Историјата пак ѝ стави рампа на трговијата со Бугарија


Задоволувањето на големобугарските комплекси и историското зближување според софиските планови има приоритет пред физичкото и економското поврзување. Бугарија никако не може да се реши дали да оди во 21. век или да расчистува истории од 19. век

 

Слободанка Јовановска

Педесетте километри на час – брзината со која се вози од македонската граница до Софија – е првата асоцијација кај нас кога ќе се спомене соседна Бугарија. Некако со иста брзина се одвиваат и политичките односи, кои пак знаат и да отидат во рикверц, како што се случи изминатите месеци. Грчки аналитичар деновиве, по сите апсурди видени во спорот меѓу неговата држава и Македонија, е зачуден од постојаните топло – ладни промени во бугарската политика кон нашата држава, а особено од последната со која, според него, Софија самата си се заробила во политичка позиција која неминовно ќе ги наруши на долг рок односите со нашата држава и нејзините долгорочни интереси.

Европеизацијата и прагматизмот никако да надвладеат во Софија која е на пат да ги избрише сите ефекти од оптимизмот што во 2018 година го создаде стапувањето во сила на  Договорот за пријателство и соработка и уште еднаш одбра да ја жртвува економијата заради историјата. Очигледно не научила ништо од  искуството на Грција која почна со спротивставување на постоењето на Македонија, потоа со барање да го нема зборот Македонија во името на државата, а сега ги има и Македонија и македонски јазик.

Бугарија и Македонија немаат железничка конекција, главните градови се оддалечени само 200 километри, а ретко кој во Македонија слушнал за некој бугарски бренд, додека спогодба за воздушен сообраќај имаме од 1999 година, а сѐ уште мислена именка е директниот лет од Скопје до Софија или некој бугарски центар на море. Иако прва ја призна Македонија и тоа редовно го истакнува, Бугарија воопшто не профитираше од тој факт, како и од блискоста на земјите, бидејќи никако не може да се реши дали да оди во 21. век или да расчистува истории од 19. век. Резултат на тоа е дека во моментов Бугарија, како земја членка на ЕУ на која ѝ се достапни огромни фондови, има значајно помала трговска соработка со Македонија од Србија која помина неколку војни; таа е еден е од најмалите странски инвеститори кај нас, грчките перформанси во земјава може да ги сонува, а може и да учи лекции од економија од нашата држава, бидејќи македонски фирми се поприсутни таму отколку бугарски во нашата држава.

Надворешно–трговска размена на РСМ со Република Бугарија (во долари)

Година       2015 2016 2017 2018 2019 (1-3)
Извоз 270.794 246.502 332.915 360.719 77.863
Увоз 340.539 311.688 332.081  389.116 88.584
Вкупно 611.333 558.190 664.996 749.835 166.447
Деф/Суф -69.745 -65.186 834 28.397 – 10,721

 

Податоците покажуваат дека со години трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е „стани-падни“, со рекорд во 2018 година од 742 милиони евра и пад веќе идната 2019 година, наспроти Србија која стигнува до една милијарда, а исто така и Грција, чија трговска размена со нашата држава е во постојан двоцифрен раст.  И додека Грција, наспроти финансиската криза, за дваесет години инвестирала речиси половина милијарда евра во нашата држава и нејзините компании се меѓу најпрофитабилните во земјава, Бугарија едвај инвестирала 150 милиони евра.

Дека економијата ја следи политичката ситуација се гледа и од овие показатели: трговијата меѓу Македонија и Бугарија растела до 2011 година, па почнала да опаѓа до 2017 година, кога се потпиша Договорот за пријателство и соработка. Во последните две години повторно беше отворена трговската канцеларија на Бугарија во земјава, која како резултат на лошите односи во времето на Никола Груевски се затвори во 2015 година. Се формираше и Македонско-бугарски бизнис клуб и се активираше Бугарско-македонската стопанска комора која постои од 2011 година, но немаше терен за преголема активност. Исто така, се одржа првиот состанок на фамозната Комисија за економска соработка (пандан на Комисијата за историски и образовни прашања, но никој не знае за неа), која постои од 2011 година, а профункционира дури минатата година.

Во Скопје лани се одржа првиот бизнис форум на кој присуствуваа околу 100 сопственици на компании од двете земји, со намера да се одржува секоја година, но како стојат работите, додека не се реши чиј е Гоце Делчев, може да се заборави на тоа и реално никој веќе не го споменува. А, еве како изгледаше „новата ера“ што двата премиери ја најавија само пред една година.

„Никогаш да не запреме во нашите напори за приближување и да не дозволиме политиките од 19. век да застанат на патот на нашата заедничка иднина. Ајде да изградиме партнерство што ниту една бура не може да го уништи“, порача министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Премиерот Бојко Борисов пак даваше гаранции дека „Бугарија ќе биде главниот ментор на Македонија во обидите да стане земја членка на ЕУ“. Со таква најава Софија дури трипати потпишуваше меморандуми за помош на нашата евроинтеграција, а сега сака да се стави во улогата на „нова Грција“, споменувајќи  вето.

Благој Климов, шеф на економската канцеларија во Македонија, пак, оцени тогаш дека бугарските компании како да заборавиле на постоењето на Македонија поради „лошите или не толку добри политички односи“.

„Со забрзано темпо паѓаат економските бариери помеѓу Македонија и Бугарија по потпишувањето на Договорот за добрососедство. Во моментов во Бугарија се случува преоткривање на Македонија за прв пат, за некои пазари и видови стоки, Македонија станува потенцијален пазар за некои бугарски фирми, а истото е и за некои македонски производители кои ја преоткриваат Бугарија. И покрај тоа што Скопје и Софија се на околу 200 километри, како досега да сме биле разделени со некаков Кинески ѕид. И културно и економски“, коментираше Климов за македонски медиум лани, порачувајќи дека растот на трговската размена таа година бил на рекордно ниво и дека во голем степен тоа било резултат на потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство.

Да биде парадоксот поголем, Бугарија сега му ја влече чергичката под нозе на политичарот кој ѝ отвори врата за подобра соработка, како да ѝ фалат времињата кога бројките одеа само надолу. Па така, иако има рекорден број на потпишани спогодби со Македонија во однос на соседите(меѓу кои, и за соработка на писателите), иако дури двапати се потпиша Договорот за добрососедство и пријателство (во 1999 како декларација, а во 2017 година како меѓународен документ), во реалноста – од сите соседи има најлоши и економски и политички односи со Македонија.

Сега, освен што е неизвесен бизнис форумот, под знак прашалник е и воспоставувањето на историската (по чекањето) авионска линија, која од септември требаше за првпат да ги поврзе со чартер лет Охрид и Софија. Иако Унгарија најде начин не само да отвори директна авиоврска со Македонија туку и да ја направи база за своите активности, поврзувајќи нѐ со речиси цела Европа, на компаниите во Софија им требаа 20 години да размислуваат дали имаат економски интерес за такво поврзување со нашата држава.

Со децении се зборува и за Коридорот 8, а годинава се чинеше дека работите на овој проект се забрзуваат и дека, според проценките, до 2025 година Македонија ќе го заврши својот дел од железницата, додека Бугарија се обврза тоа да го направи до 2027 година. Во бугарските медиуми овој проект се нарекува „епопеја“ за која бил снимен и документарен филм, а проценките се дека и покрај повеќето фондови на располагање како земја членка на ЕУ, Бугарија во темпото на реализација заостанува зад Македонија. Истото се однесува и за патното поврзување, кое од македонска страна забрзано се реализира, иако од Бугарија се побројни изјавите дека е недозволиво 200 километри оддалеченост меѓу Скопје и Софија да се возат дури четири часа. Македонија и Бугарија договараа лани и гасоводно поврзување, регионално поврзување на бизнисмените според секторите, поголемо присуство на бугарскиот ИТ сектор  во нашата држава, зголемување на трговијата до една милијарда евра…, но сето тоа може да запре додека не се задоволат големобугарските комплекси и додека историското зближување е приоритет пред физичкото поврзување кое, според бугарските медиуми, се чека еден век.