Интервју со Патрик Мартенс: Мал број странски инвеститори ги искористија мерките од државата

Целата автомобилска индустрија е погодена и овде можеме да бидеме среќни бидејќи успеавме да ги извршуваме обврските кон клиентите, односно кон производителите на автомобили – испораките беа комплетирани, а договорите реализирани, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс

Мирче Јовановски

Никој во моментов не може да предвиди колку ќе трае пандемијата со корона вирусот, ниту колкави ќе бидат на крајот штетите врз стопанствата, но она што сега може да се направи е земјата да се подготви најдобро што може за периодот по кризата, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија во интервју за „Независен“. Прецизен во мислите и отворен во пораките, тој вели дека по корона кризата несомнено ќе дојде до редефинирање на синџирите на снабдување, но како ќе се позиционира Македонија во тоа, од една страна ќе зависи од мерките што сега се преземаат за справување со последиците од кризата врз стопанството, а од друга од решавање на слабостите во функционирањето на правната држава и во судството. „Сметам дека подеднакво можеме да се носиме со земјите кои се конкуренти и препорачувам државата да се фокусира на шансите“, вели Мартенс. Тој исто така се освнува и на досегашните пакети за помош на стопанството, при што открива зошто од странските компании само неколку аплицирале за финансиска поддршка, но и за „триаголникот“: плати – продуктивност – конкурентност, за дуалното образование кое дава одлични резултати и за други актуелни теми.

 

Господине Мартенс, земјите во ЕУ и во западен Балкан ги сумирааат последиците од корона кризата врз стопанството. Кои се вашите согледувања, какви се ефектите од кризата во Македонија, особено кај извозните компании од кои повеќето се со странски капитал?

Ситуацијата сега, како и во претходните недели сѐ уште не е прегледна и сѐ уште не е јасно какви ќе бидат последиците од кризата. На краток рок, Северна Македонија продолжи со производство во целиот период за време на кризата што за нас беше навистина најважно. Кај одделни компании ситуацијата беше различна бидејќи се соочија со различни состојби. Кај некои производството беше многу намалено, кај некои немаше производство во период од две до три недели. Но сите компании, кои што произведуваат за автомобилската и за електроиндустријата успеаја, да ги извршат своите договори кон клиентите. Некои од компаниите запреа со производството во оние моменти кога нивните клиенти во Германија, Франција и во Шпанија запреа со производството таму и ги откажаа нарачките од овде. Дел од германските компании во Западен Балкан, не зборувам за ниту една компанија од Северна Македонија туку од другите балкански земји, беа страшно погодени од кризата, а тие имаа проблеми и пред кризата. Во моментов таквите фирми се ставени под закрила на нивните мајки компании во Германија, но прашање е како ќе се опорават по кризата. Последиците сега не можат да се предвидат. Јас сметам дека од септември ќе се постигне некаква нормализација, но како ќе се одвива долгорочно и колку долго ќе трае таа нормализација, не може да се каже од сега. Компаниите од автомобилската индустрија зависат од купувачите и од однесувањето на купувачите. Меѓутоа, сѐ уште не знаеме како ќе се однесуваат купувачите на автомобили. Кризата ќе делува многу на овој пазар и последиците може да се чувствуваат во следните две до три години.

Дали може да се каже дека компаниите овде се во малку подобра ситуација отколку во другите земји?

Мислам дека целата автомобилска индустрија е погодена и овде можеме да бидеме среќни бидејќи успеавме да ги извршуваме обврските кон клиентите. Односно, кон производителите на автомобили. Испораките беа комплетирани и спроведени, а договорите исполнети и реализирани. Кризата овде почна две недели подоцна отколку во Западна Европа, па компаниите тука произведоа повеќе од она што требаше имајќи ги предвид подоцнежните порачки. Во споредба со регионот можам да кажам дека Северна Македонија е многу помалку погодена бидејќи државата не зависи од секторот туризам како некои други земји. Ако ги земеме како пример Хрватска или Албанија, тоа е страшна катастрофа за нив. Но, во секоја криза има и добитници, на пример, доколку работите во градежната индустрија може да видите дека многу градежни проекти се завршени. Градежниците коишто вообичаено работат во странство сега се тука и се достапни како работна сила.

Сите погледи од земјите во регионот се насочени кон Германија како нивен најзначен трговски партнер. Каква е состојбата во стопанството во Германија, колку пандемијата остави последици врз компаниите таму?

Северна Македонија беше една од првите земји во регионот која привлече во најголем број германски инвеститори. Сега во Србија бројот на компании е поголем. Во однос на тоа дека сите очи од Западен Балкан се свртени во правец на Германија и што е таму поразлично – знаете, власта во Германија е поделена на федерална и на ниво на 17 покраини, а секоја од нив одлучува каква политика ќе води и во секоја покраина надлежните здравствени власти донесуваат одлуки во зависност од состојбите и како ќе се надминува кризата. Така што, имаше многу поголема флексибилност во однос на мерките и препораките. И од овие причини, исто така, ефектите во сузбивањето на кризата беа многу поголеми. Германија, во соработка со стопанството, донесе една важна одлука за финансиска помош за вработените. Едноставно, компаниите со ова не беа принудени формално и официјално да ги отпуштат вработените од работа, туку продолжија да ги исплаќаат платите, меѓутоа дел од тие плати се финансирани со помош на државата. Би сакал да го објаснам што значи оваа краткорочна финансиска поддршка од државата – вработените остануваат да работат во компаниите, дел од тие вработени се дома, дел одат на работа, некои со скратено работно време, меѓутоа компанијата продолжува да ја исплаќа платата намалена, а остатокот го исплаќа државата. Ова е добра мерка бидејќи во 2008 година кога беше финансиската криза, голем дел од компаните имаа загуби, им се намали обемот на работа. Тие тогаш донесоа одлуки да отпуштат голем број од вработените, меѓутоа потоа кога заврши кризата беше тешко за нив да вработат нови луѓе и да ги обучат за работните процеси.

Дали поради ваквиот пристап може да се каже дека германските компании ќе бидат во добра кондиција за следните посткризни фази?

Никој не знае колку бранови ќе има пандемијата. Никој не може да предвиди дали ќе има втор или трет бран. Како пример ќе наведам што се случи со Шпанскиот грип кога помина првиот бран. Луѓето во Сан Франциско по првиот момент кога се ослободија мерките излегоа да прослават во голем број кафеани. Меѓутоа набрзо потоа дојде вториот бран, при што умреа стотици илјади луѓе. Сѐ зависи од тоа колку време ќе трае кризата, колку компании ќе преживеат по кризата и какви стратегиски одлуки ќе донесат, на кој начин ќе ги постават своите синџири на добавувачи.

Една од темите за која многу се зборува се глобалните синџири за снабдување. Како гледате на можноста да дојде до нивно редефинирање и како во таквиот систем би можеле да се позиционираат земји како Македонија?

Сѐ зависи од односот кон клиентите и колку клиентот е подготвен да плати. Да ја земеме на пример фармацевтската индустрија. Германската мрежа на здравствени организации, но исто така вклучувајќи ја државата која што имаше свој удел во донесувањето одлуки, гледаше да набавува најевтини производи. Меѓутоа, сега се разгледуваат и други можности – да се најдат добавувачи во фармацевтската индустрија коишто се од поблиски региони. Германија сѐ уште како најголем приоритет ја има глобализацијата, бидејќи таа е особено важен фактор во намалувањето на инфлацијата, односно, воопшто на можноста за појава на инфлација, со тоа што преку глобализацијата германските компании успеваат да најдат место за реализирање на своите инвестиции каде што има поевтино производство. Актуелна темa во поново врeме е добавувачите од Германија да побараат и нови клиенти во одредени индустрии кои што се поблиску до нив. Односно, клиенти кои што се поблиску до пазарот на Европската унија.

Се разбира, Германија нема да ги врати назад фабриките што ги има за производство ширум светот и таму ќе продолжи производството. Една од причините се високите давачки за плати во Германија. Кинескиот пазар, којшто го сметаме за втор најголем во светот и каде што има голем број на германски компании, не значи дека и во иднина ќе остане приоритетен пазар за германските инвеститори таму да ги реализираат своите инвестиции. Сметам дека по кризата ќе се направи една нова распределба во однос на поставувањето на новиот синџир на добавувачи. И Северна Македонија како пазар при оваа прераспределба ќе игра важна улога. Земјата е блиску до Европската унија, има добра логистичка поврзаност, пазар што има поволни услови за производство, либерален пазар… Но, она на што треба и понатаму да се работи и што се слабости на овој пазар се правната држава и судството. Знаете, доколку некој инвеститор има правен процес, да излезе пред суд тука, тој процес ќе трае многу долго и ќе биде многу тешко. Кога зборуваме за шансите или за слабостите, Северна Македонија има подеднакво исти шанси и слабости како и нејзините конкуренти. Кога зборуваме за конкуренти пак, мислиме на Мароко, Тунис, Србија, Босна и Херцеговина, но и Украина. Сметам дека подеднакво можеме да се носиме со овие конкуренти и препорачувам државата да се фокусира на шансите.

Во септември, кога ќе започне новата учебна година, во процесот на дуално образование ќе имаме 12 партнерски компании. Веќе обучуваме ученици во двата смера, тоа се машински теничар и мехатроничар. Секоја година ќе се примаат нови 100 до 120 ученици, вели Мартенс

Како ги оценувате досегашните три пакети мерки што ги донесе Владата да им помогне на фирмите?

Фокусот, како прв чекор, беше насочен кон малите и средни претпријатија. Странските инвеститори не се многубројни во земјава. Но, кога се гледа во однос на бројот на лицата, односно колку вработуваат, тогаш можеме да кажеме дека странските инвеститори кои што произведуваат во зоните се работодавци на повеќе од 30 илјади луѓе. Во овој случај можам да кажам дека мал број странски инвеститори ја прифатија поддршката од државата, односно се повикаа на мерките и ги искористија. Дел од компаниите се одлучија да не аплицираат за мерките бидејќи пресметаа дека процесот е бирократски и комплексен, како и дека финансиските средства кои што им се даваат на располагање треба да бидат вратени, а сето ова им создава една несигурност во долгорочното планирање. Она што е најголем приоритет за компаниите е долгорочното планирање и на тој начин треба да се спроведат одредени работи. Инаку, имаше и ситуации кога од страна на државни институции се вршеа контроли, на пример во автобусите со кои што вработените одеа на работа во зоните и преку тие контроли проверуваа на какво растојание седат вработените, исто во производството каква е раздалеченоста меѓу нив, пробуваа од страна на полицијата кај одредени компании да се прават опструкции при транспортот на вработените, потоа исто така полициски службеници ги сопираа и правеа контроли додека одеа на работа. Сево ова им прави на инвеститорите потешкотии во работењето. Сите овие прашања и проблеми ние ги доставивме до Владата и набрзо потоа се решаваа. Она што им е потребно на компаниите е правната сигурност и во државата да се дејствува според пропишаните закони.

 

Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство доставија до Владата свои предлози за директна финансиска поддршка и неповратна помош. За какви барања станува збор и дали се во линија со буџетските можности на земјата?

Во однос на ова прашање ние, се разбира, сме на иста бранова должина со советот на странски инвеститори. Она што сметаме и ние дека е значајно, покрај државната помош во однос на платите за месеците април и мај, е таа да продолжи и за јуни, а исто така стоиме и зад идејата да се отворат границите, бидејќи има ситуации кога треба да дојдат експерти, инженери за одржување на машини или помош при одредени производни процеси. Тие луѓе треба да се навистина слободни за да можат да допатуваат да го средат проблемот и производството да продолжи без пречки понатаму во фабриките. Исто така, лобираме за царинските стапки на одредени тарифни броеви кои што, за жал, се различни од Европската унија и со тоа компаниите што извезуваат имаат многу поголеми трошоци. Ние апелираме овие царински стапки да се прилагодат кон оние во ЕУ со цел компаниите да бидат конкурентни во однос на другите компании. Законот за царина е многу комплексен, но тој е напишан уште во времето на СФРЈ, па сметаме дека треба да се работи на тоа. Се презедоа некои работи, односно беа прилагодени одредени царински тарифи, но тоа е со важност до 30 јуни, а ние апелираме решението да продолжи, односно тие царински тарифи кои што беа одобрени до 30 јуни да важат и понатаму, а да се прилагодат и новите царински тарифни броеви. Дел од компаниите странски инвеститори, коишто се сместени во зоните ТИРЗ, имаат договори за државна помош. Се разбира дека компаниите до сега ги исполнуваат потпишаните договори, а и во иднина планираат тоа да го прават. Но, поради настанатата криза во еден одреден период компаниите побараа да бидат одложени барањата од договорите и од Владата да се направи отстапка за овие договори на одредено време.

Јас не сум министерот за финансии во однос на планирањата во буџетот. Секоја календарска година на крајот се прави план за буџетот, меѓутоа заради кризата се прави и ребаланс на буџетот, односно се прави пренамена на средствата. Исто така има и можност за земање нови кредити. Сметам дека и двете опции се важни да се применат во оваа ситуација. Едната опција е ребаланс на буџетот, со пренамена на средства кои биле предвидени за други намени, а втората дека државата може да земе нови кредити кои ќе бидат наменети за справување со кризата.

 

Во минатонеделната утринска телеграма се осврнавте на конкурентноста и неопходноста платите да се во корелација со нивото на продуктивноста. Дали гледате во овој дел проблем во македонското стопанство, како кризата со корона вирусот ќе влијае врз оваа равенка?

Од Министерството за финансии добиваме њуслетер од каде што ја презедовме информацијата дека платата е зголемена за 12 проценти, значи дека просечната бруто плата изнесува 660 евра. Кога станува збор за компании коишто се со високо технолошко производство, автоматизирани компании, сметам дека ова е одлична можност, дури оваа плата е поволна, меѓутоа кога станува збор за компании коишто имаат мануелно производство и кои што се постојано под притисок на нивните купувачи и клиенти во однос на цените, продуктивноста не го достигнува нивото кое што е потребно. Добро би било доколку производството во земјава повеќе се автоматизира, да има висока, комплексна технологија и да се произведуваат крајни производи. Пред оваа криза најголемиот проблем во земјава беше недостигот на стручен и добро обучен кадар. Тоа не е феномен само тука, и на пазарот во Германија исто така има проблем да се најде персонал кој што е стручен и обучен. Сметам дека кризата исто така може да помогне луѓето, како што се вели, да се спуштат на земја. Ова можеби е и добра шанса да се размислува повеќе во насока на технички професии, занаети, бидејќи техничките професии, но и занаетите ќе надминат секоја криза. Тие се секогаш потребни и во секое општество. Инженери, ИТ инженери, електричари, медицински сестри, доктори пред сѐ, кои што се многу ценети во секое општество, ќе имаат работа во секоја криза. Знаете, медицинските сестри и докторите не се платени толку добро во Германија. Кога ќе направите споредба колку тие заработуваат во Германија во однос на медицинските сестри коишто тука работат во приватните болници, имајќи ги предвид давачките и трошоците за живот, сметам дека тие тука се подобро платени отколку во Германија. Мислам дека оваа криза ќе донесе промена и во самата култура во сите општества, можеби луѓето повеќе ќе се свртат кон традиционалните, класичните професии.

 

Многу економисти велат дека на кризата треба да се гледа и како на шанса. Што треба Македонија да направи за да ги искористи можностите особено во привлекувањето на странски директни инвестиции?

Во однос на тоа дали кризата ја сметам за шанса можам класично да ви кажам дека е тоа „бла-бла“. Земето го само примерот со пропаѓањето на „Титаник“. Да, за компанијата од Белфаст која го направи бродот „Титаник“ можеби тоа беше шанса да направи нешто подобро во производството, но за оние 2.000 луѓе кои што беа на „Титаник“, дали тоа беше шанса за нов живот? Се сомневам. Знаете, кризата во секое општество ќе придонесе да се бараат решенија за побрз развој, но при овој забрзан развој многу луѓе ќе останат настрана од патот. И што ќе се случи понатаму со тие луѓе? Дали за нив ќе биде вистинска шанса е големо прашање. Кризата која ја направи „Титаник“ се претвори во шанса за голем број компании коишто произведуваа специјални системи за пронаоѓање на ледени брегови во океаните и морињата. Математиката којашто почнавме да ја разгледуваме со доаѓањето на корона кризата е дека постои нова шанса за поставување на синџирот на добавувачи. Доколку земјата си ја заврши својата домашна задача и се подобрат одредени рамковни услови, сметам дека има големи шанси за зголемување на индустриското производство, но исто така и на негов натамошен развој на повиско ниво. Шанса за нови компании, за нови инвеститори. Но, државата сега, исто така, има шанса да ги задржи оние луѓе кои заминуваат во голема мера надвор. Вистински момент е да ги подобри секторот здравство, образованието, да инвестира повеќе во дуалното стручно образование. Ова е шанса бидејќи со зајакнување на здравствениот сектор и образованието јакне целото општество и повторно значи можност луѓето да останат тука.

Владата неодамна објави јавен повик за стратешки инвеститори според Законот за стратегиски инвестиции. Како гледате на ваквиот потег, што би значело тоа за земјата и дали сега во услови на криза ќе може да се очекува позитивен исход?

Закон за стратешки инвестиции – пред сѐ, мора да кажам звучи многу позитивно и сметам дека е добро. Ако се реализира ќе биде супер. Сметам дека има одредени предности за земјата додека е во фаза на пристапување кон Европската унија. Сега можат да се постават клучните темели, сега може да се постави и да се направи вистинска подготовка на стопанството. Сега се сее житото. А, во однос на тоа како ќе се посее, ќе видиме и какви ќе бидат резултатите по влегувањето на земјата во Европската унија. Поточно, сега владата треба да даде импулси преку владини мерки, како и со проектите од Европската унија, добри идеи може да дојдат од компаниите, да се зајакне стопанството, да се зајакне целиот приватен сектор, целата економија да се постави на добар темел. Сега приликите се подобри отколку кога државата ќе биде дел од Европската унија. Ако сега не се постават тие темели на стопанството, по влегувањето на државата во ЕУ оваа земја ќе биде празна.

Дали сте задоволни од проектот за дуално образование, какви се плановите за наредниот период тој да се прошири и уште повеќе да се унапреди?

Во септември, кога ќе започне новата учебна година, во процесот на дуално образование веќе ќе имаме 12 партнерски компании. Веќе обучуваме ученици во двата смера, тоа се машински теничар и мехатроничар. Секоја година во седум градови на Македонија и 12 компании ќе се примаат нови 100 до 120 ученици и за две години може да се каже дека ќе има вкупно околу 400 ученици поделени во сите четири години од средното образование. Овие ученици по завршување на четиригодишното средно образование, кое што делумно ќе го поминуваат во компаниите, а делумно во училиштата, ќе имаат можност да продолжат да студираат на некој од техничките факултети, или пак да продолжат да работат во компаниите и таму да се позиционираат. Дел од учениците можат да стигнат и до средно менаџерско ниво со своите квалификации и навистина имаат одлични шанси да ја реализираат својата кариера. Сметам дека овие профили на ученици и идни вработени се токму она коешто е потребно на пазарот на трудот во земјата. И тука имаме одличен спој помеѓу она што навистина го бара реалниот сектор и добро обучени млади луѓе. Сметам дека голем дел од овие млади луѓе ќе бидат навистина среќни и со својата професија.