Избор од делата на академик Боро Митриќески изложени во Даут-пашин амам

Националната галерија потсетува дека на денешен ден почина еден од најзначајните македонски скулптори, академик Боро Митриќески (Варош, Прилеп, 10.05.1927 – Скопје, 24.11.2018).  Скулптурите од академик Боро Митриќески се избор од делата кои и припаѓаат на колекцијата на Националната галерија, а повеќето се изложени во рамките на Постојаната поставка претставена во Даут-пашин амам.

Боро Митриќески основно образование завршил во Прилеп, а Уметничка школа завршил во Скопје, 1948/49, каде што ги добива првите познавања за скулптурата од професорот Димо Тодоровски. Студира на АЛУ во Загреб, каде што професори му биле Антунац, познатиот портретист и Крстуловиќ. Дипломирал на истата Академија во 1954, во класата на скулпторот Вања Радуш. По завршувањето на студиите, извесен период работи како ликовен педагог во основното училиште „Даме Груев“, потоа како слободен уметник.
Изложувал на општите изложби на македонските ликовни уметници заедно со членовите на ДЛУМ и групата „МУГРИ“. Во текот на 60-тите од минатиот век бил професор во Средното уметничко училиште во Скопје. Од 1979 до 1987 е директор на Уметничката галерија „Скопје“ – Скопје (сега НУ Национална галерија), на којашто функција и се пензионирал. На 26.07.1997 е примен за редовен член во Македонската академија на науките и уметностите.
Во текот на својата професионална кариера бил на студиски патувања во: Франција, Англија, Грција, Русија, Египет, Шпанија, Германија, Австрија, САД, Канада, Полска, Шведска. Реализирал 17 самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Пробиштип, Загреб, Белград, Виена, Елванген, Герландех, а учествувал на бројни изложби во земјава и во странство.
Акададемик Боро Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и скулптури ситна пластика (дрво, мермер и бронза). Активно се занимавал и со таканаречената интимна пластика или скулптура од галериски формат. При своето ликовно искажување користи трајни материјали, како што се бронза, мермер и дрво. Академик Митриќески своето творештво го насочил во две насоки: едната е големата пластика, а втората интимата, односно пластиката на ентериерот, т.н. скулптура од галериски формат. Митриќески се инспирирал и со поблиската и подалечната национална историја, и тоа скулптурите и релјефите-портрети на Св. Климент и Св. Кирил и Методиј, потоа портретите на преродбениците, особено портретот и фигурата на Марко Цепенков. Како мотив и трајна инспирација кај авторот се присутни Илинден и НОБ.
Од Националната галерија посочуваат дека Боро Митриќески зазема истакнато место во македонската ликовна уметност како припадник на т.н. средна генерација на македонските сликари и вајари, генерација што внесе радикални промени во нашето пластично творештво, доближувајќи го него до најзначајните актуелни токови на современото европско и американско вајарство, тој оствари портрети, камерни лирски форми, релјефи, монументални скулптури и композиции што претставуваат трајна вредност на македонската скулптура во изминатите шест децении.
Во своето богато и повеќегодишно творештво Митриќески поминал низ многу фази, но секако ќе остане запаметен како еден од најзначајните портретисти. Класично, или надвор од сите норми има создадено над 50 портрети, од најблиските членови на семејството, до пријателите и колеги Драгутин Аврамовски-Гуте, Танас Луловски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Лазар Личеноски. Во портретите „Мојата мајка“, „Блаже Конески“, „Лазар Личеноски“, „Петар Мазев” и др. многу успешно го доловува карактерот и психолошкиот израз на личноста, додека приодот во третманот на пластиката во фигурата е постилизиран и упростен, со нагласен лиризам и мекотија, што упорно ја следат структурата на матсријалот.
Добитник е на повеќе награди од кои поважни се:
1964 – Белград, Диплома на Триенале на Југославија
1965 – Скопје, Октомвриска награда на Македонија за скулптурата
1968 – Скопје, Награда „Нерешки мајстори“ на Есенската изложба на ДЛУМ
1969 – Струга, Награда на Ликовно-поетскиот салон на Струшките вечери на поезијата
– Скопје, II Награда за скулптура на изложбата 25 години АСНОМ
– Скопје, откупна награда за споменикот на НОБ и Илинденското востание во Крушево
1970 – Скопје, I награда за споменикот во Паркот „Жена борец“
1976 – I Награда, Февруарски поход, Музеј на град Скопје
1979 – Скопје, Откупна награда Портрет на Климент Охридски од изложбата Илјада и сто години писменост, откупена од Музеите на Македонија
1990 – I југословенска награда, за изведба на споменик на Кирил и Методиј
– II Награда за споменикот Марко Цепенков на град Прилеп
– Маграда за ситна пластика Коњаник на Александар Македонски, бронза на ДЛУМ
– Откупна награда, скулптура ситна пластика, Авторска Агенција
1997 – Гран при, ДЛУМ
2002 – Скопје, награда „Нерешки мајстори“ на
2008 – Плакета од Националната галерија на Македонија, Даут-пашин амам
Има изведено 10 споменици и поголем број спомен обележја:
1967 – Скопје, Скулптура од метал, Железара
1970 – Кратово, Споменик на Карпош
1972 – Оронско (Полска), Скулптури, мермер
– Скопје, , Парк „Жена борец“, мермер
1981 – Дојран, Дојрана
1990 – Споменик Св. Кирил и Методиј, бронза, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
2001 – 8 скулптури во дрво за проектот Сердарот
2002 – Три портрети – релјефи на паднати борци, спомен обележје во Крива Паланка, бронза
2003 – Портрет на Ацо Шопов, за Струшките вечери на поезијата, бронза
– Портрет на Лазар Личеноски, дрво
– Слободни форми, скулптури во рамките на проект на МАНУ, 2 во дрво, 2 во бронза, 2 во мермер
2004 – Портрет на Ацо Шопов, подарок на Домот на културата во Штип, гипс
– Портрет на Блаже Конески, подарок на Домот на културата во Прилеп, гипс
2005 – Споменик на Ѓорѓи Кратовски, Кратово, бронза
– Александар Македонски со својата свита, гипс
– Александар Македонски на коњ, гипс
2006 – Сердарот и минијатури, 30-ина експонати во дрво, бронза и мермер
– Борбата со Гегите, дрво, релјеф, поставен во свечената сала од Собранието на Македонија
2007 – Биста на Петре М. Андреевски, во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје
– Споменик на Крсте Петков Мисирков, бронза, плоштад Пела, Скопје
2008 – Биста на Петре М. Андреевски, бронза, во Друштвото на писателите на Македонија, Скопје
– Спомен обележја на Кочо Рацин и Блаже Конески, бронза, пред влезот на Друштвото на писателите на Македонија, Скопје
– Портрет на Лазар Личеноски, дрво, Национална галерија на Македонија.