Излегоа првите два тома од избраните дела на Славе Ѓорѓо Димоски
Во издание на ПНВ Публикации од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид од печат излегоа првите два тома од четиритомникот „Избрани дела“ од Славе Ѓорѓо Димоски.
Првите два тома се насловени „Поезија“ и „Песни и поеми“ и во нив е поместено целокупното поетско творештво на Димоски. Во првиот том се содржани песните од книгите објавен од 1979 до 1999 година, а во вториот од 2007 до 2024 година.
Во вториот том е објавена и студија (над 70 страни) од Венко Андоновски, за целокупното поетско творештво на Ѓорѓо Димоски со наслов: „Сјајот на планетата населена од едно бушаво дете“ во која Ѓорѓо Димоски е оценет како жив класик на современата македонска поезија и неизоставно име во секоја антологија веќе повеќе од четири децении
– Димоски е сосема јасна, светла, топла планета во соѕвездието на македонската поезија, соѕвездие кое големиот поет Анте Поповски често знаеше да го именува и како македониум, духовен елемент во менделеевата табличка на елементите. Елемент кој според него ја дефинира суштината на македонското битие – вели Андоновски.
Славе Ѓорѓо Димоски е автор на шеснаесет поетски книги. Има дваесет книги преведени на странски јазици, а одделни песни и поетски циклуси му се објавени на над триесет и пет јазици.
Добитник е на најзначајните награди за поезија што се доделуваат во Македонија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, „Григор Прличев“, „Книжевен жезол“ и друго, како и неколку во Европа, меѓу кои „Гран при на Европа за поезија (за целокупното поетско дело)“ – Романија, Орден „Златна есен – Сергеј Есенин“ (за придонес во светската литература) – Русија, „Арка“ – за најдобра книга од странски автор во 2023 година во Србија.