ЈП „Комунална хигиена“ однела 200 м3 ѓубре од „Генералка викенд“
И оваа година, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје зема активно учество во масовната акција за чистење „Генералка викенд“, што се одржа на 8 мај.
Акцијата започна на Кејот на реката Вардар, опфаќајќи ги двете страни на речното корито, при што стотици учесници во акцијата собираа најразлични видови на непрописно одложен отпад од брегот и пешачките патеки.
Воедно, акцијата се одвиваше и во сите скопски општини каде што учесниците во посебно одредени пунктови, претежно во близина на образовните институции – градинки и училишта, го одлагаа насобраниот отпад што по завршувањето на акцијата беше преземен и транспортиран од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Во рамките на акцијата „Генералка викенд“, ЈП Комунална хигиена-Скопје транспортираше вкупно 200 кубни метри отпад на територијата на градот Скопје.
Претпријатието изразува подготвеност за учество во сите иницијативи и активности што ќе придонесат за заштита на животната средина и јавното здравје.