Интервју со Неби Хоџа: Автопатот Скопје-Блаце е суштински, а не се гради


Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Пред да се формира Владата, упативте неколку барања до премиерот Зоран Заев. Колку од тие барања се реализирани?

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) ја презентираше својата платформа за економски раст и развој на Македонија пред сите политички партии. Речиси 70 отсто од мерките содржани во нашата економска платформа се вклучени и во економската програма на Владата. Исто така, и во рамките на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, имаме поднесено речиси 50 иницијативи за измена на законски акти, од кои  досега се прифатени пет иницијативи. Се работи во таа насока  и од Владата се очекува да излезе со информации до каде е со барањата на бизнис секторот.

Владата заглави во реализацијата на капиталните проекти. Колку тоа влијае врз бизнисите, но и врз целокупната економија на земјата?

Иако минатата година Владата не успеа во реализацијата на капиталните инвестиции, за годинава ставката за нив е зголемена. Аргументите на Владата за нискиот процент на реализација на капиталните инвестиции беа дека постојат административни и процедурални пречки. Затоа се надеваме дека годинава  овие пречки ќе се надминат и капиталните инвестиции ќе се спроведат според плановите. Според податоците, во претходните квартали главни двигатели на БДП беа секторите уметност и рекреација. Сметам дека за земјите во развој како нашата главни двигатели, не само за раст туку и за економски развој, треба да бидат инвестициите. Затоа фокусот треба да биде насочен кон реализација на капиталните инвестиции, бидејќи секторите што беа главни двигатели на растот на БДП минатата година не се оние што обезбедуваат стабилен и долгорочен економски раст за создавање на стабилна и конкурентна економија на заедничкиот европски пазар.

Автопатот Скопје-Блаце, ,,Руга е Арбрит“ и царинскиот терминал во Јажинце се долгогодишни барања на бизнис заедницата. Колку бизнисите загубија со нереализирањето на овие проекти?

Иако постои расположение да се разговара за овие проекти, сепак годинава не се предвидени средства за автопатот Скопје-Блаце, иако тој е од суштински  приоритет за нашата економија ако ја имаме предвид трговската размена со Косово, каде што сме во голем суфицит. Треба да го олесниме прометот кон сите соседи каде што имаме економски суфицит, а не обратно. Исто така, не се предвидува отворање на граничниот терминал во Јажинце, ниту пак се предвидуваат средства за патната инфраструктура од Тетово кон Јажинце. Несомнено е  дека царинскиот терминал Јажинце е важен за економскиот раст на земјата, бидејќи е многу блиску до Полошкиот Регион каде што гравитираат над 7 000 економски субјекти. Компаниите за 20 километри може да стигнат до царинскиот терминал во Јажинце, додека кон Блаце мора да поминат 100 километри и тоа секако дека создава трошоци за компаниите.

Патот „Руга е Арбрит“, исто така, е важен за компаниите бидејќи со изградба на овој пат сегашната оддалеченост Скопје – Тирана се намалува за околу 100 километри, што ќе им овозможи на компаниите полесен и побрз пристап до албанскиот пазар и пристаништето во Драч. Сведоци сме дека од албанската страна работат интензивно и останува ние од наша страна да си ја довршиме делницата од Кичево до Дебар.

Колку ќе влијае врз економијата интеграцијата на земјата во НАТО?

Според нашите анализи и економски предвидувања, очекуваме дека по членството на нашата земја во НАТО ќе се создадат услови за побезбедни инвестиции на компаниите. Членството во НАТО го зголемува нивото на безбедност за граѓаните и за бизнисите. Ние сме оптимисти дека ситуацијата во  земјата од аспект на инвестициите значително ќе се подобрува врз основа на искуствата на земјите членки кога  станаа дел од алијансата. Најдобар пример е Албанија, каде што, по членството во НАТО, странските директни инвестиции значително се зголемија и во 2017 година достигнаа 9,1 отсто од БДП.

Но, колку домашните компании можат да бидат конкурентни на европскиот пазар?

На европскиот пазар има компании што со децении се носители на иновации и инвенции. Оттука, сметам дека македонските компании треба да се потпираат и да се фокусираат на иновации за да можат да бидат конкурентни на европскиот пазар. Според искуството од соседна Бугарија, по членството во ЕУ, на  отворениот европски пазар најдобро котирале компаниите што навремено се фокусирале на воведувањето иновативни решенија, како за производите и за услугите, така и за процесите во самите компании.

Со масовното иселување во странство, колкав е ризикот да недостига работна сила и стручен кадар?

Компаниите секојдневно се соочуваат со недостаток на стручен кадар и постојано бараат персонал. Иако во одредени сектори платите се доста високи, сепак многу од квалификуваните кадри се решаваат да ја напуштат земјата. Ова значи дека за иселувањето во европските земји, покрај платата или финансиските услови како главен мотив, постојат и други причини, како што е недостатокот на владеење на правото, дискриминацијата итн. Бидејќи овој феномен продолжува, односно сè повеќе млади и квалификувани кадри ја напуштат земјата, треба да создадеме услови за нивно задржување. Ние како комора во нашата економска платформа имаме поглавје со конкретни мерки што треба да се преземат во оваа насока, како  подигање на свеста кај младите и невработените за соодветна квалификација, соодветна  имплементација на владините политики за намалување на невработеноста и поврзување на бизнисот со образовните институции, со особен фокус на дефицитарните професии.

Речиси секоја година имаме избори. Колку се тие штетни за економијата?

Изборните процеси влијаат врз повеќе сфери од општеството, но најмногу врз бизнисот, што го покажуваат и нашите анализи. Компаниите сметаат дека бизнис климата во Македонија е полоша од таа во земјите во регионот. Затоа сметаме дека Владата треба да се фокусира на создавање економска агенда, на  поддршка на компаниите преку подобрување на ефикасноста на институциите за да одговорат на нивните потреби, на намалување на административните пречки во реализацијата на капиталните инвестиции, на обезбедување средства за рамномерен регионален развој од 1 отсто од БДП и – на одбивање на иницијативите за предвремени парламентарни избори.

До каде стигна реализацијата на проектот за промет со дијаманти?

Беа реализирани неколку состаноци со потенцијалните инвеститори, но ова прашање засега останува отворено. Главна причина е чекањето на официјалното членство на Република Северна Македонија во НАТО, бидејќи се работи за голема и осетлива инвестиција. Проценка на инвеститорите е дека полноправното членство во НАТО ќе донесе стабилност и сигурност за реализирање на ваква крупна инвестиција.

Има ли напредок во плановите за заедничка македонско-косовска царинска контрола?

Постои позитивно расположение за отворање на заедничка царинска контрола помеѓу нашата земја и  Косово. Сепак, треба да се направаат поголеми напори за реализирање на овој план. Сметаме дека тоа  ќе придонесе за забрзување на царинските процедури и ќе го скрати времето за чекање на компаниите. Ние како комора сме во преговори со нашите партнери, коморите од Косово, за заеднички да ги елиминираме сите меѓусебни бариери и полесно сите заедно да пристапиме кон ЕУ. Толку сме мали во однос на потребите на европскиот пазар, а да не зборувам пошироко, што ние како соседни држави треба да соработуваме и како комплементарни да пристапиме кон европскиот и светскиот пазар.

Стигна ли помошта за компаниите што беа поплавени во овој регион во 2016 година?

Ние како комора бевме најгласни кога се случија поплавите и реагиравме  навреме кај минатата власт бидејќи воопшто не беа третирани правните субјекти. На терен излегоа наши и служби од сите оштетени, но само осум компании можеа да соберат комплетна документација околу влезната и оштетената стока. Проценката на поплавената стока кај овие правни субјекти изнесуваше некаде околу 5 милиони евра. Новата владејачка гарнитура формираше  група која  беше одговорна за подготовка на целата документација,  но засега нема никаков резултат. Одговор сè уште немаме добиено и членките се во очекување на конечната одлука. Повеќето од фирмите постојат над 20 години и сите придонеле за економскиот развој на тој регион и воопшто за целата економија на државата.

Арменд Мурсели

фото: Борис Грданоски