Интелектуалците ѝ го обелија образот на Софија


ГОРАН АДАМОВСКИ

Во деновите кога Македонија го прославуваше Денот на народното востание во 1941 година против фашистичкиот окупатор, Бугарија ни испрати нови услови што мора да ги исполниме за да добиеме зелено светло во процесот на преговори со Европската Унија. Земјата што влезе во Унијата во 2007 година, иако заедно со Романија ни од далеку не ги исполнуваше критериумите за влез во елитното друштво, уште еднаш го уценува „помалиот брат“ со низа историски барања што треба да потврдат оти минатото ни е заедничко – т.е. бугарско. Притоа, властите на нашиот источен сосед би разговарале „само“ за периодот до почетокот на Втората светска војна. Тоа што Бугарија како дел од фашистичкиот сојуз ја окупира Македонија во 1941 година, па првите пушки во Прилеп и во Куманово пукнаа и против овој окупатор, не е тема на муабет. Измислена е, исто како и бугарското учество во депортацијата на Евреите од Македонија во логорот Треблинка во Полска.
Прифаќајќи дека фашистичките сили во Бугарија во тоа време не ја отсликувале реалната атмосфера во бугарското општество, Македонија никогаш сериозно и не се занимавала со оваа црна слика од минатото на соседите. Впрочем, по таа логика денеска немаше да бараме од Германија да ни стане најсилен поддржувач во евроинтегративните напори.
Но кај Бугарите е секогаш истата приказна. Опиени во нивниот романтичарски национализам, тие се подготвени секогаш да замижат на своите грешки, а за возврат да приграбуваат и во туѓиот двор, веројатно свесно правејќи митови за својата големина и сила. И тоа ќе биде секогаш исто, затоа што во Бугарија, кога е во прашање Македонија, исто размислуваат и младите и возрасните, и политичарите од леви и од десно, не помага тука никаков договор за пријателство, соседство, разбирање, ни „љубави“ ни „хубави“.
Или барем така мислевме, затоа што последниот ненадеен крик, на дел од бугарската интелектуална елита зборува оти, сепак, европските вредности почнале да живеат и во Софија. Овие интелектуалци порачаа дека е во ред барањето на бугарската влада да се забрза работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, но не и враќањето на јазикот на национал-комунизмот, што е апсолутно недопустливо. Дека е неумесно веќе постигнатите договори да се одразуваат во наставни програми во одредени дисциплини на училиште, на споменици, плочи и гробишта, како и во изјави и коментари на државници, политички фигури и медиуми, поврзани со историски настани. Едноставно, констатираат интелектуалците, целокупниот тон на „рамковната позиција“ кон Македонија е недопустлив. А, најзагрижувачко е што рамковната позиција на бугарската влада го потврдува потценувачкиот однос кон политичкиот и културен идентитет на нашата земја.
Уште поохрабрувачки се пораките од универзитетскиот професор, Ивајло Дичев, кој предава во Софија, САД и во Франција, според кого, добро е што Софија бара од Скопје да ги извади на виделина и да ги осуди злосторствата на југословенскиот комунистички режим, особено кон луѓето што се сметале за Бугари, но не и во истиот текст да се одрекуваат злосторствата на бугарските окупатори за време на Втората светска војна. Дичев забележува дека воспоставувањето добри односи подразбира симетрија,односно напори да направат и едните и другите.
За жал, нема оптимизам дека тоа навистина ќе се случи. Бугарија и натаму ќе инсистира дека ние сме братски народи, всушност, еден народ и две држави, а потврда за тоа е фактот дека оваа долга листа на бугарски барања дојде откако двете земји потпишаа двапати, а не еднаш, Договор за пријателство и добрососедство. Тоа што ваквите условувања се правдаат со внатрешните политички состојби и условувања не е олеснувачка околност за граѓаните во нашата држава кои се заситени од оваа ароганција од Софија, а барањата, особено во однос на блиското фашистичко минато, ги дочекаа како добар виц. Ние, пак, имаме и други проблеми. Со барањата на Софија ќе се занимаваме подоцна, сега е најважно да добиеме датум.