За 109 милиони евра Штип би добил современ регионален здравствен центар


Целосно завршување и комплетирање на болничкиот комплекс во Штип, најави денеска министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, кој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и доктори од Клиничката болница Штип, со делегација на Светска банка, го разгледаа концептот.
 
Планираната инвестиција, проценета на околу 6,7 милијарди денари, односно 109 милиони евра, треба да стави крај на долгогодишното чекање и да ѝ даде на источна Македонија современ регионален здравствен центар.
 
Проектот предвидува завршување на главниот болнички објект, современа медицинска опрема и функционално поврзување на сите одделенија.
 
„Завршувањето на Клиничката болница Штип е долг кон граѓаните на источна Македонија. Сакаме овде пациентите да добиваат навремена и квалитетна здравствена услуга, а здравствените работници и студентите да имаат современи услови за работа, практична настава и професионален развој“, истакна министерот Клековски.
 
Клиничката болница Штип е единствениот клинички регионален центар во источниот дел на државата. Таа директно им служи на околу 150.000 граѓани, а нејзиното пошироко гравитациско подрачје опфаќа приближно 250.000 жители.
 
Со завршувањето на комплексот, пациентите ќе добијат подобра дијагностика, третман и итна медицинска помош поблиску до местото на живеење. Истовремено, ќе се намалат упатувањата кон Скопје, а ќе се создадат подобри услови за развој и задржување на младиот медицински кадар во регионот.
 
Со претставниците на Светска банка беа разгледани следните чекори – техничките и финансиските анализи, моделот на финансирање, проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите.
 
Министерството за здравство, во координација со Фондот, Општина Штип, Клиничката болница и другите надлежни институции, ќе обезбеди транспарентност и строг надзор во секоја фаза од проектот.
 
Новата Клиничка болница Штип ќе значи посилно здравство, помал притисок врз Скопје и квалитетна здравствена услуга поблиску до граѓаните на Источна Македонија.