упорното игнорирање на општествените состојби и концентрацијата исклучиво на законите ја покажува јаловоста на либералниот дискурс за корупцијата и неможноста на тој начин да се изврши некој посериозен пробив во борбата против корупцијата. Без намалување на нееднаквоста во општеството нереално е да се очекува да се искоренат причините за корупцијата.

Втора исклучително важна работа која мора да се преземе е разбивањето на монополот над политиката на клиентелистичките партии. Ако во некоја земја има само клиентелистички партии, како може да се очекува некорумпирано владеење? А во Македонија така е воспоставен системот што реални шанси за успех имаат само клиентелистички партии. Прво, регистрацијата на политичка партија е поврзана со финансиски трошок од околу 6.000 евра, сума која е ситна за кој било газда, но е исклучително висока за секоја група самоорганизирани граѓани, кои одбиваат да му се продадат на некој „финансиер“. Второ, изборниот систем го казнува учеството на непартиските иницијативи, барајќи од нив шесткратно повеќе потписи (!) за истакнување кандидатски листи на ниво на државата од она што го бара од партиите. Трето, моќта на парите во изборната кампања е многу голема, а „ограничувањата“ на трошоците во кампањата се само шминка и не ја спречуваат привилегираната позиција на партиите со силен „финансиски грб“ на изборите. Четврто, медиумите, често поврзани со клиентелистичките партии и бизнис-лобијата, во практиката се стремат колку што може повеќе да го ограничат покривањето на партиите што се „натрапник“ од гледна точка на воспоставениот коруптивен систем. Ако сакаме на изборното мени да нема само клиентелистички партии – сето ова мора да се промени. А едно е сигурно – тоа клиентелистичките партии, без притисок, нема да го направат.

Мегаскандалот „Рекет“ повторно, по не знам кој пат, на дневен ред го стави проблемот со корупцијата. Ламентирањето, бесот, па дури и соодветните казни на прекршителите на законите, нема да го спречат репродуцирањето на проблемот. Проблем е системот што овозможува корупција. И тој мора да се промени.