Изложба „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ во Чифте амам

Уметниците како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов и Вангел Коџоман, како дел од првата генерација академски образувани македонски сликари, создаваат специфичен визуелен јазик, во кој локалната култура се претвора во уметнички израз


Националната галерија на Република Северна Македонија вечер во 19 часот во објектот Чифте амам ќе ја отвори изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“, за која информира дека е проект синергија помеѓу етнологијата и ликовната уметност, толкувајќи ги и разработувајќи ги етнографските елементи во уметничките дела создадeни кон крајот на 19 и првата половина на 20 век.  Ќе бидат изложени 52 дела од колекцијата на НГМ, дел од нив не многу познати и претставени пред пошироката јавност.

Автор на проектот  е Александар Ристевски, кустос етнолог, а соработник во проектот е Владимир Таневски, кустос историчар на уметност во Одделението за депо и документација во Националната галерија. 

-Во импозантниот Чифте амам публиката ќе може да проследи дела од истакнати македонски и балкански автори кои твореле инспирирани од животот во Македонија во некои други, поинакви времиња. Самиот објект дава друга димензија што овозможува делата да ги почувствувате во автентична атмосфера и да ви доближи едно друго време. „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ претставува обид за ново читање на дел од најзначајните творби на македонската модерна уметност преку интердисциплинарна перспектива, која ги поврзува историјата на уметноста и етнологијата. Во фокусот е визуелната репрезентација на традиционалната култура, нејзината трансформација во уметнички мотив и улогата во формирањето на современиот културен идентитет, соопшти Галеријата. 

НГМ посочува и дека нејзината колекција содржи голем број дела на уметници од првите генерации на македонската модерна уметност, кои во своето творештво се свртуваат кон секојдневниот живот, селската економија, архитектурата, пазарите, народните носии и етничката разновидност на општеството. 

-Овие мотиви не се случајни, туку резултат на културниот и интелектуалниот контекст во кој се формира македонската модерна уметност во првата половина на дваесеттиот век, период во кој традицијата и фолклорот се препознаваат како клучни носители на културната меморија. Уметниците како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов и Вангел Коџоман, како дел од првата генерација академски образувани македонски сликари, создаваат специфичен визуелен јазик, во кој локалната култура се претвора во уметнички израз. Нивните композиции со селски пејзажи, сцени од жетва, бачила, пазарни сцени и портрети на луѓе од различни етнички заедници не се само естетски интерпретации, туку и вредни визуелни сведоштва за традиционалниот начин на живот, наведува Националната галерија. 

Додава и дека изложбата го третира уметничкото дело како своевиден етнографски документ и дека овие дела „содржат информации за материјалната култура – архитектурата на старите македонски градови и села, типологијата на народните носии, алатките на земјоделската работа, како и ритуалите и обичаите поврзани со традиционалниот календар“. 

Изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ во Чифте амам ќе може да се посети до 3 мај 2026.