Извини, прости, пардон или sorry


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ 

Стојам на автобуска станица и чекам „двојка“. Автобусот застанува и ги отвора вратите и таман да се качам, пред мене се истурка една покрупна госпоѓа со летно фустанче и потпетици од дваесетина сантиметри. Се фати за шипката внатре во автобусот и се поткачи со едната нога, но поради тежината не успеа да се качи, туку се врати наназад и со сета своја маса ја спушти потпетицата од дваесетина сантиметри директно на мојата нога. „Ухххх, те цапнав, извини“, ми се обрати госпоѓата и мртва ладна си влезе во автобусот. Солзи ми дојдоа на очи од болка, а нејзиното „извини“ воопшто не ми помогна да ја намалам болката и да не куцам една недела. Си помислив, добро е што ме „цапнала“, како ли ќе поминев ако ме згазнеше.

Тамара се извини до небо и низ солзи што испуштила една строфа од националната химна, а во извинувањето ѝ се приклучи и Амбасадата на Соединетите Американски Држави. Му се извинија на народот што се испуштени Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански. Премиерот ја бранеше Тамара и објаснуваше како моментите на возбуда можат сè да донесат и да предизвикаат. Неколку дена ечеа социјалните мрежи од плукањето на Тамара и нејзиното „извини“ многу малку значеше, исто толку колку и на госпоѓата што ме „цапна“ по нога со „штикличката“. Па добро, си помислив, licentia poetica, уметничка слобода, добро е што и Крушевската Република и Македонија не ги испушти. Карев и онака го испуштивме, АСНОМ го заборавивме, се откажавме од правдини. Некако полесно ми дојде што барем строфа-две се испеани во целост.

Рашковски им се извини до небо на Ромите, ако се почувствувале навредени и гордо кажа дека има милион пријатели меѓу нив, а им се извини и на Италијанците. Да имаше попис, Рашковски ќе можеше на вистинскиот број Роми да им се извини до небо, а да не погодува бројки како на лото. Да имаше правда и правдина, сигурно не ќе можеше онака да се однесува со новинарите и да ги оценува вредноста и дозволеноста на прашањата ниту, пак, да им држи лекции како треба да се однесуваат и да работат. Немаше да има прашања на кои не сака да одговори, ниту некој ќе го бранеше да не биде боксерска вреќа. Но не е виновен генералниот секретар, туку виновни се новинарите што се боксери, па удираат во вреќа, но си помислив – пак, добро е, барем прават добра салата, за што ги пофали некој.

Мицкоски до небо на колена им се извини на своите сопартијци и побара прошка. Не му се извини на народот за сиот претрпен страв за периодот од 11 години, не му се извини за претрпениот срам што живеел во заробена држава, ниту што власта беше узурпирана од поединци од неговата партија. Но добро, помислив пак, мора од некаде да почне, од сопартијците, па ќе му се извини и на народот. Госпоѓата барем се извини што ме „цапна“, овој само нè „цапна“.

Заев му се извини на народот поради определени пропусти и однесување на своите партиско-државни функционери и кажа дека пораката е примена. Му се извини и на италијанскиот народ затоа што некој го нарече ебиветер, на австрискиот затоа што им го утнаа знамето и на еврејскиот поради лошата традиција околу холокаустот. Некако ми олесни што поситните функционери им се извинуваат на етнички групи, а главниот на цели народи. Нека се види и нека се знае што е хиерархија, што е култура и кој кому може да му се извини.

Мукоски му се извини на премиерот и на претседателот на Собранието и низ солзи гласаше за промена на Уставот, а липаше кога куртули со Законот за амнестија. Што ти е моќта на зборот, си реков – колку едно „извини“ може многу да значи, може и од затвор да те спаси. Што би рекле, убав збор и железна врата отвора.

Груевски им се извини на своите соработници што морал да замине од земјата ненадејно и ноќе поради итна и неодложна потреба. На стадото не му се извини што го остави без својот пастир, но добро, си помислив, има доволно трева за стадото да преживее.

Уште многупати политичарите му се извинија на народот и за неодбранети докторати и за гафови и пропусти, но сето тоа го правдаат и најверојатно ќе продолжат да го правдаат со ненамерни грешки по принципот кој работи тој и греши. Ќе се правдаат со еуфорија, чувства, премор, умор, замор, но никогаш нема да постапат онака како што налагаат прописите. Секој секому се извинува, но никој не ги почитува правилата, прописите и законите. Што би се случило ако некој вака се однесува во некоја сериозна професија, како што е, на пример, лекарската? Што би се случило ако лекарот, кому му умрел пациент, излезе и каже дека до небо жали за пропустот, но бил уморен? Или еуфоричен? Колку тоа би му значело на починатиот? Ништо, исто колку што на народот му значат ваквите извинувања.

Извинувањето е личен морален чин на каење и прифаќање на грешката, но тоа нема никаква врска со словото на законот или подзаконските акти што се во сила.

Во Кодексот на однесување на владините службеници за односи со јавност, усвоен и во примена во Владата, дословно стои дека јавните и кабинетските службеници треба да ги имаат следните неколку принципи – да ја кажуваат вистината, да бидат непристрасни, да бидат внимателни во својот пристап, да ја задржат објективноста, да не поттикнуваат омраза и дискриминација итн.

 

Човечиња и ебиветри, фрлање во ендек, фаќање за уши и многу други работи кои сме ги слушнале и во „бомбите“, но и на најразлични прес-конференции, митинзи, јавни обраќања, не соодветствуваат со она што тие самите го пропишале и преточиле во кодекс.

Покрај безобразието во обраќањето и дискриминирањето на определени групи граѓани, поединци или професии, дел од политичарите и функционерите забегал и во однесувањето, манифестирајќи крајна дрскост, самобендисаност, безобразие и невоспитаност. Понекогаш прес-конференциите наликуваат на фалбаџиски монолог на искомплексирана личност која најверојатно начекала прилика да зборува, а некој да ја слуша. Никако поинаку не може да се толкува односот на политичарите и функционерите, на кој во последните години сме сè повеќе сведоци, кон новинарите или граѓаните во кои доминираат арогантноста и цинизмот. Делење совети од позиција на функционер, кое се граничи со будалштина и ги покажува недоветноста, незнаењето, несигурноста и некадарноста на политичарот или функционерот и го прави политикантче. Вреднувањето и поделбата на медиумите на подобни и неподобни и оценка за нивното работење ја прават сликата уште пострашна и го мери и покажува демократскиот капацитет на функционерот.

Грешките во работењето направени од незнаење или некадарност се човечка одлика, но нивното прикривање, затскривање, правдање, прикажување како нешто нормално или нивното негирање се недозволиви и многу кажуваат како за човечкиот карактер и потенцијал на политичарот, така и за неговиот политички капацитет, потенцијал и кредибилитет. Ненамерна грешка во работењето може и да се случи и таа може и да се истолерира, ама лагата и нејзиното криење не можат и не смеат да не бидат санкционирани, барем во едно нормално општество. Имиџот на безгрешност, кој толку упорно сакаат да си го создадат нашите политичари со лажење и затскривање, е иритирачки и создава чувство на одвратност и гнасење.

Извинувањето, кое најчесто едвај им преминува преку усни и тоа само кога се фатени со „рацете во медот“ или „со спуштени гаќи“, не е санкција (и покрај тоа што политичарите во својата забеганост и самобендисаност така го сфаќаат), туку е еден морален личен чин кој покажува добро воспитание и минимум морал. Санкција е казна за сторена и утврдена повреда, а треба и мора да дојде како последица на материјална, дисциплинска, прекршочна или кривична одговорност.

Спинувањето и затскривањето на грешките и повредите на правилата на службата и законите и недоличното и недоквакано однесување водат кон уште поголеми проблеми и создавање чувство на недоверба кај граѓаните, а за политичарите само го потврдува имиџот на неискреност и манипулантство.

Постојаното наоѓање оправдувања или измислување на безброј причини и лаги за грешките или однесувањето на функционерот и сопартиецот од типот тој е добар, не е конфликтен, тој посветено работи, ама не знам што му е денес, тој направил многу за партијата и други глупости само дополнително го иритираат граѓанинот.

Господа политичари и функционери, треба да научите дека не се виновни граѓанинот и новинарот што ги откриле вашите пропусти, лаги, неспособност или криминал, туку за тоа сте виновни вие самите што го правите. Забеганоста, која кај нашите функционери и политичари доаѓа многу бргу со седнувањето во функционерската фотелја, дека се незаменливи и дека од нив почнува сè, е заблуда која мора да ја надминат и да сфатат дека не постојат граѓаните поради нив, туку обратно – тие постојат за да му служат на граѓанинот и народот. Треба да научат дека работата на новинарите е да откриваат и критикуваат грешки, криминал и апашлак и за тоа да поставуваат прашања и да пишуваат. Кога политичарите и функционерите ќе го сфатат ова и кога ќе сфатат дека немаат само права и привилегии, туку и засилена поголема одговорност од другите, ќе можеме да зборуваме за политика, политичари и демократија. А дотогаш, за жал, ќе можеме да зборуваме за политикантство, политиканти и анархија.

Сè додека покрај „извини“ не падне и некоја дисциплинска казна, разрешување, оставка и не заѕвечкаат и лисици, политичарите и нивните спинувања ќе служат за подбив и потсмев, а на следните избори народот ќе им се извини… што не ги бидува.