Изложбата „Архивски документи“ на Жанета Вангели по Загреб, продолжува во Белград
Изложбата „Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Вангели пред српската публика и содржи 41 дело во техника плотер принт и аудио материјали
Изложбата „Архивски документи“ на ликовната уметница Жанета Вангели во македонскиот Културно информативен центар во Белград е продолжение на програмските активности на Националната галерија за 2026 година. По нејзиното претставување во македонскиот КИЦ во Загреб минатиот месец, овој проект ќе биде реализиран и во македонскиот Културно информативен центар во Белград со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Изложбата ќе се отвори на 16 април 2026, во 19 часот и ќе биде достапна за публиката до 6 мај 2026 г. На отворањето, пред публиката ќе се обратат директорот на Културно информативниот центар во Белград, Васко Шутаров и кураторката на изложбата, вишиот кустос во НГ, Маја Крстевска.
На отворањето на изложбата, како дел од македонската делегација, ќе присуствува господинот Абаз Селмани, Национален координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорската соработка при Владата на Република Северна Македонија.

Националната галерија продолжува со промоција на македонската култура и современата уметност во Република Србија. По минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во Културно информативниот центар во Белград, соработката со македонските Културно информативни центри продолжува и оваа година.
Изложбата „Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Вангели пред српската публика и содржи 41 дело во техника плотер принт и аудио материјали.
„Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност.

Оваа нејзина изложба е всушност, една сублимација на главните интересни зони кои се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор, ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем.
На еден друг начин е спротивставена тенденцијата на илустративен модел, накратко сликите ја поврзуваат реалноста со перцепцијата. Јас ќе посочам дека сликите се присоединуваат на различни начини – тие се отворено перфекционистички, но и преокупирани од спонтаноста. Во исто време, мора да се нагласи односот на мистиката со аргументите кои се воздржани, но сепак длабоки и нетаинствени. Просторот во којшто ние живееме со сите средства е поврзан со визијата на свесноста, а создадено е чувство на традиционална рамнотежа.
Хармонично организираниот простор резултира со визуелна композициска сразмерност, особено во симболичните и асоцијативно моделирани површини. Вангели е уметница која без разлика дали станува збор за објект, плотер уметност, аудиоуметност или фотографија, е мотивирана од желбата да го максимизира или минимизира прикажаното, во корелација со основниот објект, приспособен на површината.
Нејзината независност дава богат придонес кон историјата на слободата и со целосна задлабоченост ја развива уметноста кон конкретна фактичност. Ќе го наведам делото „Алтруистичка перница“, претставено на оваа изложба, кое ја развива историјата на одредена уметничка логика со модифицирана мајсторска сторија“, вели Крстевска.