Инаугурацијата точно напладне, Пендаровски на полноќ ќе ја преземе функцијата
Инаугурацијата на Стево Пендаровски за петти шеф на државата, најверојатно, ќе се одржи в недела со почеток во 12 часот. Еден до два часа подоцна се планира во претседателската резиденција претседателот во заминување Ѓорге Иванов да му ја предаде должноста на Пендаровски, кој, практично, на полноќ – меѓу 12 и 13 мај ќе почне да ја извршува претседателската функција, откако оствари победа на изборите на 5 мај.
Овие детали од протоколот ги потврди во изјава за „Независен весник“ претседателот на парламентот Талат Џафери. Тој посочи дека се чека да поминат сите рокови за приговори за изборите во ДИК и евентуално во Управниот суд. Вели дека се надева дека најдоцна до недела утрото Пендаровски ќе го добие решението од ДИК дека е избран за претседател, со оглед на тоа што тоа е последниот ден од вториот мандат на Иванов.
Преку Министерството за надворешни работи, како што вели Џафери, се испратени покани за учество на инаугурацијата до повеќе странски државници и претставници на меѓународни организации, меѓу кои се и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан…
Претседателот на Собранието објаснува дека во случајов се создаде временски теснец, затоа што има само една недела од вториот изборен круг до истекот на мандатот на досегашниот претседател. Сепак, тој очекува на инаугуративната седница, во најмала рака, да пристигнат државници од дел од земјите во регионот. Вели дека, што се однесува до Собранието, ќе се направи сѐ за церемонијата за инаугурација на новиот претседател да помине во најдобар ред.