Има ли излез од аферата „Рекет“


ЃОРЃИ СПАСОВ

Откако беше избран за лидер на партијата, Зоран Заев успеа да постигне неколку големи политички остварувања. Прво успеа со невидена храброст и упорност, изложувајќи се лично на голема опасност да го демаскира лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски и да го обелодени големиот криминал и големите злоупотреби на власта во периодот 2008-2016 година. Тоа доведе најпрво до големи протести во земјата, до меѓународна поддршка за создавање фер услови за избори и до формирање на Специјалното јавно обвинителство за справување обелоденетите криминали на претходната власт.

Второ, Заев во многу кус рок по формирањето на владата со постигнувањето договори за добрососедство и соработка со Бугарија и со Грција го отвори патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ и реши прашања со соседите кои долги години наназад се сметаа за нерешливи.

И трето, покажа дека кога имате политичка програма за решавање на прашањата од најголем интерес на граѓаните, тогаш е можно да привлечете голем број гласови од граѓаните, без оглед на нивната националност и етничко потекло, односно етничките партии во Македонија да се трансформираат во граѓански со што се зацврстува внатрешното единство и политичката кохезија.

Врз основа на овие три исчекори во политиката нашата земја го зголеми својот меѓународен углед, стана побезбедна, економски попривлечна и почна да се подобрува економската состојба и стандардот на граѓаните, а и да се намалува големиот јаз меѓу најбогатите и најсиромашните.

Во такви услови, за да се оневозможи враќањето на режимот на власт, Заев мораше да испорача правда за криминалите и злоупотребите на фамилијата на Груевски, кои беа обелоденети со емитувањето на прислушуваните разговори. Една од неговите клучни цели за да успеат сите други политики беше да ги оневозможи оние што направија масовни кршење на човековите прави, кои го испокрадоа буџетот, да се појават одново во политичкиот живот во улогата на некакви „борци за правда“ и на „моралисти“, кои преку своите инсталации во судството и полицијата ќе блокираат и ќе се закануваат со враќање на власт и со политичка одмазда.

Со формирањето на Специјалното јавно обвинителство и јавното презентирање на нивните први истраги, во Македонија високо се крена и надежта на граѓаните дека и во тоа ќе се успее. За жал, во моментот кога избегаа двајцата клучни виновници за масовното нелегално прислушување (Грујовски и Бошковски) и кога подоцна побегна и инспираторот на целиот криминал за време на режимот, Никола Груевски, јавноста почна сериозно да се сомнева во способноста на власта да испорача правда. Некакво оправдување се бараше во нереформираното судство, во блокадите од Врховниот суд и немањето двотретинско мнозинство во Собранието. Сепак, се живееше во надеж дека СЈО ќе успее да дојде до клучните докази за големиот криминал во земјата и дека на крајот сепак ќе биде испорачана и правда.

Меѓутоа, тимот на Заев како да заборави дека во шаховската игра меѓу криминалот и правдата криминалот најчесто игра со бели фигури и секогаш е еден потег пред правдата. Оттаму, главната цел на поразените сили беше да се најде начин за дискредитирање на СЈО, за блокирање на законот за јавно обвинителство и целосно за спречување на правдата.

И, за жал, засега во тоа успеваат во прилична мера. Во операцијата за девастирање на СЈО искористена е една позната алатка на мафијата, позната како „поткуп“ за ослободување од притвор, враќање на пасош, но со крајна цел да се претстават некои обвиненија и истраги како „смислена операција за извлекување пари под принуда од обвинетите“. Со самиот факт што и специјалната обвинителка Катица Јанева, како најголема надеж за испорачување правда, според досегашните основани сомненија, е вовлечена во овој случај, ги стави сите кои се залагаа за правда во многу незгодна положба.

Одеднаш, предводниците и заштитниците на криминалот на претходниот режим со аферата „Рекет“ добиваат крила. Обвинетите обвинуваат за криминал, неморалните говорат за моралност и оние што постојано ја блокираа правдата говорат за „неспособност на власта да испорача правда“. Тоа, според нив, е причина за нови избори, за смена на власта и можност тие да покажат како можело да се воспостави правна држава и да се исправат сите другите „неправди“ што им ги направил премиерот Заев.

Во вакви услови, станува бесмислено власта да говори за тоа колку километри патишта изградила, што сè направила за заштита на сиромашните или за отворањето пат кон НАТО и кон ЕУ. Таа со овој случај го има оштетено својот бренд кој го градеше со низа политички продори во политиката.

Премиерот Заев едноставно не може да се амнестира од обвинувањата дека не можел да препознае измамник како Бојан Јовановски, кој од никаде, преку ноќ формираше телевизија во која вработи некои од најдобрите новинари во земјава и стана близок пријател со голем број министри и јавни личности кои се фотографираа со него во разни пригоди. Откако се појавија снимките на кои тој изнесува пари земени како поткуп за специјалната јавна обвинителка, со измама или со нејзино знаење, на јавноста ѝ стана јасно дека еден таков измамник тешко ќе успееше во таа своја улога ако преку блискоста што ја демонстрираше со власта не влеваше уверување кај обвинети лица дека би можел да заврши некои валкани работи. Всушност, таков гаф му се случи и на Бранко Црвенковски со сопственичката на ТАТ, Соња Николовска, и на Никола Груевски со Субрата Рој. Тој вид „дружења“ оставаат впечаток или за неспособност на лидерите да препознаат измамници или оставаат сомневања, независно од судскиот исход, дека нивната поддршка за активноста на такви измамници не била без очекувана некоја корист.

Во оваа смисла, каква и да биде разврската на случајот „Рекет“, таа остава горчлив вкус кај сите што посакуваа од сегашната власт да испорача правда и таа афера ја контаминира не само власта туку и новинарските имиња во телевизијата кои дадоа свој голем придонес да се случат промените на режимот на Груевски.

Но по истурено млеко, вели народот, не треба да се плаче.

Сега тимот на Заев треба да смисли како да се излезе од блокадата на СЈО, да продолжат судските процеси и истрагите а аферата да заврши што е можно побргу со судски пресуди за измама, изнудување, трговија со влијание или злоупотреба на службената положба.

Но уште поважно од тоа е да се пренасочи вниманието на граѓаните од тој скандал кон нешта кои се исто толку важни за нив.

Не е првпат во Македонија некој да нуди пари, всушност поткуп за да си реши некој голем проблем, па дури и да кажеме да се ослободи од неосновани обвиненија. И не чудо што се нашол некој да влезе во тој филм и да се појави во улогата на „олеснувач“ како Кичеец и Боки 13.

Точната улога на специјалната јавна обвинителка допрва ќе биде разјаснета. Но факт е дека во оваа „операција“ во која настрада правдата и се изгуби надежта за правда, не е оштетен буџетот на државата.

Фамилијата на Груевски од буџетот на државата преку корупции за автопатиштата, перењето пари, наместените јавни тендери и проектот „Скопје 2014“, заедно со олигарсите блиски до таа фамилија, испумпаа милијарди од буџетот на Македонија и ги ставија во приватни џебови. И таа приказна не е завршена. Од ТАТ настрадаа илјадници, во некоја рака, лакоми граѓани. Овде финансиски засега има настрадано само „сведокот жртва“ кој сè уште има шанса и да си ги врати парите.

Оттука, тимот на Заев, додека ги поднесува политичките последици од неспособноста да препознае измамници и спречи имама во своите редови не смее да дозволи една ваков скандал кога и нема докази за директна вмешаност на власта да доведе до целосно заборавање на големиот грабеж на државната каса направен од најблиските соработници на Груевски кои сакаат да се вратат на власт.

Заслугите на Заев и на неговиот тим се поголеми од ова „лизгање на банана“. И потребни се вонредни напори да се докаже тоа. Негативните вести секогаш привлекуваат поголемо внимание од позитивните.

Злобата со која се настојуваше и се настојува од страна на некои медиуми и новинари, кои и самите помогнаа да дојде до промена на режимот, да се прикаже дека ова е крај за оваа власт и дека таа и покрај негирањата од страна на „сведокот жртва“ е многу повмешана во оваа афера од она што е утврдено до сега, ѝ нанесе и нанесува голема штета на власта. Но, од друга страна, тие помогнаа да се забрза одмотувањето на клопчето околу одговорноста на пристојна дистанца од одржувањето на следните избори. И амбиентот може полека да се менува.