Интервју со академик Божин Павловски: Не само што ќе му простам на Ѕверот, туку и ќе го прашам дали му треба помош


Лејла Сабит

Што ќе правев како шеф на голема американска издавачка куќа? Ќе трупав богатство кое мене лично не ми значи ништо, ќе пушев пура, иако го мразам пушењето, и ќе пуштев голем стомак. Вака, не пуштив стомак, не пушам пура и не трупам капитали, ами си го обликував својот опус од 22 тома. И ги издавав неделните весници со кои се гордее нашата заедница. Не само што ќе му простам на Ѕверот, туку и ќе го прашам дали му треба некаква помош, вели во интервју за „Независен“ академик Божин Павловски, кој веќе 33 години живее и твори во Мелбурн, Австралија. Но не ја заборава Македонија во своите романи и колумни, во жестоките критики за состојбите во татковината, а не ги поштедува ниту политиките на носителите на власта во независна Македонија.

Зошто, по секое објавено дело е опседнат од необјаснива меланхолија, зошто е време да се прибере дома, зошто сите народи во нашето опкружување (освен Бугарите) веќе се поеманципирани од нас, и што мисли за Каракачанов, во продолжение на интервјуто.

Веќе 9 месеци поминаа откако Австралија ги забрани летовите накај другите континенти. Не можам ни да замислам во Македонија да разлиста уште една пролет без мене. Во изминатите 33 години дури 41 пат си дојдов дома за да си поседам барем половина година и да бидам поактивен во Академијата. Време е да се приберам дома

Непосреден  повод  за ова интервју е објавувањето на вашите дела, во издание на МАНУ и „Матица македонска“. Станува збор за импозантно творештво од 22 романа кое почнува од шеесетите години на минатиот век. Сега, кога влегувате во деветтата деценија од вашиот живот сѐ уште сте во добра кондиција на радост на вашите читатели ширум светот. Нема година а да не изненадите со нов роман. Ова е време кога човек на оваа возраст  неминовно си го поставува прашањето дали ја остварил целта?

Тоа е опус создаван 60 години. Долг период не објавував ништо, се насобраа ракописи жедни за добри читатели. За жал, творецот го следи вечно незадоволство. Би го парафразирал стариот Бернард Маламуд, по секое објавено дело сум опседнат од необјаснива меланхолија. 

Ернесто Сабато во својата книга „Пред крајот“ остава аманет на младите од светот. Дали во оваа пригода имате порака до младите во Македонија?

Никогаш да не ја заборават големата мисла на Борхес дека литературата надвор од читателот не постои. 

Ми падна жал за некои добри млади автори кои своите книги ги печатат во стотина примероци, од кои половината ги носат во Министерството за култура за да користат понижувачки мала субвенција. Тоа е многу лош знак и за нив и за самата литература. Ниту еден автор не може да напредува доколку не добива повратни информации за своите естетики. 

Условите во кои создаваа младите творци пред осамостојувањето беа неспоредливо подобри од сегашните. Речиси секој вреднуван творец можеше да се надева на повеќеилјадна рецепција, а тоа автоматски ја одредуваше позицијата на литературата. Таквиот статус не падна од небо. Мораше да се засучат ракави, чекор по чекор се освојуваа тие културни стандарди. Нашиот македонски капитализам не личи на ништо, затоа е толку неповолен статусот на сите креативни луѓе. Ми се чини, политичарите не се свесни колку многу ја проблематизираа иднината на државата.  

Ми недостасуваат прошетките низ Скопје, особено по кејот на Вардар. И Стојан Христов, македонскиот колос во американската литература, ми раскажуваше дека си барал душевен мир покрај оваа река за време на Вардарска Бановина

Вие сте писател во постојано истражување и патување. Го обиколувате светот. Селидбите, судбините на луѓето, вашиот возбудлив  личен живот се најчеста тема која има универзални димензии препознатлива за судбината на многу народи. Македонија е вашиот главен јунак кој е постојано присутен преку трагичните судбини на главните личности во романите. Како да навестувате трагична судбина и на вашиот главен јунак Македонија?

За жал, нашиот лет во место (Г. С.) претерано долго трае. Сите народи во нашето опкружување (освен Бугарите) веќе се поеманципирани од нас. По осамостојувањето ние престанавме да правиме разлика меѓу патриотизмот и национализмот. Тоа го потхрануваа главно политичарите. Треба да се знае: патриотизмот е нешто возвишено, додека национализмот нешто геноцидно. Пак ќе го споредам времето пред осамостојувањето со ова сегашново. Тогаш бевме опседнати со приопштување на светските вредности кои се цивилизациско богатство. Многу поуспешно ја вмрежувавме Македонија тогаш отколку сега. Во таа меѓународна поделба на вредностите благодет виде нашата млада култура. Нема да го заборавам восхитот на Блаже Конески, кој во 1985 година, откако свечено ја отвори изложбата „Македонската книга на други јазици“ со 400 експонати, рече: „Значи, прифатени сме од светот“. 

Нашата мизерна политика урна многу воспоставени мостови. Затоа најсурово сме казнети од бугарскиот национализам кој е дел на нивната државна стратегија. 

Каракачанов и тогаш беше активен, но ние го доживувавме како некоја будалетинка (уште еден Шешељ). Сите наши историски и уметнички книги влегуваа во Бугарија, се продаваа на саемите и граничните „свиждана“. Ни во сон не можев да помислам дека ќе го извадиме од нафталин за да ни крои иднина.  

Прошетките низ Скопје му останаа во убав спомен и на Томас Кинели, култно име во австралиската литература, автор на „Шиндлеровата листа“. Би сакал повторно да дојде, иако 85-те години не се многу погодни за долги патувања, како и моите 79. Но ќе мора да се издржи уште едно долго патување

Дали е тоа темата на вашиот следен роман ?

Не. Мојот следен роман се вика „Прости му на Ѕверот“. Таа приказна ја носам од 1990 година. Поводот е една моја авантура. Само што го убедив Џон Битов, најбогатиот Македонец, да откупи некој издавачки бренд што на берзата стои лошо во Америка, кому јас набрзо би му го вратил сјајот и би го поврзал со „Мисла“ – ми се случи хаварија. Иако угостител, градежник и концесионер, тој бистар нашинец се одушеви од мојата идеја. Но, еден ден ме повика на ручек во својот елитен хотел „Гилд ин“ и полека ме симна на земја. Ми ги покажа весниците што му ги донесол попот од Македонија и тивко рече: „Овде се објавени седум писма во кои ќе прочиташ најцрни работи за тебе. Со оглед на тоа што бдеам над угледот на моето име, ќе се вратиш во Македонија да си го исчистиш името. Ќе те чекам за да продолжиме“. Тогаш речиси се разболев поради тие анонимни писма. Но, трагајќи по авторот на писмата, кај мене полека ја снемуваше болката. А пак откако го открив изворот на тие лажни вести, почнав да градам своја теорија. Во стилот на народната: „Секое зло – за добро“. Тој скрибоман во своите мисли го издигнав како да е тренер за постигнување на олимписка норма. Што ќе правев како шеф на голема американска издавачка куќа? Ќе трупав богатство кое мене лично не ми значи ништо, ќе пушев пура, иако го мразам пушењето, и ќе пуштев голем стомак. Вака, не пуштив стомак, не пушам пура и не трупам капитали, ами си го обликував својот опус од 22 тома. И ги издавав неделните весници со кои се гордее нашата заедница. Не само што ќе му простам на Ѕверот, туку и ќе го прашам дали му треба некаква помош. 

Дента кога со синовите го празнев резбаниот кабинет за да премине во трајно владение на Македонската архиепископија, доживеав необична и незаборавна сензација. Неочекувано ме посетија двајца стари пријатели, Гане Тодоровски и Анте Поповски. “Знаеме дека Матеја Матевски треба по три дена да го промовира романот, но замоли го таа работа да ни ја отстапи нам” рекоа тие. Од тој ден поминаа цели две децении во кои го обликував својот опус. Но ми остана незавршена книгата „Прости му на Ѕверот”

Вашите романи се преведени на сите светски и големи јазици. Добитник сте на голем број домашни и меѓународни награди и признанија. Колку е трнлив тој пат од Македонија до светските престолнини на културата и литературата?

Премногу. Ова се нови времиња, еден роман мора да биде убаво раскажан, но и да кажува нешто од значење. Мислам дека имав многу добри преводи на сите мои книги. Најмногу се потруди Бредли Досон, експерт за англискиот книжевен јазик, кој им правеше супервизија на 17 мои дела. 

Малкумина знаат дека во Австралија зедов банкарски кредит за да ги отплатам енормните долгови на своето чедо „Мисла“. Иако тие луѓе ги оставив во богата, славна и раскошна компанија, ги затекнав со 26 неисплатени плати и придонеси, 157 тешки судски парници и голем банкарски кредит

Голем број јавни личности, писатели, уметници, политичари па и деловни луѓе со име и презиме се присутни во вашите романи. Дознавме некои нивни заслуги како заслужни дејци за македонската култура и наука кои се непознати во јавноста. Дали е тоа еден вид на ваше оддолжување кон нив, долг кон вистината, или револт кон нашиот примитивизам и непочитување на вистинските вредности?

Нив ќе ги сретнете во мојата автобиографска трилогија. „Мемоари на задоцнетиот романтичар“, „На пат за Ахасферија“ и „Прости му на Sверот“. Идеал ми беше една фаза од творештвото на Цвајг, сакав да оставам уникатни приказни за нашето одвеано време. Внимавав од секого да го истакнам највредното. 

Интербалканската награда за книжевност  во Грција имаше одличен прием, но во Македонија само „Дневник“ објави информација. Водителот на нивната Алфа ТВ која вршеше директен пренос од настанот ми постави дрско прашање: „Како е можно да се додели наградата на јазик и литература што не ги признаваме?“ на кое му одговорив смирено: „Веројатно заради преводот на делото на вашиот јазик што ние го обожуваме“

Не се дистанцирате од  политиката и политичарите. Жестоки се вашите критики за состојбите во татковината. Вашите колумни и јавни настапи предизвикуваат силни реакции. Имате козистентен критички став кон сите македонски влади. Во социјализмот ја формиравте првата импозантна приватна издавачка куќа „Мисла“, чие пропаѓање е опишана во вашите романи како атак на слободата и просветителството. Не ги поштедивте ни политиките на носителите на власта во Независна Македонија. Ви возвратија со лустрација. Каде го гледате излезот на Македонија? Дали се работи само за неспособност, некомпетентност  и алчност на властите или пак станува збор за историски процеси за кои е потребно многу повеќе време од полуфеудална земја пред 75 години да станаме европска демократска држава?

Во мигов Македонија поминува низ тешки искушенија. Јас сум две години постар од АСНОМ, иако бев малечок, помнам работи од 1949 кога низ Пелагонија одекнуваа топовите од границата, надлетуваа борбени авиони. Таа драма потоа ја боледувавме додека не остареа и изумреа повеќето деца бегалци. Ја помнам и колективизацијата и страшната беда со глад. Пред да го завршам факултетот се амбицирав да создадам компанија што ми навлече енормно страдање, затоа што целото стопанство беше комунистичко. И тие премрежиња ги преживеав со неколку здравствени хаварии. Со тоа што истите тие луѓе ми го доделија највисокиот Орден заслуги за народ, на извесен начин ми го признаа минатиот труд. Кога се вршеше приватизацијата веќе бев заминат од Македонија. Но мислам дека токму во тоа време државата тргна во грешен правец. Ако се угледавме на Словенците, најмалку две третини од компаниите ќе си го најдеа патот. За жал, осиромашувањето на граѓаните беше следено од енормно богатење на поединци. Чекор по чекор стигнавме до овој ѕверски лик на капитализмот. Каква е таа демократија во која левите сили ги предводи некој кој не знае колку е богат, а пак десните ги води голтар. Насекаде е обратно. Сето ова што ни се случи е последица на лажната демократија. Во овие заразни времиња ќе завладее уште поголема неизвесност. За жал, не гледам на повидок лидер со визија.

Чувам неколку спомени од златните времиња на „Мисла“. Немаше да помине недела без да ни испратат странска делегација. Веќе се гордееја што во социјализмот мојата фирма е толку витална и успешна. Најголем број на тие делегации беа од разни краеви на Кина

Вашите почетоци се во новинарството, радио Битола, „Трудбеник“, „Млад борец“ и уредник на филмската рубрика во „Нова Македонија“. И сега сте издавач на два весника на македонски јазик во Австралија. Како од оваа сегашна дистанца гледате на македонското новинарство? Која е разликата да се биде издавач и новинар во Австралија и во Македонија? Колку помага австралиската држава за непречено и независно новинарство?

„Немам добар увид во македонскиот журнализам сега. Колку што се може побрзо треба да се создадат самоодрживи институции во новинарството ако сака тоа да се спаси од пропагандите. На оваа тема подготвувам неколку прилози, мислам дека своето искуство ќе го споделам со некои разумни луѓе.

Остана ли нешто неисплукано и необезвредното во Македонија?

Имав предобар иако неписмен татко. Уште во младини тој велеше – сине, може да те валкаат, но гледај да не те извалкаат. Кога на сега покоен Томе Серафимовски, наш колос во уметноста, му кажував дека моите синови нема да дозволат валкање и на суд ќе ги поразат, тој само трепкаше со очите. Но во мене го убија господ, ми рече дури уплакано. И си умре набрзо без да се бори. Толку ми беше жал за овој гениј. Но, ден или два пред Груевски со помош на агентите да ја напушти татковината, случајно го здогледав во „Матица македонска“, си избираше еден куп книги. Баш ќе те погледнам в лице, си реков. А тој ми подаде моја книга молејќи за посвета. Му напишав срдечна посвета и го прашав: „Се спремаш за долго отсуство“. Па, така некако, ми одговори. Со здравје и со добро, му порачав на разделбата. Со други зборови, не сум оптоварен со ништо и против никого. Илјада зошто, две илјади затоа, Како би можел да се качам во авион со омраза против некого. Можеби тоа ми помагаше да ги одболедувам своите намножени болести.