Италијанец нашол слика и ја чувал на ѕид со децении. Не знаел дека е од Пикасо


Слика пронајдена од италијански трговец со антиквитети додека чистел подрум во куќа на Капри е оригинален портрет насликан од шпанскиот сликар Пабло Пикасо, открија италијански експерти.

Откако случајно ја пронашол сликата во подрумот на куќата во 1962 година, Луиџи Ло Росо го однел платното дома во Помпеја, каде што висело на ѕидот од дневната соба во следните неколку децении, иако неговата сопруга ја сметала сликата „страшна“, пишува Гардијан.

Денес, се верува дека тоа е портрет на Дора Маар, француска фотографка и сликарка која била долгогодишна муза и љубовница на Пикасо. Во горниот лев агол на сликата е карактеристичниот потпис на познатиот уметник, но Луиџи Ло Росо не знаел кој е тој.

Дури многу години подоцна, кога неговиот син Андреа се заинтересирал за сликата, откако забележал слични уметнички дела во енциклопедија за историја на уметност и почнал да поставува прашања за нив, се појавиле сомнежи во семејството Ло Росо.

На крајот, семејството решило да побара совет од тим експерти. По неколкугодишно истражување, Цинзија Алтиери, графолог и член на научниот одбор на фондацијата Аркадија, која се занимава со проценки, реставрации и атрибуции на уметнички дела, потврди дека потписот на сликата е автентичен. Денеска вредноста на ова дело на Пикасо се проценува на 6 милиони евра, пренесува Хина.

„Му реков на татко ми дека потписот е сличен, не обрна внимание“

Пикасо често престојувал на Капри и се верува дека сликата, која е извонредно слична на Buste de femme (Dora Maar) на Пикасо, била создадена помеѓу 1930 и 1936 година.

Во меѓувреме почина Луиџи Ло Росо, а Андреа кој денес има 60 години ја продолжи потрагата.

„Татко ми беше по потекло од Капри и често собираше секакви антиквитети, кои потоа ги продаваше речиси за ништо“, раскажува тој.

„Тој ја најде оваа слика пред да се родам и немаше поим кој е Пикасо. Не беше премногу образован. Дознав за делата на Пикасо прелистувајќи една историска енциклопедија. Го споредив и потписот. Постојано му кажував на татко ми дека потписот беше сличен, но тој не обрнуваше внимание на тоа“.

Тој неколку пати ја контактираше Фондацијата Пикасо во Малага, но нејзините вработени не покажаа интерес да ги преиспитаат неговите тврдења, сметајќи дека се невистинити. Фондацијата го има последниот збор кога станува збор за автентичноста на сликата, која сега се наоѓа во сеф во Милано.

„Двете би можеле да бидат оригинали“

Пикасо почина во 1973 година, а за време на неговиот живот насликал повеќе од 14.000 дела, така што Фондацијата секојдневно добива стотици пораки од луѓе кои тврдат дека го поседуваат оригиналот.

Buste de femme (Дора Маар) е насликана во 1938 година и била украдена од јахтата на саудиски шеик во 1999 година пред да биде пронајдена 20 години подоцна.

Лука Марканте, претседател на фондацијата Аркадија, смета дека би можело да има две верзии на делото.

„И двете би можеле да бидат оригинали“, изјави тој за весникот Il Giorno. „Веројатно се работи за два портрета, не сосема исти, но се работи за истата тема што Пикасо ја насликал во различни периоди. Едно е сигурно: сликата пронајдена на Капри денес се чува во сеф во Милано и е автентична“.

Марканте сега ќе ги презентира доказите пред Фондацијата Пикасо.