Ивица Џепароски стана дописен член на МАНУ: Пригодна реч на академик Влада Урошевиќ

Делата од областа на естетиката објавени од Џепароски, несомнено спаѓаат во наука но, по својот објект на изучување и по насоченоста на своето интересирање, секако имаат голема блискост со карактерот на Одделението за уметност на МАНУ, рече денес академик Урошевиќ


Фото: Б. Грданоски

Истакнатиот македонски поет, критичар, есеист, антологичар, филозоф и естетичар, проф.д-р Ивица (Иван) Џепароски (1958, Скопје), сега во пензија, е избран за дописен член во работниот состав на МАНУ на 21. Изборно собрание на Академијата за избор на членови на МАНУ во работниот состав (редовни и дописни), на членови надвор од работниот состав и на почесни членови, одржано на 7 ноември 2025 година.

Фото: Б. Грданоски

Како новоизбран дописен член на највисоката научна институција кај нас, Џепароски, денеска, пред полна сала во МАНУ , во присуство на уважени гости од сферата на културата, и во присуство на г.г. Стефан, одржа пристапно предавање. Предавањето на Џепароски беше насловено „Уметноста и институционалната теорија на уметноста“.
 
Фото: Б. Грданоски

Еве што рече во пригодната реч, академик Влада Урошевиќ: 

„Како секретар на Одделението за уметност при МАНУ, ја имам пријатната должност да ја одржам оваа куса пригодна реч, како вовед во пристапното предавање на новоизбраниот дописен член на Академијата, проф. д-р Иван Џепароски.
Иван Џепароски е истакнат македонски поет, критичар, есеист, антологичар, филозоф и естетичар. Неговите активности на полето на пишаниот збор се повеќестрани но, и покрај сите разлики во однос на жанровската припадност на неговите дела, во сите е препознатлив личниот печат што врз нив го втиснува самосвојната и оригинална личност на овој плоден и исклучителен автор кој успева, низ доследноста и континуираното следење на идеите до кои дошол во текот на својот интелектуален и творечки развој, да ги обедини во еден хомоген и хармонично усогласен опус.
Роден во 1958 година, Иван Џепароски дипломирал во 1980 година, на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Двегодишните постдипломски студии од областа на социологијата на културата ги завршил на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, каде што и магистрирал под менторство на акад. Георги Старделов во 1991 година со темата: „Социологијата на книжевноста во творештвото на раниот Лукач“. Докторирал во 1997 година, пак под менторство на акад. Старделов, со темата од областа на естетиката: „Уметничкото дело во втората половина на ХХ век“.
Во 1993 година примен е за асистент на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ги поминал сите универзитетски звања, за во 2007 година да биде избран за редовен професор по предметите Естетика и Филозофија на културата. Иван Џепароски во моментов изведува настава на Филозофскиот факултет, на првиот степен на студии по предметите: Естетика, Историја на естетиката, Филозофија на книжевноста и Дискурси на визуелното; на вториот степен на студии по предметите: Естетика на ХХ век, Естетика на играта и Теорија на културата; на третиот степен на студии по предметите: Еколошка естетика и Балканска естетика.
Од областа на естетиката Џепароски објавил дваесет книги од кои би ги издвоиле како особено значајни за развитокот на филозофијата кај нас: „Во потрага по изгубениот тоталитет“ (1993), „Уметничкото дело во втората половина на на ХХ век“ (прво издание, 1998; второ издание 2009), „Младите, сакралното и уметноста“ (ко-автор, 2003), „Естетика на возвишеното“ (2008), „Став и суштина“ (2006), “Дискурси на визуелното“ (2014), „Култура и книжевност“ (2016), “Поезијата и возвишеното“(2019), „Естетика: естетички категории“ (2020(, „Филозофија и книжевност“ (2023), „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ (2025). Во овие дела Иван Џепароски се пројавува како еден сериозен научен трудбеник, кој покажува извонредно голема упатеност во сето она што е создавано од најголемите познавачи на оваа материја, но кој, исто така, кога чувствува потреба, зазема свои ставови кон определени текови во филозофската мисла за убавото и дава свои оригинални решенија за многубројните проблеми кои, во текот на минатите векови, се поставувале пред оваа наука. Нашите естетичари, можеби повеќе отколку другаде во светот, се повикуваат мошне често на темелите на оваа наука поставени во антиката – тие во сите пригоди ги цитираат, како неприкосновени вистини, каноните на убавината пропишани од Аристотел и Платон; макар што и Џепароски покажува, исто така често, должна почит кон парадигмите поставени пред повеќе од два милениума, овој наш естетичар несомнено има изострен слух и за она што се манифестирало како сфаќање на уметноста во последните два века и не ги исклучува од својот видокруг ни најактуелните движења во модерната уметност, успешно решавајќи ги противречностите помеѓу класичните сфаќања на убавината и современите гледања на уметничкото творештво. Делата од областа на естетиката објавени од Џепароски, несомнено спаѓаат во наука но, по својот објект на изучување и по насоченоста на своето интересирање, секако имаат голема блискост со карактерот на Одделението за уметност на МАНУ.

Фото: Б. Грданоски

Впрочем, поттикот за кандидатурата на Џепароски и доаѓа од Одделението за уметност и тој е базиран, покрај другото, и врз неговото творештво од областа на поезијата. Џепароски има досега објавено шест збирки стихови – „Слики од изложбата“ (1980), „Еклоги“ (1992),„Грабнувањето на Европа“ (2012), „Светлината на Света Гора“ (2015) „Град“(2020) и „Посвети и пофалби“ (2024) – кои го претставуваат како една од најзабележливите поетски индивидуалности во современата македонска литература. Неговото поетско творештво високо е вреднувано од страна на нашата критика. Тој е квалификуван како „поет-ерудит кој во одделните поетски книги, широко низ географските простори и длабоко низ времето на културната историја на човештвото, ги распостила координатите на својот поетски свет“. Во рамките на промените низ кои минува поезијата (и кај нас и во светот) тој е „претставник на медитативниот и рационализиран дискурс, поет кој негува еден нагласено интертекстуален модел на пеење“ – како што вели за него проф. Лидија Капушевска – Дракулевска. Без одвишни украси, оголена понекогаш до непосредно изнесување на факти, поезијата на Џепароски е несомнен доказ за преобразбите низ кои тече, особено во последните децении, поетскиот сензибилитет во светот,и за тоа дека и македонската поезија, во согласнсст со општата клима, се вклучува во овие глобални процеси што се одигруваат на полето на литературата. Поет на култура и на ерудиција, Џепароски донесува во своите стихови едно ново, прилагодено кон новите времиња, видување на светот, како и на местото на поезијата во него.
Од овој сумарен преглед на активностите на Џепароски никако не би требало да се испушти неговата критичарска дејност. Овој поет е, истовремено,и еден мошне активен критичар кој во текстовите за своите колеги (македонски и странски) ги пронаоѓа понекогаш мошне неочекуваните врски со интертекстуалните слоеви од минатото и со многу интелектуален рафинман ги анализира и интерпретира ставовите скриени во сибилскиот поетски говор. И тука, и во овој вид текстови, Џепароски ја покажува својата широка култура, своите енциклопедиски познавања од повеќе области, споени со дарбата за проникнување во лавиринтските светови на другите автори.

Фото: Б. Грданоски

Љубопитноста и желбата да си ги испроба силите во уште една област го донеле Џепароски и до поетскиот препев, главно од англиски јазик (Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосип Бродски). Неговата поезија е застапена во голем број антологии на македонската поезија во земјата и во странство, а осум избори од неговата поезија во посебни книги се објавени на албански, англиски, бугарски, романски и српски јазик; една негова теориска книга од областа на естетиката („Уметничкото дело“) е преведесна на албански, додека книгата „Македонскиот есеј“ е преведена на шест светски јазици ( англиски, германски,кинески, руски, француски и шпански јазик). Есеите и поезијата преведувани му се на дваесетина јазици во светот: албански, англиски, босански, бугарски, германски, дански, италијански, кинески, полски, романски, руски, словенечки, српски, турски, украински, француски, хрватски и шпански јазик. Иван Џепароски е автор на голем број предговори и поговори објавени заедно со преводи на книжевни дела (Плаут,Блејк, Џојс, Бродски, Форд, Штајнбек) но и при преводи на значајни филозофски дела (Платон, Псевдо-Лонгин, Баумгартен, Хјум, Фројд, Де Унамуно, Ками, Касирер, Гадамер), а неговиот научен опус изнесува четиристотии и триесет библиографски единици – книги и текстови објавувани во земјата и во странство.
Кога ќе се земат предвид сите овие сумарно наброени остварувања и резултати на Иван Џепароски, станува очигледно дека во неговата личност македонската литература и култура имаат еден истакнат творец, како на полето на уметничкиот збор така и на полето на научната, филозофска мисла. Со неговото влегување во членството на МАНУ, можеме со сигурност да очекуваме дека овој творец ќе даде значаен придонес во работата на Одделението за уметност, но и во дејностите на целата нашата Академија. Неговиот избор за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е признание за досега постигнатото, но и вистински прилог кон збогатување на составот на МАНУ со творци кои поседуваат и знаење и енергија да го изнесат на едно уште повисоко ниво значењето и угледот на нашата висока Установа.

Фото: Б. Грданоски

Дозволете ми, на крајот, за миг да внесам и малку личен тон: пред многу години го запознав Иван Џепароски како еден мошне љубопитен и (за својата возраст) мошне образован гимназист. Оттогаш ја следев со внимание траекторијата на неговиот научен и уметнички развиток и нагорната линија на неговите успеси, и сега, по многу години чести средби и разговори, соработка и размена на искуства – при што Џепароски на еден извонредно убедлив и неоспорен начин секогаш го потврдуваше богатиот, раскошен регистар на знаења со кои располага – сакам да го изразам своето искрено задоволство што можам да го поздравам како свој колега во Академијата“.

Л.Сабит