Каде сè не одиме?


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Неодамна еден мој роднина (19-годишен), ужаснат, ми кажа дека неговиот другар наводно бил нападнат од педофил (така се изрази) во близина на Градскиот парк во Скопје. Го распрашав што конкретно се случило: ми рече дека неговиот пријател (18-годишен) проаѓал по некоја темна патека, при што го пресретнал маж, кој го прашал дали знае каде се наоѓа извесно место (не се сеќавам кое, и не е ни битно за приказнава). Кога младичот му одговорил, мажот сугестивно го допрел, по што младичот избегал.

Му кажав на роднината дека машките очигледно не се навикнати на сигналите на кои ние девојчињата од мали по тежок пат ги учиме: не одговараме на прашања од типот „колку е часот“ или „девојче, дали знаеш каде е…“, со уште поголема опасност ако мажот што го поставува прашањето е на велосипед, оти ако застанеш и одговориш, најверојатно ќе бидеш насилно испипана по телото или ќе бидеш вербално сексуално измалтретирана. Во случајот со пријателот на мојот роднина – излезе дека местото каде што се шетал е област за „крузинг“, па тој незнајно се нашол некаде каде што извесни прашања имаат сосема друго значење и означуваат барање на согласност.

Кога сме кај жените и девојките, целиот јавен простор околу нас е потенцијална опасност. Барање на согласност – нема. Нашите тела се отворено поле за изживување. Од тие причини, уште како мали девојчиња, се учиме како да ги избегнеме овие нормализирани појави, како да се одбраниме, и всушност – каде да не одиме, за да не ни се случат. Со тоа неминовно нашиот слободен простор за движење, па така, и за дејствување – сериозно се ограничува.

Не е дека не знам дека свеста за ова прашање е мала, дека не ми беше јасно дека малку се зборува за тоа колку девојките и жените си го цензурираат просторот на движење и какви сè не методи имаат за да се заштитат од сексуално малтретирање во јавен простор, во отсуство на заштита од институциите и во отсуство на свест по ова прашање. Но при разговорот со мојот роднина повторно ми светна колку малку се зборува за трауматичните и непријатни женски искуства.

На пример, му соопштив дека неброени пати сум била жртва на напади на улица од типот некој да те заграба по чувствителен дел од телото, што по автоматизам предизвикува страв, срам, а потоа и гнев кој нема каде да оди. Мислам дека не познавам жена на која ова не ѝ се случило. Речиси сите од нас имаат вознемирувачки искуства на јавните простори – на улица, во јавен превоз, во паркови, во нашите сопствени влезови, пред нашите живеалишта. Поради тоа, уште од мали се учиме на секакви методи: купуваме спрејови, шетаме со клучеви во тупаница, избегнуваме патувања на кои сме сами, внимаваме како сме облечени, никогаш не одиме по скратени патчиња.

Некој ќе праша: зошто не ги пријавуваат случаите? Истражувањето за родово базираното насилство врз жените и девојките во Скопје („Реактор“, 2012) укажува на нешто што за нас жените се подразбира: жената е премногу засрамена или исплашена дека луѓето ќе ѝ извадат муабети нејзе и на семејството (општеството секогаш ја обвинува и засрамува жената, па така ја цензурира), исплашена е да оди во полиција, или мисли дека полицијата нема да направи ништо: значи, доверба во институциите и во оние што се тука за да те заштитат – нема. Жените го препознаваат родот како фактор во однос на нивната небезбедност: знаат дека самото бидување жена, одењето сама (колку пати сте го слушнале прашањето „зошто си била сама“ или „каде одиш вака сама“, небаре тоа е нешто поради кое треба да се чувствуваме виновни?) претставува потенцијална опасност.

Овие работи не се нормални. Но доколку молчиме за нив или, пак, ги сметаме за неважни и ги исмеваме („ајде не прави драма“, „голема работа“, „олабави се“, „си замислуваш“), проблемот може само да се продлабочи и уште повеќе да се нормализира. Затоа и ја покренавме иницијативата #СегаКажувам #КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj – да укажеме на она за кое се премолчува, а има далекосежни последици за слободата на секоја девојка и жена.