Kопа: Договорот од Преспа е праведен


Позитивно, како за двете земји така и за регионот, го коментира Договорот од Преспа, Марилена Копа, професорка по меѓународни, европски и регионални студии на атинскиот Универзитет Пандио и вели дека станува збор за праведен и правилен договор без поразени и победници.Професорката која важи за добар познавач на Балканот, но и на македонско – грчките односи, потенцира дека со договорот и двете земји го добиле она што го сметале за важно во преговорите.

Во однос на претстојниот референдум кај нас, Копа,вели дека потребно е да има позитивен исход.Професорката Марилена Копа која е и поранешна европратеничка, беше дел од говорниците на научно – академската конференција посветена на аспектите од Договорот од Преспа, организирана од грчкото МНР пред 2 месеци.

Г-ѓо Копа, како би го карактеризирале договорот од Преспа?

– Договорот е правилен и праведен и за двете страни. Тоа е договор кој нема победници и поразени. И двете страни го добиваат она што е важно за секоја страна. За нас, е темата со името, односно дека ја разграничува вашата земја од целината на географската област на Македонија, но и од грчката Македонија, покажувајќи дека е дел од еден поширок географски регион, а вие ги задржувате идентитетот и јазикот.

Сметате дека Договорот од Преспа е најдоброто нешто што можеа да го постигнат двете страни во целиот овој период додека траеја преговорите, во сите овие години?

– Видете, ова е најнапреден договор или нацрт договор барем од она што јас го знам до сега. Фактот што вашата страна прифати уставни промени е нешто што ја успокојува грчката страна, но ја покажува и сериозноста на вашата влада во однос на прашањето со договорот, дека навистина се обврзува да се придржува кон договорот, но и дека веќе нема да има итрини и лукавштини од едната или другата страна, туку вистинска одлука за соработка и мирен соживот.

Според вас, задоцни договорот?

-Многу. Премногу. Но, обидите во минатото, некогаш со одговорност на едната страна, како на почетокот на 90-те кога од грчка страна која тогаш имаше максималистички позиции, или на почетокот на 2000 со владата на Груевски која беше јасно дека не посакуваше решение, дека го попречуваше и едноставно го трошеше времето на разговорите без вистински да се стреми кон решение. Па така, со одговорност и на двете страни, кога на едната кога на другата, работите стигнаа до денес. Важно е што барем сега, со промена на владата во вашата земја, но и со одлучноста од грчката страна работите се чини дека одат кон решение. Секако имаме многу пат пред нас.

Рековте дека Договорот е правилен и праведен. Сметате дека треба да помине на референдумот?

– Апсолутно. Но, бидејќи и во двете земји, она што го забележувам е дека Договорот не се третира како решавање на едно национално прашање, туку често како предмет на меѓупартиски конфронтации, постои опасност да се искористи за опозициски причини и е штета да биде така, бидејќи е договор што ќе го отвори патот за вашата земја во Европската унија и НАТО и ќе донесе мир и стабилност во регионот, нешто што е толку неопходно. Затоа треба референдумот да помине. Граѓаните со бистар ум и гледајќи кон иднината на нивните деца да отидат на гласање.

Ги споменавте конфронтациите што постојат и во двете земји, имам чувство дека во Грција некои како да не го прочитале договорот иако е само 20 страници, а Министерството за надворешни работи се обиде, преку конференција, на која учествувавте и Вие, да ги информира граѓаните. Верувате дека помогна конференцијата за да можат Грците да добијат една покомплетна и појасна слика за Договорот преку анализите на експертите, на професорите, за да не се потпираат само на она што го објавуваат медиумите?

– Конференцијата помогна, но знаете, во овие сложени правни прашања, еден договор може да е мал, но не е едноставен за пошироката јавност. Ќе имаше големо значење и навистина ми е жал што не е така. Големо значење ќе имаше доколку постоеше консензус, односно големите партии да се согласеа со потребата да се заврши овој отворен спор кој што е на штета на интересите и на двете земји. Станува предмет на конфронтации и кога станува предмет на политичка конфронтација, знаете аргументите се изразуваат преку 1-2 реченици. Немаш време да анализираш, да објасниш и ова за жал е на товар на еден договор кој искрено, како што ви кажав е праведен и правилен.

Во Грција ќе помине?

– Прашање на време е. Актуелната влада се обврза дека ќе го донесе во парламентот и ќе помине. Прашањето е кога, но исто така и кога во Грција ќе се одржат избори. Ова се уште не е јасно. Конкретната влада, јасно има кажано дека ќе помине Договорот. Ако работите одат напред со нормален ритам во вашата земја, јас мислам дека може да имаме еден многу добар резултат. Ако стигнеме до избори во Грција, и стане предмет на предизборна кампања, се плашам дека поларизацијата и национализмот ќе надвладеат.

Какви перспективи, според вашето мислење отвора Договорот како за регионот така и за двете земји, со оглед на тоа дека во минатото за која било соработка, името беше секогаш пречка?

– Грција е единствената земја од регионот која никогаш немаше територијални претензии од вашата земја. Ако се реши ова прашање кое што е прашање со симболи, секако и симболите се многу важни и воопшто не ги потценувам, имаме неограничен простор за соработка на сите степени, затоа што не постои апсолутно ништо што нѐ разделува. Балканот се менува, земјите, по новата изјава на европската комисија, влегуваат во прединтегративен тек. Се наоѓаме пред клучен момент кога Западен Балкан може да стане дел од европското семејство и оваа шанса не треба да се изгуби. Имаме можност, во тежок геополитички период, каде што рамнотежата се менува, сојузништвата се менуваат, сега е моментот да се стабилизира регионот, би рекла навистина да се закотви во евроатлантските институции и да можеме во рамките на Европската унија да се движиме заедно. Не треба да се изгуби шансата ниту од ваша страна ниту од наша страна.

И да станат двете страни пример за тоа како на мирен начин треба да се решаваат проблемите…

– Токму така. И не е случајно што овој договор го отвори патот разговор меѓу Косово и Србија бидејќи покажува дека може да се најдат решенија дури и за долгогодишни спорови. А пораката за мирот и стабилноста е многу силна.