Интервју со Светозар Јаневски: Кризата е момент за освестување, потребна ни е национална стратегија за развој


Инвестициите ја обезбедуваат успешната иднина на „Тиквеш“, а од неа зависат вработените, соработниците, заедницата: Светозар Јаневски

Треба што поскоро да се разреши ваквата состојба и да се избере влада која ќе носи одлуки и решенија што ќе имаат подолгорочно дејство. Изборите треба да бидат час поскоро, вели во интервју за „Независен“ Светозар Јаневски, Претседател на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“ и партнер во „М6“

 

Мирче Јовановски

Може слободно да се каже дека Светозар Јаневски е македонска бизнис легенда, кој заедно со Винарската визба „Тиквеш“ каде што е еден од сопствениците и претседател на Управниот одбор е меѓу ретките македонски брендови кои што се препознаваат во регионот, но и пошироко.

До ваквиот статус не е дојдено преку ноќ, туку со долгогодишна упорна работа, со визија што сака да се постигне во бизнисот и со страст за она што се работи. Ретко настапува во јавноста, но кога ќе го направи тоа неговите пораки секогаш предизвикуваат внимание. Една од таквите пораки, дадена во интервју уште во 2015 година за „Утрински весник“ и денес е многу актуелна – дека Македонија мора да се најде начин, луѓе и идеи кои ќе ја повлечат земјата напред, но не кохабитација меѓу бизнис-елитата и политиката, туку како кохабитација на идеи. „Нам ни недостасува обединување. Треба да си подадеме рака.

И во денешново интервју за „Независен“ има повеќе пораки кои тераат на размислување и повикуваат на акција. Една од нив е дека ова време на корона криза треба да го искористиме за освестување, треба да ни даде нов правец како треба да размислуваме и да градиме своја национална стратегија за економски развој. Треба да престанеме да се возиме на истиот воз од 1990-те години од минатиот век и треба да изградиме нова национална стратегија која ќе се темели на идентификација и градење силни економски сектори и брендови“, вели меѓу другото Јаневски.

Смета дека мерките кои ги носи Владата треба да бидат пошироки и дека најголем број од земјите имаат пристап кој тргнува од тоа да се обезбеди што поголема поддршка за економија сега, за да може таа да опстане и да се спасат што повеќе работни места.

Тој зборува и зошто во време на криза „Тиквеш“ не престанува да инвестира во нови лозови насади и ги исплаќа редовно лозарите, а на младите им порачува дека светот им припаѓа и ќе остане на оние што имаат визија и храброст да ја остварат.

 

Господине Јаневски, во сенка на најпогодените сектори од корона кризата (угостителство-хотелиерство, транспорт и туризам), се подзаборави на некои дејности кои се врзани со „папочна врвка“ со нив, меѓу кои е и индустријата за производство на вино. Како корона кризата се одрази врз оваа стопанска дејност на глобално ниво?

Корона кризата не „заборави“ практично ниеден економски сектор или дејност. Најголемиот удар го трпат оние сектори кои директно беа засегнати со одлуките за затворање за да се спречи ширењето на инфекцијата, како угостителските објекти, хотелите, продавниците и т.н. Се разбира штети трпат и оние сектори кои се поврзани со овие дејности, во делот на снабдувањето и дистрибуцијата, како и прехранбената индустрија, а најмногу ќе бидат погодени производителите на вода, сокови, пиво и вино, алкохолни пијалаци, месо и слично. Меѓутоа не постои анализа која ќе утврди колкави ќе бидат вкупните штети. Она што сега се случува е првична реакција на шокот и не може да се оцени, поради тоа што анализите кои сега се прават се општи анализи на првичните удари од кризата. Вистинските последици ќе дојдат после извесен период. Има една анегдота која вели дека кога ќе паднете од дрво, добро е малку да поседите така, за да знаете дали и како може да станете повторно на свои нозе.

Сепак, евидентно е дека корона кризата се одразува исклучително негативно и сега. Бројките со кои располагаме ние, покажуваат дека на глобално ниво, 20% од винарниците ќе го намалат производството и забавуваат со работата, а останатите 80% се трудат да најдат начини да ја одржат продажбата, да ги задржат вработените. Сепак, како што кажав, последиците ќе се провлекуваат уште долго време. Првиот поголем удар ќе дојде следната берба, кога веројатно побарувачката за грозје ќе биде многу помала, затоа што сите винарници ќе имаат големи залихи, поради намалувањето на продажбата.

Како и да е, оваа криза е момент за освестување кога ние треба да согледаме во кој правец треба да се движиме понатаму во остварување на долгорочните цели.

Сите ние треба и во овие услови, кога се работи за криза и се соочуваме со хаос, да пронајдеме и можност. Во делот на можностите треба да го направиме она што досега никогаш, уште од распадот на Југославија, не го направивме самите за себе. Економскиот развој на Македонија тогаш зависеше од истите три гранки од кои зависи и денес, а тоа се рударството, текстилната индустрија и аграрот. Една од сугестиите за која сѐ повеќе се зборува и на светско ниво, е тоа дека економијата во иднина треба да се базира на развојот на земјоделството и прехранбената индустрија. Последните анализи покажуваат дека 15% од вработеноста и 12% од додадената вредност во домашната економија им припаѓаат на аграрот и прехранбената индустрија. Другите сектори, како металната и автомобилската индустрија имаат многу помал удел во додадената вредност и вработеноста. Развојот и размислувањата за тоа што ќе биде утре, треба да се даде во тој правец и така треба да се движиме. Сега е време кога треба да размислуваме за креирање и спроведување на нова национална стратегија за економски развој која ќе се темели на поттикнување на развојот на домашни производи кои ќе бидат конкурентни на светскиот пазар, а не само во локални услови. За жал, ние како земја сега имаме многу малку вакви производи.

 

Како помина „Тиквеш“ во овие месеци на корона кризата со оглед дека многу од објектите каде што се пие виното се затворени (ресторани, хотели), нема свадби, патувањата се стопирани… Колкави се штетите во однос на продажбата, извозот и сл. ?

И „Тиквеш“ трпи голема штета од оваа криза. Продажбата е намалена за повеќе од 50 проценти од почетокот на кризата, како на домашниот пазар, така и во извозот, затоа што мерките за социјално дистанцирање и затворање на угостителските објекти се на сила на сите пазари, така што нема разлика меѓу македонскиот и странските пазари. Се реализираат само нарачки од странски увозници направени пред почетокот на кризата. „Тиквеш“ воведе и испорака на вино до дома, со цел да одговориме на потребите на потрошувачите при ограничено движење, но ваквата можност многу малку се користи кај нас и не успеваме да ја надокнадиме изгубената продажба во угостителските објекти. Се разбира, немаме ниту посети во винарницата и потрошувачка на вино во ресторанот на „Тиквеш“. Но, како што кажав, ова се само краткорочните првични негативни последици, највидливи во падот на продажбата и загрозената ликвидност на компанијата. Ќе треба да помине време за да ги сумираме загубите и долгорочните штети и долг период на закрепнување.

 

Во услови на криза каква што не се памети во светот и кога најголемиот број компании ги мереа последиците, како некој вид фатаморгана дојде информацијата дека „Тиквеш“ ја заврши исплатата на своите обврски кон лозарите за бербата во 2019 година и дека инвестираше 720.000 евра сопствени средства во подигнување нови лозови насади. Не ве плашат прогнозите дека кризата ќе потрае и дека за инвестиции треба да се почекаат подобри времиња?

Исполнувањето на обврските кон лозарите е генерална стратегија на „М6“ т.е. „М6 Аграр“, „Тиквеш“ и останатите поврзани субjeкти. Ова е криза од светски размери која не е предизвикана од нечија одлука и затоа ние не сакавме никого да оштетиме, иако како компанијата трпиме последици од сето она што се случува. Нашите коминтенти кои денес не работат не ги плаќаат обврските кон нас, но ние не сакавме да останеме должни кон нашите партнери – лозарите и затоа ги извршивме исплатите. Ние сме компанија која сака долгорочно да ги детерминира правците на соработката со своите партнери која се темели на фер и етички однос.

Што се однесува до инвестициите во лозарството, што е дел од „М6“ под чија капа е и „Тиквеш“, тие се дел од нашата долгорочна програма за развој и натамошно подигнување на квалитетот на виното и перформансите на финалниот производ за извоз, како што се брендирањето и градењето на посакуваниот имиџ. Конкретно, за реализација на инвестициите во лозарството неопходно е соодветно планирање и темелни активности во делот на подготовка на земјата, купување на калеми и други неопходни активности. Тие активности мора да се завршат во предвидените временски рокови, затоа што евентуалното нивно одложување би предизвикало поголеми штети. Оваа криза, колку и да трае, ќе мора да заврши, а ние ќе мораме да продолжиме да работиме и тоа не како било, туку успешно. Инвестициите ја обезбедуваат успешната иднина на „Тиквеш“, а од неа зависат вработените, соработниците, заедницата. Новите инвестиции кои впрочем ја обезбедуваат успешната работа на друштвото во иднина, се дел од континуираната инвестициска програма, која предвидува до 2022 друштвото да вложи во вкупно 650 хектари нови сопствени лозови насади.

Кога сме кај ваквиот вид инвестиции во земјоделството, сметам дека Владата треба да креира и да спроведе национална стратегија со која ќе се поттикнат инфраструктурните проекти, а ќе се обезбеди и поддршка за проектите на поголемите компании кои ја влечат економијата напред и од кои може да се очекува да направат позначителни позитивни промени. Тоа се компании кои со својата работа врзуваат голем број други компании во синџирот на креирање на домашниот производ и се смета дека на одреден начин се двигатели на развојот. И релевантни светски извори велат дека е неопходно да се поддржат ваквите компании.

Една од сугестиите за која сѐ повеќе се зборува и на светско ниво, е тоа дека економијата во иднина треба да се базира на развојот на земјоделството и прехранбената индустрија

М6“ е една од ретките, ако не и единствена македонска компанија која е сопственик на бизнис во друга земја, која важи за лидер во сегментот во кој настапува. Станува збор за вашата винарница во Франција. Како таму се одрази корона кризата врз винската индустрија и конкретно врз вашиот бизнис?

Во Франција веќе се донесени мерки со кои помеѓу останатото се предвидува околу една третина од вкупното производство на вино да биде дестилирано, според однапред утврдена цена. Дополнително, сите производители и винарници кои сметаат дека ќе паднат во криза, затоа што пазарот е стеснет, ќе бидат обештетени од државата преку некоја од програмите за поддршка на Европската унија. Што се однесува до нашиот посед во Франција, како и тука, направивме сѐ за да ги зачуваме работните места и да не ја промениме динамиката на работење во однос на клучните активности.

 

Корона кризата неминовно ќе воспостави и некои нови правила не само во секојдневното однесување на граѓаните, туку и во бизнисот. Како ја гледате иднината на „Тиквеш“ во оваа „нова нормала“, на домашниот пазар, но и во регионални и во глобални рамки? Дали ќе дојде до репозиционирање на вашите амбиции?

Иднината на „Тиквеш“ може да ја гледаме од два аспекта. Имено, „Тиквеш“ е систем кој има широко портфолио и позиционираност на пазарот, претставува силен бренд, не само во регионот, туку и пошироко, така што сметам дека имаме сила да најдеме одговори за сегашните предизвици, гледајќи на нив повеќе како можност, отколку како проблем. Тоа е првиот аспект. Вториот се однесува на „Тиквеш“ како локомотива која ја движи целата домашна винска индустрија напред. Ова значи дека натамошниот развој на „Тиквеш“ ќе придонесе за постепена нормализација на целата домашна винската индустрија, што секако нема да се случи веднаш по укинувањето на вонредната ситуација, затоа што кризата ќе продолжи и во наредниот период и нема да се стабилизира сигурно до наредната година и наредната берба, кога ќе ја знаеме точната слика за ефектите од она што сега се случува на пазарот. Во меѓувреме сите ние кои сме дел од оваа индустрија не треба да губиме време. Неопходно е да го искористиме овој период и да продолжиме со реализација на развојните проекти, особено на оние поврзани со обезбедување на географското потекло на виното и идентификација на карактеристиките на винските региони, како и воведување на најсовремени стандарди што ќе го сместат целиот сектор на лозарство и винска индустрија на повисоко ниво. Затоа што, ништо во оваа индустрија не се прави на краток рок и врз основа на ситни интереси. Мора да се размислува како долгорочно и континуирано да се унапредува целокупната позиционираност и конкурентност на винската индустрија во светски рамки, каде владеат високи критериуми кои не признаваат импровизации.

 

Како кризата ќе се одрази врз македонската економија и нејзините перспективи, привлекувањето странски инвестиции, отворањето работни места…?

Веќе споменав дека оваа криза, ова време, треба да го искористиме за освестување кое треба да ни даде нов правец за тоа како треба да размислуваме и да градиме своја национална стратегија за економски развој. Треба да престанеме да се возиме на истиот воз од 90-те години од минатиот век и треба да изградиме нова национална стратегија која ќе се темели на идентификација и градење силни економски сектори и брендови. На пример, во делот на аграрот, треба да пристапиме кон реформи кои можеби се болни, но секако се неопходни и ќе воведат, покрај окрупнување на земјиштето, и промени во структурата на земјоделските култури што ги произведуваме.

Притоа, врз основа на знаење и информации од науката, како и истражувања на пазарот, треба да се направат темелни анализи за можностите што ги нуди нашето поднебје, како и тоа која земјоделска култура каква додадена вредност ќе може да донесе. На пример, производството на житарици во нашата земја е крајно нерентабилно, но затоа имаме услови за производство на раноградинарски култури, овошје и развој на лозарство. Но, и тоа производство мора да се темели на сериозна анализа, поддршка од државата и едукација, посебно во специјализираните центри каков што е „М6 едукативниот центар“ каде на пример се прави посебна програма за едукација на земјоделците, односно учесниците и производителите во земјоделскиот сектор. Притоа треба да го искористиме целокупното светско знаење и искуства од оваа област, како и поддршката што може да ја обезбедиме од други развиени земји, како што е онаа од Франција – која ни нуди искуства од нивниот пристап во промена на културите во земјоделството. Ваквиот пристап треба да го примениме и при планирањето на идниот развој на другите индустриски гранки, како што е текстилната индустрија, рударството и др. Секако, како дел од новата национална стратегија треба да биде опфатено и приклучување кон четвртиот степен на индустриска револуција, а тоа се информатичките технологии и дигитализацијата на економијата и целото општество.

Во овој дел, ние како „Тиквеш“ работиме што повеќе да внесеме новини, креативност, и знаење. Ја знаеме нашата лидерска улога во домашната винска индустрија и ја прифаќаме одговорноста што произлегува од тоа. Можеби ќе звучи нескромно, но ние како „Тиквеш“, со нашиот развој, во условите што ги имавме по распадот на Југославија, отидовме далеку понапред од сите останати винарници во нашиот регион. Нашите искуства, знаење и предлози ги споделуваме и активно учествуваме во работата на домашниот вински кластер за да дадеме придонес за тоа како стратешки да се насочи развојот на лозарството и винската индустрија. Но, за тоа се потребни ресурси и поддршка од институциите. Се чини дека винската индустрија, за разлика од некои други сектори, била секогаш ставена на маргините од страна на политичките фактори и секогаш била споменувана само во делот на откуп на грозјето. За развојот на оваа индустрија и за тоа како таа може да придонесе и да го повлече развојот и на други гранки, како што е туризмот, воопшто и не се зборува.

 

Дел сте од владиниот Економски совет кој расправаше пред да се донесат мерките за помош на стопанството. Како ги оценувате трите сета мерки, дали се доволни, навремени, адекватни?

Да, бев дел од овој совет. Моето мислење е дека мерките кои досега ги презеде владата за да ги ублажи првичните економски штети и да се одржи социјалната стабилност на населението, во основа се слични како и мерките што ги преземаа останатите влади во регионот. Основната разлика е во обемот на поддршка, што секако зависи од финансиската моќ на земјите. Јас би рекол дека првите два пакета на мерки кои ги презема владата, а кои беа насочени кон обезбедување помош за најпогодените сектори, на малите и микро претпријатија, како и поддршка за социјално загрозените и на граѓаните чии работни места беа загрозени и кои имаат намалување на платите, не се доволни и не се ефикасни, бидејќи ние се наоѓаме во „лимбо”, а оваа ситуација бара ефикасни и храбри одлуки. Јас тука не го гледам тоа и ние час поскоро мораме да одиме на избори.

Сметам дека мерките кои треба да се донесат и кои ги носи владата треба да бидат пошироки. Најголем број од земјите имаат пристап кој тргнува од тоа да се обезбеди што поголема поддршка за економија сега, за да може таа да опстане и да се спасат што повеќе работни места, вели Јаневски

Во третиот сет мерки е предвидена директна помош за граѓаните, веројатно по примерот на некои соседни земји. Дали тоа ќе биде доволно и дали со мерките треба да се таргетираат и одредени сектори кои можат да ја повлечат напред македонската економија по кризата?

Сметам дека мерките кои треба да се донесат и кои ги носи владата треба да бидат пошироки. Најголем број од земјите имаат пристап кој тргнува од тоа да се обезбеди што поголема поддршка за економија сега, за да може таа да опстане и да се спасат што повеќе работни места. Кај нас тешко се прифаќа ваквиот начин на размислување. Кога се одлучува за обемот на помошта се размислува тесноградо, тргувајќи од некаква си потреба за одбрана на буџетот, монетарната позиција на земјата и сл. Стабилноста на денарот и на банкарскиот систем во секој случај треба да се одржи, меѓутоа треба да се размислува и за тоа како сега во овие моменти да се обезбеди што поголема помош на економијата, на приватните субјекти. Јас би го окарактеризирал вака: во првиот момент се боревме за животот и здравјето на луѓето, а сега мораме да се бориме за спас на економијата и за преживување, затоа што запирањето на циклусот во економијата ќе го запре крвотокот во земјава, нема приливи во буџетот и ќе настане хаос. „Во земјата во која доминира лагата, човекот што ја зборува вистинатa не е многу омилен”.

Сметам дека Македонија како мала економија, може да биде флексибилна. Со брзи, ефикасни мерки и солидна помош кон приватниот сектор можеме да ја спасиме економијата и да ја направиме поефикасна во однос на другите. Но, кога зборувам за ефикасноста, свесен сум дека оваа техничка влада има ограничен простор за маневар да донесува одлуки, а сударот меѓу опозицијата и позицијата е погубен за сите граѓани, затоа што во тој судир не се гледа интересот на земјата, туку единствено личниот и интересот на партијата. Живееме во време кога не се покажува вистинско лидерство, не се остава простор за постигнување консензус за она што е потребно за граѓаните и за економијата, што креира уште поголема неизвесност и ја продлабочува кризата. Затоа треба што поскоро да се разреши ваквата состојба и да се избере влада која ќе носи одлуки и решенија што ќе имаат подолгорочно дејство. Изборите треба да бидат час поскоро.

 

Од Стопанската комора на Македонија порачаа дека е потребно државата да му помогне на стопанството сега, за тоа потоа тоа да може да ѝ помогне на државата. Може ли државата да направи нешто повеќе за стопанството, кои се тие мерки и чекори и има ли сила за такво нешто со оглед на ограничените финансиски можности?

Оваа криза донесе огромна неизвесност и отвори многу прашања, на кои никој не може да даде дефинитивни одговори. Неизвесно е колку таа ќе трае, а со тоа невозможно е да се добијат прецизни податоци за обемот на економските штети што таа ќе ги нанесе и со какви проблеми допрва ќе се соочуваме. Она што го знаеме е дека деловните договори се откажуваат, а инвестициската активност насекаде во светот се намалува. Вистинските ефекти од ваквото економско забавување ќе ги видиме после околу шест месеци. Затоа е неопходно сите мерки што сега се донесуваат и целокупната поддршка и поволности да продолжат и до една година и повеќе. Исто така треба сега да се дадат многу повеќе пари во стопанството со кои би се помогнала ликвидноста и солвентноста на компаниите, затоа што ако компаниите престанат со работа, нема кој да ги плаќа вработените и како што кажав претходно, ќе нема приходи во буџетот. Ако тоа се случи, како ќе се финансираат функциите на државата – здравството, образованието, полицијата, армијата…!? Доколку сега му се помогне на стопанството да „остане во кондиција“, убеден сум дека по завршување на кризата стопанството ќе биде во можност да оствари значително подинамичен економски раст.

 

Од една страна има многу примери на општествена одговорност и пожртвуваност, но од друга страна и на големи отпори, како на пример партиите да се откажат од парите од буџетот, или пак (квази) заштитата за платите на администрацијата… Дали кризата не направи да бидеме повеќе солидарни или пак себични?

Во вакви кризи помалку е важно какви сме како личности, побитно е каков пристап ќе имаме. Треба да одлучиме што е поважно, да оставиме секој да се снаоѓа како што може и умее, па макар тоа значело и негово пропаѓање или да одлучиме да помогнеме колку што можеме и да направиме план како да продолжиме да живееме во новата реалност.

Инаку, во тешки услови како овие, излегуваат на површина најдобрите и најлошите страни на поединците и на колективот. Ова е специфична криза, која го засега секој од нас. Стравот и неизвесноста ги тераат луѓето најпрво да се погрижат за сопствените потреби, а тоа го видовме во почетокот на кризата. Но, и да има задоцнета реакција, на крајот солидарноста е таа што преовладува, затоа што стануваме свесни дека сами не можеме да опстанеме и заеднички можеме многу повеќе да постигнеме за излез од ваков тип на криза, при што секој треба да придонесе согласно можностите. Затоа во ваква криза не треба да има поединечни победници, туку сите ние треба да победиме. Ако има поедини победници, сите ние ќе изгубиме.

 

Многу економисти и бизнисмени зборуваат дека кризите се и можност да се излезе посилен и поуспешен. Дали имате впечаток дека ја користиме или пак ја губиме таа можност? Што треба да се направи на ниво на државата, но и во самите компании од кризата да излеземе со што помалку (економски) лузни и со подобра позиција за нов почеток?

По дефиниција, секоја криза е опасност, но и можност да се подобрат работите, секако доколку имате вистинска идеја, стратегија и план за тоа како и кога да ги направите промените. Оваа криза покажа дека како земја и како компании мора многу побрзо и поефикасно да воведуваме и да ги користиме дигиталните технологии во сите општествени сегменти, вклучувајќи ја и економијата. На пример, во образованието се покажа дека без дигиталната технологија не е возможно да се одржи образовниот процес. Дигитализацијата е неопходна и во сегментот на јавните услуги, а секако и во економијата. Во карантински услови кои ги наметна оваа криза, веројатно веќе на сите им стана јасно дека неопходно е да се размислува како да се развиваат системите за е-трговија, што секако опфаќа и нови поефикасни начини на дистрибуција. Оваа криза покажа и дека човештвото и секако бизнис-секторот мора многу посериозно да размислува како подобро и поефикасно да ги користи роботите и вештачката интелигенција кои сѐ повеќе ќе треба да ги извршуваат работите за кои човекот нема да биде во можност или не е безбедно да ги извршува. Се разбира, за да можеме ние како општество да фатиме посериозен приклучок кон ефикасно дигитално општество и е-економија неопходно е да креираме сериозна стратегија и план за тоа што треба да се направи, што секако ќе вклучи и потреба од измена и прилагодување на законската регулатива и да се работи на најширока едукација или подобро кажано на дигитално описменување на граѓаните. Исто така, државата треба сериозно да го промени пристапот за развој на одредени сектори кои имаат голем и неискористен потенција за развој, како што е земјоделството. Во овој сектор треба да се направи сериозна реформа, почнувајќи од сопственоста на земјоделското земјиште, во делот на политиката на планирање и субвенционирање на производството, како и во делот на креирање препознатливи домашни брендови и поддршка за нивен пласман на странски пазари.

 

Како човек со извонредно богато искуство во бизнисот, добитник на многу значајни меѓународни признанија за менаџерство и лидерство, што би им порачале на младите кои почнуваат или допрва ќе се обидат во светот на бизнисот?

Со она што досега го кажав веќе упатив дел од пораките. Мојата основна порака до сите луѓе во бизнисот е дека треба да размислуваат на еден поинаков начин, различен од досегашниот затоа што веќе го немаме истиот пазар па мора да се бараат нови пазари, ги немаме истите купувачи па мора да се бараат нови. Како да се направи тоа? Променете го начинот на кој гледате на работите. Не размислувајте тесноградо. Размислувајте како можат да се решат проблемите на вашата компанија, но размислувајте и за проблемите што можеби ги имаат и другите компании, вклучувајќи ги и вашите конкуренти. Анализирајте што е тоа што би можело да им помогне на вашата и на другите компании и да ја придвижи целата економија. Сега е моментот кога се потребни повеќе идеи за да можеме да изградиме една побрза, пофлексибилна и попрофитабилна економија. Секогаш кога размислувам и разговарам со моите колеги од „М6“ и во компаниите во кои работиме, тргнуваме од тоа како да создадеме повеќе вредност за нашите компании, но истовремено и како да креираме поволности за економијата. Во тој дел мора да постои долгорочна национална стратегија на земјата и во чие креирање и спроведување мораме да се вклучиме, затоа што од тоа зависи одредувањето на правците по кои ќе се движи идниот развој на земјата.

Инаку, мојата порака до младите е дека светот им припаѓа и ќе остане на оние што имаат визија и храброст да ја остварат. Ова особено важи во бизнисот. Не смеете да чекате коцките да се наместат онака како што вие очекувате, па потоа да делувате. Тоа никогаш нема да се случи. Едноставно мора вие да имате идеја што сакате да постигнете и да направите план како тоа да го постигнете. И притоа, не смеете да се задоволите со моменталниот успех, колку и да е голем. Морате ва верувате и да имате енергија. Пристапот кон проблемите имајте го како предизвик и да наоѓате решение, а не да се замрзнете во стравот дека нема решение.

Морате да одите понатаму. Постојано да учите нови работи, да стекнувате нови знаења и вештини кои ќе ви овозможат да ги прескокнете сите препреки кои ќе се појават на патот на успехот. Ако запрете, тогаш влегувате во дефанзива, станувате ранливи.

Бизнисот и животот се како савана. Морате да се движите, тоа е основата на опстанокот.